Двете страни во конфликтот, покрај човечките жртви, бележат огромни материјални загуби, се вели во Извештајот

Објавувањето на извештајот за воениот биланс на Меѓународниот институт за стратегиски студии за 2023 година доаѓа речиси една година по почетокот на руско-украинската војна, која започна на 24 февруари 2022 година.

Анализата на воените експерти од Меѓународниот институт за стратегиски студии главно се заснова на информации и слики од беспилотни летала со отворен код и сателити што следат случки и настани на бојното поле, од почетокот на војната. Какви информации понуди годишниот извештај/анализа на Меѓународниот институт за стратегиски студии (IISS)

Започнувајќи ја презентацијата на годишната ревизија/анализа на воениот биланс на вооружените сили во светот, претседателот на Меѓународниот институт за стратегиски студии (IISS) Џон Чипман, најпрвин се осврна на Русија и на Украина, односно на руско-украинскиот судир. Тој констатира дека војната била „политички и воен неуспех за Русија“, истакнувајќи ги недостатоците во лидерството и недостатоците во нејзиниот воен арсенал, и покрај напорите за модернизација на армијата од страна на Кремљ.
– Активностите на Русија во изминатата година отворија прашања не само за компетентноста на нејзиното воено и високо воено раководство туку и за командната кохезија – истакна претседателот на Меѓународниот институт за стратегиски студии (IISS), Џон Чипман.

За Русија

Во извештајот на Меѓународниот институт за стратегиски студии се истакнува дека Русија претрпела значителна загуба на воена моќ, вклучувајќи го и поголемиот дел од нејзината најсовремена опрема. За руската армија, човечките загуби во првите фази од инвазијата биле компензирани со мобилизација, но тоа резултира со прилив на помалку искусни војници.
Институтот во својата анализа забележува промена во составот на руската воена опрема: речиси половина од нејзините тенкови „Т-72Б3“ и „Т-72Б3М“ и многу „Т-80“ биле изгубени, па руската армија морала да ги замени овие загуби со постара опрема.
Се проценува дека руската армија изгубила речиси 40 отсто од својата предвоена флота тенкови, по девет месеци борби во Украина. Загубите се зголемуваат до дури 50 отсто за некои од клучните тенкови што се користат во борбите, што ја принуди Русија да допре до своите сè уште значителни резерви од времето на Студената војна.
Бројот на тенкови на Русија во нејзината армија е намален од 2.927 на 1.800, додека има особено големи загуби на „Т-72Б3“. Тоа е надградена верзија што првпат ѝ беше испорачана на руската армија во 2013 година.
Тешките загуби на бојното поле, според анализата на Институтот, се изедначуваат со „околу 50 отсто од предвоената опрема на тенковското вооружување“, а бавното индустриско производство „ја принудува Москва да се потпре на своето старо складирано оружје како замена“.
Рускиот оптимизам значеше дека претрпе големи загуби на тенкови на почетокот на војната, особено во неуспешниот напад на Киев, каде што беа уништени голем број тенкови и оклопни возила што се движеа во конвој на патиштата северно од главниот град.
Во анализата се истакнува уште една интересна информација, имено дека „руските трупи очекувале дека ќе бидат поинаку пречекани во Украина, а во некои случаи тенковите носеле т.н. параден фустан (не панцирен), со верување дека по блицкригот тенковите ќе бидат искористени за свечена воена парада“ на улиците на Киев. Наместо тоа, тие беа „здраво собрани“ од украинската артилерија и пешадија, која користејќи противтенковско оружје уништи голем дел од руските тенкови.
Има малку знаци за подобрување во тактиката на војување со тенковите, а се проценува дека неколку десетици тенкови биле изгубени во борбите од крајот на јануари во досега неуспешниот обид да се заземе градот Вуледар во Донбас. Со користење извидувачки беспилотни летала, Украина успеа да уништи извесен број тенкови и со својата прецизна артилерија.
Но иако загубите на бојното поле се забележливи, Русија задржува голем број стари тенкови на долгорочно складирање, кои моментално се проценуваат на 5.000, што значи дека Москва може да продолжи да ја следи „стратегијата за трошење“ уште некое време.
Според извештајот, што се однесува до руската авијација, Русија изгубила од шест до осум отсто од своите тактички борбени авиони, но загубите на некои видови достигнуваат од десет до 15 отсто.

За Украина

Кај Украина, институтот во својата анализа забележа дека „бројот на тенкови се зголеми на 953 од 858, бидејќи делумно ги надомести сопствените загуби со заробени околу 500 тенкови од Русија“.
Исто така, „Украина има значајни донации од оклопни орудија од Полска, Чешка од советската ера“, но нејзината тенковска сила моментално е сè уште „половина од онаа на Русија“, се вели во анализата.
Киев се надева дека ќе добие голем број западни тенкови и борбени возила во следните неколку месеци, кои планира да ги искористи за да постигне пробив на бојното поле. Но за потсетување, германскиот министер за одбрана Борис Писториус сепак предупреди во средата дека досега има само „половина баталјон“ тенкови „леопард 2“ за испраќање во Украина, 14 понови тенкови А6 од типот „леопард“, како и три од Португалија. Полска исто така се обврза да испрати баталјон од тенкови „леопард 2“ во Киев и во моментов ги обучува украинските војници да ги користат, но Писториус рече дека „многумина“ не се способни за битка.
Во врска со анализата на Меѓународниот институт за стратегиски студии (IISS), аналитичарот за копнени воени операции Бен Бери рече дека смета дека Украина на крајот ќе добие околу четвртина од 1.000 тенка и борбени возила што ги барала. Според Бери, тоа може да му даде „тактичка предност“, доколку биде придружена со доволно муниција и резервни делови. И покрај тоа, не е јасно „дека Киев има доволно борбена моќ за брзо исфрлање од колосек на руските сили“.
Бери заклучи дека, како резултат на тоа, „може да очекуваме уште една крвава година“ во која борбите би биле непредвидливи – по период во кој се проценува дека најмалку 200.000 луѓе ќе се убиени или ранети од двете страни.
Институтот во анализата наведува дека Киев изгубил речиси половина од својата воздушна флота на тактички борбени авиони.