Со претстојните промени на германскиот граничен режим
Официјален Берлин во понеделникот соопшти дека граничните контроли воспоставени со Австрија од 2015 година, како и со Полска, Чешка и Швајцарија од минатата година, од идната недела ќе бидат проширени на Франција, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска. Централната позиција на Германија во ЕУ и нејзиниот статус како најголема економија во блокот значат дека контролите што треба да стапат во сила на 16 септември, во првите шест месеци би можеле да имаат влијание што ќе досегне и надвор од границите на земјата
Одлуката на Германија за зајакнување на контролите на нејзините копнени граници му нанесува тежок удар на целото слободно движење низ Европа и може сериозно да го тестира единството на Европската Унија, пренесуваат светските медиуми.
Официјален Берлин во понеделникот соопшти дека граничните контроли воспоставени на германската граница со Австрија од 2015 година, како и со Полска, Чешка и Швајцарија од минатата година, од идната недела ќе бидат проширени на Франција, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска.
Германија и деветте земји со кои ги дели копнените граници – Франција, Луксембург, Белгија, Холандија, Данска, Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија – се дел од шенген-зоната, каде што проверките на пасошите на границите се официјално укинати. Сепак, прописите на шенген-зонат им дозволуваат на земјите привремено повторно да воведат проверки на пасоши во случај на безбедносна закана.
Миграцијата и подемот на десницата ги диктираат промените?
Заострувањето на граничниот режим се чини оти се должи на зголемената загриженост во Германија поради миграцијата, која се покажа како клучно прашање и на неодамнешните регионални избори.
– Овој потег ќе ја спречи миграцијата и ќе „заштити од акутните опасности од исламистичкиот тероризам и сериозниот криминал – изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.
Последниот во серијата смртоносни напади со нож, во кој осомничените беа баратели на азил, во Солинген минатиот месец, се случи неколку дена пред регионалните избори во источна Германија, кои резултираа со историски успех на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) во две покраини. Анкетите покажуваат дека миграцијата е исто така голема грижа на гласачите во Бранденбург, каде што се одржуваат избори за две недели.
Сепак, се чини дека граничните контроли што ги најави министерката првенствено се реакција на изборниот успех на АфД, а само делумно одговор на смртоносните терористички напади извршени од исламисти, бегалци од Авганистан и Сирија, во изминатите месеци во градовите Манхајм и Солинген.
– Се чини дека намерата на владата е симболично да им покаже на Германците и на потенцијалните мигранти дека последниве повеќе не се добредојдени тука – рече Маркус Енглер од Германскиот центар за интеграција и истражување на миграцијата.
Фезер додава дека новите контроли ќе вклучуваат шема со која ќе се овозможи повеќе луѓе да бидат вратени назад директно на границата, но одби да навлегува во детали.
Изразена загриженост за влијанието надвор од Германија
Функционери и дипломати во Брисел изразија вознемиреност од промената на германските прописи, нарекувајќи го потегот „транспарентен“ и „очигледно насочен за домашна употреба“. Но централната позиција на Германија во ЕУ и нејзиниот статус како најголема економија во блокот значат дека контролите, кои треба да стапат во сила на 16 септември, во првите шест месеци би можеле да имаат влијание што ќе досегне и надвор од границите на земјата.
Во принцип, европската шенген-зона, која беше создадена во 1985 година и сега вклучува 25 од 27-те земји членки на ЕУ, плус уште четири други, вклучувајќи ги Швајцарија и Норвешка, овозможува слободно движење меѓу нив без гранични контроли. Дозволени се привремени проверки во итни случаи и во исклучителни околности за да се избегнат конкретни закани за внатрешната безбедност или јавната политика, а вообичаено се наметнуваат по терористички напади, за големи спортски настани, како што беа во сила и за време на пандемијата.
Треба да се земе во обѕир и економската вредност на шенген-зоната. Во извештајот на фондацијата „Бертелсман“ од 2016 година се проценува дека повторното воведување контрола на внатрешните граници ќе ја чини Европа околу 470 милијарди евра во текот на десетгодишен период.
Сепак, сè повеќе европски влади, честопати под притисок на десничарската реторика за имиграцијата, повторно наметнуваат проверки без оправдување за конкретни закани или јасни аргументи за тоа како контролите можат да помогнат во нивно ублажување. Иако за имиграциските политики и процедури се одлучува на национално ниво, европското слободно движење, според познавачите на состојбите, претставува лесен начин за стекнување политички поени.
Р.С.
Гранични контроли вршат и Австрија, Франција, Италија…
Покрај Германија, членките на шенген-зоната што во моментов вршат контроли на одредени граници ја вклучуваат Австрија, која ги наведува безбедносните закани поврзани со војната во Украина и притисокот врз азилот за проверка на пристигнувањата од Словачка, Чешка, Словенија и Унгарија.
Данска, повикувајќи се на терористички закани поврзани со војната во Појасот Газа, врши проверки на копнениот и поморскиот транзит од Германија, а Франција ги проверува пристигнувањата во шенген-зоната врз основа на зголемена терористичка закана.
Италија, Норвешка, Шведска, Словенија и Финска исто така вршат гранични проверки, наведувајќи ги како причини заканите од терористички и разузнавачки активности, војните во Украина и на Блискиот Исток, зголемениот миграциски тек и организираниот криминал на Балканот.
Како гарант на Шенгенскиот договор, Европската комисија (ЕК), која беше известена за плановите на Германија во понеделникот, генерално ги прифати оправдувањата на земјите членки за повторно воведување привремени контроли. Упатените очекуваат дека ЕК ќе го стори истото тоа за барањето на Берлин, и покрај фактот што се чини дека не постои јасно практично оправдување за проверки на сите девет граници на земјата. Комисијата завчера соопшти дека на земјите членки им е дозволено да преземат таков чекор за да се справат со „сериозна закана“, но мерките треба да бидат „неопходни и пропорционални“ и мора „да останат строго исклучителни“. Р.С.
Владејачката коалиција на Шолц бара политички спас
Соочена со можна изборна победа на десницата, која се наѕира за 11 дена, владејачката коалиција на германскиот канцелар Олаф Шолц и неговите министри се чини дека се фаќаат за сламка за спас кога станува збор за миграцијата, пишува европското издание на магазинот „Политико“.
На тој начин коалицијата на Шолц се наоѓа под притисок од странство да не презема дејства што би довеле до распад на шенген-зоната, како и под зголемен политички притисок дома за да ги врати мигрантите на германските граници.
Членовите на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја притискаа владата на Шолц да ги врати барателите на азил што се обидуваат да влезат во Германија од други земји на ЕУ – потег што веројатно ќе создаде домино-ефект низ Европа, велат експертите, додека другите земји ги затвораат своите границите и за барателите на азил. Германските министри во коалициската влада, наместо тоа, се залагаа за спроведување брзи процедури за депортирање на барателите на азил во други земји на ЕУ за кои се смета дека се одговорни за обработка на нивните барања.
Членовите на опозициската ЦДУ во вторникот учествуваа на состанок со лидерите од владејачката коалиција, со наведена цел да се постигне меѓупартиски договор за построги гранични мерки. Но претставниците на ЦДУ се оттргнаа од тие разговори кога стана јасно, како што рекоа, дека „коалициската влада не сака да оди доволно далеку“ за преземање дополнителни мерки.
– Федералната влада е очигледно безнадежно внатрешно поделена и не може да се договори за ефективни мерки – наведе лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, во објава на социјалната мрежа Икс. Р.С.
Членките на ЕУ веќе се мобилизираат за одговор на новите германски прописи
Полскиот премиер Доналд Туск завчера остро ја критикуваше одлуката на Германија да ги заостри контролите на сите нејзини граници, вклучувајќи ја и онаа што ја дели со Полска.
– Овој вид на акција е неприфатлив од полска гледна точка. Внатрешната политичка ситуација во Германија е таа што предизвикува преземање на овие чекори, а не нашата политика кон илегалната миграција на нашите граници – рече Туск на прес-конференција во Варшава.
Тој повика на зајакнување на обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ.
– Она што ѝ треба на Полска не е зајакнување на контролите на нашата граница, туку зајакнување на учеството на државите, вклучувајќи ги и оние како Германија, во чувањето и обезбедувањето на надворешните граници на Европската Унија – додаде Туск, мислејќи на полските заеднички граници со Белорусија, Украина и со руската енклава Калининград.
Односите меѓу Берлин и Варшава веќе беа затегнати и пред објавата за воведување нов граничен режим во Германија. Неодамнешното одбивање на Полска да го прифати германското барање за апсење украински државјанин што живее на нејзина територија, осомничен дека е вмешан во уништувањето на гасоводот „Северен тек 2“, ги влоши односите помеѓу Русија и Германија.
Полска најави консултации со други држави за можно дејствување на ЕУ во однос на германската одлука.
– Ќе побараме од другите земји погодени од овие одлуки од Берлин во наредните часови итно да се консултираат со сите соседи на германската држава за дејствување во ЕУ по ова прашање – рече полскиот премиер.
Австрија, која исто така граничи со Германија, побара од својот министер за внатрешни работи Герхард Карнер да им каже на новинарите оти неговата земја нема да ги прими назад мигрантите што германските власти ги вратиле на австриско-германската граница, пренесува „Асошиејтед прес“.
Од друга страна, во Холандија, Герт Вилдерс, лидер на најголемата партија во парламентот, националистичката Партија за слобода, му рече на холандскиот парламент во вторникот дека Холанѓаните треба да го следат примерот на Германија, како што пренесува холандската телевизија НОС. Р.С.