Фото: Х.И.

ЕКСКЛУЗИВНО: 600 ДЕНА ВОЈНА МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ХАМАС (3)

– По поклонението во Ерусалим, заминав на север, покрај Галилеја до Голан. Токму Исус ја избрал Галилеја под планината Хермон за место каде што ќе живее поголем дел од својот живот и ќе ја шири својата мисија, еден прекрасен и богат предел во кој се испреплетуваат историјата, освојувањата, битките, крвопролевањата

– На тромеѓата Израел-Сирија-Либан живеат околу 34.000 Друзи, една специфична етничка група што се пронашла и се вклопила во израелското општество. Во нивниот најголем центар, градот Мајдал Шамс, лани од либанска страна, се верува дека тоа било направено од Хезболах, била истрелана граната што на фудбалско игралиште уби 12 деца. Како Друзите го преживуваат тоа? Што значи ова за иднината на земјата и воопшто – дали е можен мир во тој библиски простор?

Да се биде во стариот дел на Ерусалим значи да се види една историја на јудаизам, на христјанство, на ислам. На ѕидови што раздвојуваат и верски објекти што спојуваат. На фалсификувана историја, но тоа е не само прашање за анализа туку анатема фрлена врз Македонците. Тие што биле на гробот на Исус веројатно виделе една грчка црковна хегемонија. Еден натпис комплетно префабрикуван каков што е натписот ИНРИ-НИКА закован на крстот на кој бил распнат Исус. Во црквата е поставена плоча со грчки букви, но наместо ИНРИ стои ИСХС. Богохулие! Ктиторот на црквата, македонскиот император Константин веројатно се превртува во гробот. Но и покрај овие историски мешетарења со верата и Бог, се чувствува неверојатната енергија што ја оставил Исус. Енергија за сите.
Со автобусот се упатувам на север, на тромеѓата Израел-Сирија-Либан. Тешко место од антиката до денес. Сите сакале да го имаат за себе, не само Ерусалим, но и Голан. Зошто? Патот неизбежно нѐ води преку Галилеја и Галилејско Море, кое е всушност езеро. Големо количество пивка вода што го прави регионот цел на освојувачи.
Прекрасен предел во кој токму Исус ги поминал најубавите години во животот, каде што на галилејските води му дал благослов на Св. Петар. Над Голан се извишува планината Хермон, се крева величествено. Таа е и граница со Сирија. Застануваме на набљудувачката точка Бентал, од каде што двете граници се гледаат на дланка. Во близината на двете езерца има пункт на мировниците на ОН.
– Нашата војска имаше наменски интервенции за наша заштита. Но нашите воени планови не се за да останеме во Сирија. Не сакаме да ја искористиме сегашната состојба во таа земја за наши територијални апетити. Не сакаме да ги повториме грешките што ги направивме со Хамас и со Хезболах. Сирија не е закана за нас – вели Давид Барух, портпарол на Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Фото: Х.И.

ШЕСТОТИНИ КИЛОМЕТРИ ТУНЕЛИ ПОД ГАЗА

Го прашуваме и за состојбата во Газа, што е најново, а тој нѐ информира дека се во тек воени операции, но е почната и достава на хуманитарната помош. Во меѓувреме е откриен голем магацин на Хамас преполн со храна, со што се потврдува дека локалното население во Газа страда под теророт на Хамас, но и други организации и банди. Резервниот генерал-потполковник Барух, кој во цивилка работи како туристички водич, вели дека во моментов Хамас е сериозно разбиен, неговата командна структура е речиси комплетно растурена и дека на теренот се одвива вистински хаос.

Фото: Х.И.

Во врска со приказните за подземните тунели под Газа, тој вели дека е тоа реалност: „Ние откривме многу. Градени се многу години, со извонредна логистика. Сметаме дека постојат околу 600 километри подземни тунели“.

Во врска со состојбите во регионот на Голан, тој вели дека било евакуирано селото Метула, крајна точка на границата со Либан и дека на повикот за евакуација се одзвале 60.000 лица. Повеќето уште не се вратени во домовите, а тоа забележливо се одразило врз земјоделското производство.

Фото: Х.И.

ДАЛИ ХЕЗБОЛАХ СТРЕЛАШЕ ВО ДЕЦАТА?

Како клучен проблем за односите со Либан, Барух наведува дека Хезболах не го почитува договорот УНИФИЛ потврден со резолуцијата 1701. Прашан да направи споредба меѓу Хамас и Хезболах, Барух само кусо кажа: „Хезболах се смета за реална армија“. Но дали токму Хезболах изврши масакр во едно село на Друзите на 27 јули 2024 година? Експерти утврдиле дека на тој црн ден од либанска страна е истрелана ракета што паднала врз фудбалско игралиште во градот Мајдал Шамс. Биле убиени 12 деца и повеќе биле повредени. Уште една длабока воена рана врз Израел, но и причина за засилени воени дејствија во тој дел. Токму од Мајдал Шамс, главниот град на Сирија, Дамаск, е на само 50 километри.

Фото: Х.И.

Адам Сафди во ракетниот напад загубил две деца – ќерката и синот. Не станале ниту тинејџери.
– Што згрешија децата? Тие само играа фудбал, сакаа да се забавуваат. Јас дојдов меѓу првите на игралиштето кога одекна силната експлозија. Видов пеплосани дечиња, ранети, плачење и лелеци. Меѓу настраданите беа и моите две деца, го опишува трагичниот настан Сафди додека ја витка капата во дланките гледајќи во земјата.
– Си ја барав ќерката, знаев дека игра фудбал. Беше убиена. Дванаесет наши ангели беа убиени, а 47 ранети. Ова е најубавото место на светот. Се занимаваме со земјоделство. Имаше убав живот – се надоврзува еден негов роднина.

Фото: Х.И.

Мајдал Шамс полека се крева од пепелта. Но последиците се чувствуваат. Друзите, како што ни објаснија, имаат специфична религија, затворена за другите и малку разбирлива. Нивните свети книги не се достапни за другите. Тие веруваат во реинкарнација и затоа погребните церемонии траат само до максимум шест часа, без големо тажење. Потоа телата на починатите се положуваат во една специјална гробница, а дури по две години останките се поставуваат во гроб. Овој пат церемониите оделе поинаку, зашто таква несреќа тие не доживеале. Ни рекоа дека религиозната свест се заканува да биде изместена од нивната оска, нешто што никогаш не се случило, а имало тешки моменти во историјата. Судбината сакала тие да бидат поделени, да се довикуваат со нивните роднини преку границата користејќи рогови.

Фото: Х.И.

Пред да заминеме од живописното планинско гратче, бевме гости кај едно семејство, кое на софрата ни постави нивни локални специјалитети и превкусни цреши. Животот мора да продолжи иако некогаш наликува на пролеана крв, или на црвени цреши, или на булки. Има премногу симболи што даваат надеж.

Децата родени во Ерусалим и во Газа се исти деца

Израел во моментов е во голема војна против палестинските вооружени формации во Газа. Дали наскоро е можен мир? Луѓето во Израел веруваат дека тоа е можно, но не се оптимисти дека тоа е возможно сега. Повеќемина на кои им го поставивме ова прашање ни рекоа дека во моментов постои голема омраза и оти ќе треба да поминат две или три генерации за да се постигнат вистинско решение и цврст и траен мир.
Ќе потсетам на прекрасната вечера со Мајкл Голдштајн и неговата сопруга Изабел. Неговите зборови навлегуваат длабоко во суштината на проблемот.

Фото: Х.И.

„Како Евреин роден во семејство што пораснало во повоена Франција, бев воспитан со песните на Жорж Брасенс и пејачката Барбара. Барбара беше еврејско дете за време на нацистичката окупација на Франција, а по војната, по посетата на градот Гетинген во Германија, таа ја објави песната наречена ’Гетинген‘ (според мене една од најубавите француски песни) во која пееше дека децата во Париз и Гетинген се исти деца… Оваа песна беше камен-темелник во процесот на помирување меѓу Французите и Германците.

Фото: Х.И.

Верувам дека децата родени во Ерусалим и во Газа се исти деца, но единствениот начин да се постигне помирување е да се елиминира образованието на омраза во арапскиот и муслиманскиот свет (барем делумно) кон Евреите и државата Израел“.
Шалом!
(крај)

(Овие репортажи од Израел не ќе беа возможни без поддршка на израелската влада, амбасадорката во заминување на Израел во Македонија, Симона Франкел, новоименуваната амбасадорка Вивиен Аисен, почесниот конзул на Израел во Македонија, Градимир Шумковски. Голема благодарност и до домаќините од болницата „Шеба“, чии лекари помогнаа по несреќата во Кочани. Особена почит и благодарност за скулпторот од светски глас, роден во Скопје, само еден ден пред Евреите да бидат однесени во Монополот, а потоа во Треблинка, Мати Гринберг. Тој е еден од македонските Евреи што ја негуваат соработката меѓу двата стари и блиски народи).