Американскиот претседател Џо Бајден ќе претстави помош вредна речиси две милијарди долари и ќе го соопшти доставувањето на ракетниот систем Патриот за да ѝ помогне на Украина во засилување на одбранбените капацитети, при денешната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон, објавува „Блумберг“. Предвидено е украинскиот лидер да се сретне со Бајден и да се обрати во американскиот Конгрес, каде што ќе има можност да упати апел за понатамошна помош од САД, во неговата прва странска посета откако почна војната во Украина.
Американските и украинските власти ја планираат посетата со недели, вклучувајќи меѓусебни разговори и со европските функционери за обемот на помошта на САД за Украина.
– Киев бара оружја кои смета оти можат да му донесат победа, но Вашингтон се колеба, што ги фрустрира украинските власти во ситуација во која се обидуваат да постигнат напредок на бојното поле и да продолжат со контраофанзивата – наведува „Политико“.
Поранешниот американски амбасадор во Украина, Бил Тејлор, истакна дека „на Зеленски му е потребно оружје со долг дострел за да се справи со очекуваната руска офанзива“.
Администрацијата на Бајден изрази подготвеност да ги поддржи напорите на Киев за борба против руските сили, но се противеа на пружање помош што би им овозможила на Украинците да стрелаат ракети со долг дострел на руските позиции во Русија. Станува збор за оружја за кои Украинците сметаат дека се клучни за враќање на загубената територија.
Се очекува украинските претставници на состанокот со Бајден и неговиот тим да упатат нов апел за снабдување со ракетни системи АТАКМС и со дронови, според извор на „Политико“ упатен во состојбата.
Но американските власти не се подготвени за промена на ставовите. Белата куќа отворено се спротивстави на испраќање на АТАКМС во Украина, сметајќи дека трошоците се високи. Згора, се смета дека испраќањето на ваквите ракети би можело да го испровоцира рускиот претседател Путин за потенцијална употеба на поубоито оружје во Украина. Таквото колебање на САД претставува причина за загриженост на украинските власти, кои од избивањето на војната бараат модерно оружје, а САД и западните сојузници дејствуваат бавно за исполнување на таквите барања, заклучува американскиот магазин, додавајќи дека испораката на ракетите Патриот ги изненадила и украинските претставници.