Фото: Пиксабеј

Европската комисија соопшти дека денеска одобрила нови 135 проекти во рамките на Инструментот за техничка поддршка (ТСИ), како помош на земјите членки на ЕУ да подготват, дизајнираат и спроведат вкупно 390 реформи во текот на 2025 година.

Според ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, одобрените проекти ќе им помогнат на земјите членки да спроведат реформи во клучните приоритетни области за зајакнување на отпорноста и конкурентноста на Унијата и за подобрување на животот на граѓаните на ЕУ.

Од вкупниот број реформи, 109 се насочени кон подобрување на деловното опкружување, поттикнување на иновациите, изградба на економија со нето нула емисии на штетни гасови и промоција на економската безбедност на Унијата.

Над 130 реформи се насочени кон поддршка на дигиталната транзиција, со посебен фокус на примената на вештачката интелигенција и иновативните технологии, 40 за справување со заедничките предизвици на земјите членки, а 119 за зајакнување на капацитетите на јавните администрации .

Инструментот за техничка поддршка (ТСИ) има за цел да им помага на земјите членки на ЕУ да ги реализираат своите реформски агенда во широк опсег на политички области. ТСИ не обезбедува директна финансиска поддршка, туку висококвалитетна и приспособена експертиза и знаења во форма на стратешки или технички совети, студии за проценка за реформските потреби, обука или експертски мисии.

Преку ТСИ се обезбедува техничка поддршка за сите 27 земји членки за спроведување на повеќе од 2000 реформи во повеќе области, меѓу кои и во администрацијата, менаџирањето со јавните финансии и служби, деловното опкружување, пазарот на труд, образованието, социјалните услуги, миграцијата, финансискиот пазар и пристапот до финансии. Од досега поддржаните реформи преку ТСИ, близу 500 се поврзани со плановите на ЕУ за закрепнување и отпорност.