Фото: ЕПА

Зошто назначувањето на Мишел Барние за нов француски премиер покажува дека шефот на државата е во политички ќор-сокак?

Според испитувањето на јавното мислење реализирано од „Ипсос“, 51 отсто од Французите сметаат дека претседателот Макрон треба да поднесе оставка, наспроти 49 отсто, кои го мислат спротивното. Лидерот на Бунтовна Франција, Жан Лук Меланшон, се залага за разрешување на претседателот, Марин Ле Пен зборува за оставка, Филип Едуар зборува за хипотеза и дека е подготвен да биде кандидат

Тони Гламчевски, дописник
на „Нова Македонија“ од Стразбур

По два месеца поминати да размислува и преговара, францускиот претседател Емануел Макрон го избра својот нов премиер – Мишел Барние, петти по ред премиер во изминатите седум години на претседавање со Франција. Мишел Барние не е нов во политиката и тој е олицетворение на она што Макрон сакаше да го надмине во 2017 година кога дојде на власт, односно старата политичка класа. Барние е конзервативец со неоголистичко наследство, има 73 години – тој станува најстариот премиер на Петтата република, стапувајќи на функцијата на местото на најмладиот, Габриел Атал – и има политичка биографија долга колку неговата рака: пратеник, претседател на департманскиот совет на Савоа, четири пати министер (во времето на Ширак и Саркози), двапати еврокомесар и конечно главен преговарач на Европската Унија за брегзит. Тој се претстави во 2021 година на републиканскиот конгрес за да го номинира десничарскиот претседателски кандидат, неуспешно во првиот круг, со само 23 отсто од гласовите. Барние е назначен со „амин“ од Марин Ле Пен, што најубаво го илустрира „Либерасион“ на насловната страна.

Неговото назначување покажува дека шефот на француската држава се чини дека е во политички ќор-сокак, што на крајот може да бара од него да организира нови претседателски избори, односно негова оставка.

Што ако ја тресна вратата на Елисејската палата? Ова долго време беше прогнозата на Марин ле Пен. Претседателот на РН, Жордан Бардела, во јуни рече: „Еден ден Емануел Макрон ќе телефонира и никој нема да одговори, потоа ќе телефонира кај друг и пак ќе биде истото. Нема да издржи, ќе поднесе оставка“…

Ова е и облогот на Едуард Филип, поранешниот премиер на Емануел Макрон, чија мала политичка формација Хоризонти е дел од Макроновата коалиција. Тој во вторник ја претстави својата кандидатура за претседателските избори за да биде подготвен во случај на предвремени избори. Тој ќе побарал од членовите на политичкото биро на неговата партија Хоризонти „да бидат подготвени за напролет“, за секој случај. „Тој смета дека по мај сè може да се смени: во јуни може да има ново распуштање, во септември, во случај на блокада на буџетот, ставање во прашање на претседателот што би го натерало да поднесе оставка“, дешифрира еден добар познавач на филипистичката мисла. Но другото прашање е дали политичкиот ќор-сокак што се чини го претставува именувањето нов премиер не може дополнително да ги забрза работите?

Се чини дека Емануел Макрон всушност не можеше да најде кандидат за премиер што може и да ги задоволи неговите барања и да постигне мнозинство. Пресвртите што се случија во средата го докажуваат тоа. Името на Ксавиер Бертранд требаше да биде објавено на местото на Габриел Атал и Пататра… Околу 18 часот левото крило на макронијата и особено блиските до премиерот во оставка ставија до знаење дека програмата со која претседателот на Горна Франција пристигна беше премногу десничарска за нив. Елисејската палата потоа објави дека повторно започнува нов циклус на консултации.

Емануел Макрон, всушност, се надева дека идниот закупец на Матињон останува верен на главните линии на политиката што се спроведува од 2017 година. Но, како, во овие услови, да најде поддршка во Собранието надвор од редовите на дел од поранешното мнозинство и ЛР (републиканците). Сепак, неопходен е поширок сојуз за да се избегне каков било ризик од цензура. Сепак, нема што да се очекува од РН (Националниот собир), ништо од ЛФИ (Бунтовна Франција) и од екологистите. ПС (социјалистите) беше многу јасна во Блоа: нивните пратеници ќе го цензурираат секој премиер што сака да ја продолжи политиката на Емануел Макрон и кој не ја укинува пензиската реформа. Незамисливо за претседателот што сака да ги спаси своите достигнувања. Но претпочитајќи компатибилен премиер, Макрон, ризикува да го види како паѓа на првата иницијатива за цензура, без воопшто да расправа за буџетот за кој, во овие услови, не може да се гласа навреме.


Назначувањето на Мишел Барние предизвика многубројни реакции

Беа потребни 51 ден за да се најде наследник на Габриел Атал. Во четвртокот, преку многу кратко соопштение за медиумите, Елисејската палата го објави назначувањето на Мишел Барние во Матињон. На социјалните мрежи политичарите побрзаа да го коментираат именувањето на 26-от премиер на Петтата република. Ако левицата го оспори изборот на Емануел Макрон, десницата беше воодушевена од назначувањето на еден од своите кога Националниот собир (РН) одлучи да прифати, засега, неутрална позиција. Оние што му се лојални на Емануел Макрон, од своја страна, ја изразија својата воздржаност.

Бенџамин Лукас, пратеник на генерацијата С од Ивлин, не го ни дочека официјалното соопштение за да го осуди назначувањето на поранешниот министер на Саркози.
– Претседателот се подготвува да го номинира губитникот на прелиминарните избори на ултрамалцинската политичка сила на гласачките места и маргиналните во Националното собрание. Демократијата погазена. Пораз – истакна Лукас.

Како него, левичарските политички лидери главно ги фокусираа своите напади на Емануел Макрон и добронамерноста на РН.
– Речиси постои сигурност дека, ако Мишел Барние можеше да биде назначен од претседателот Макрон, тоа е затоа што РН, токму екстремната десница, даде форма на согласност. Верувам дека ќе мора да му објасни на Собранието – осуди Франсоа Оланд.

Анализата што ја сподели шефицата на еколозите, Марин Тондлие, гласи: „На крајот знаеме кој одлучува: нејзиното име е Марин Ле Пен. Нејзе Макрон реши да ѝ се подведе“.

Критиките одекнуваат на изјавите на Марин Ле Пен во врска со премиерот. Пратеничката од Па-де-Кале во четвртокот наутро објави дека Националниот собир „ќе чека да се позиционира декларацијата за општата политика на Мишел Барние“. За неа, вториот „се чини дека го исполнува критериумот (…)“ што го бара РН за да не го цензурира автоматски, имено „човек што ги почитува различните политички сили“. Дадено одложување, со што се отвора патот за неговото назначување.

На страната на Бунтовна Франција (ЛФИ), шефицата на пратениците, Матилде Пано, го осуди одбивањето на претседателот на Републиката „да ги почитува народниот суверенитет и изборот што произлегува од гласачките кутии“. Против „овој неприфатлив државен удар“, ЛФИ ги повика своите приврзаници да демонстрираат на улиците на 7 септември. Пратеникот од Вал-де-Марн, исто така, ја сподели дигиталната петиција што ја лансираше ЛФИ со која се повикува на разрешување на Емануел Макрон, која до денес има собрано повеќе од 225.000 потписи. Неговиот пријател Мануел Бомпард ја потврди намерата на ЛФИ да ја цензурира следната влада. Во палатата „Бурбон“, ситуацијата ветува дека ќе биде тешка за премиерот.

Всушност, повеќе од веројатно е дека 193-те пратеници на Новиот народен фронт (НФП) автоматски ќе гласаат за недоверба на следната влада. Така, 126-те парламентарци на РН ќе имаат доволно време да им се придружат во случај на несогласување со извршната власт и во голема мера да го урнат (319 гласа за 289 потребни) тимот предводен од Мишел Барние. Во Собранието, таа ќе може да смета на гласовите на 47 пратеници означени како „Републиканска десница“. Меѓу нив, претседателот на групата, Лоран Вокие, кој го поздрави назначувањето „човек со голем квалитет што ги има сите средства да успее во оваа тешка мисија што му е доверена“. Неговата колешка Ени Женевар го пофали човекот што „ги знае приоритетите поставени од нашето политичко семејство наменети да ги исполнат очекувањата на Французите“. Градоначалникот на Кан, Дејвид Лиснар, кој некогаш се очекуваше да биде назначен за премиер, му честиташе на новиот премиер пред да се израдува на „ова назначување, кое, за среќа, става крај на блокадата многу штетна за Франција“.

Во редовите на макронистите веста се прима поладно. Додека претседателот на палатата „Бурбон“, Јаел Браун-Пиве, експресно побара од претседателот на Републиката „да свика вонредна седница што е можно поскоро“, за да може Мишел Барние брзо да зборува во хемициклот, макронистите изгледаат мрачно. Во соопштението за печатот, Ренесанса, партијата основана од Емануел Макрон, објави дека нејзините пратеници (99) нема да гласаат за „автоматска цензура“ против владата што треба да ја формира Мишел Барние, туку ќе постават „суштински барања, без бланко чек“. Став што е изненадувачки дури и ако, во макронијата, во последните денови се кренаа неколку гласа за назначување левичарски премиер, особено на министерот во оставка Ањес Паниер-Рунашер.

Саша Хулие, коосновач на Младите со Макрон и сега нерегистриран пратеник за Виена, го изрази своето „неразбирање по назначувањето на премиер од ЛР“. Сепак, централниот блок е составен од три партии, особено Хоризонти, предводени од Едуард Филип. Оној што се прогласи за кандидат за „следните претседателски избори“ оваа среда упати „топли честитки“ до шефот на Владата.
– Неговата задача ветува дека ќе биде тешка, но тешкотијата никогаш не го исплашила. И ќе има многу од нас што ќе му помогнат – продолжи тој.

Од своја страна синдикатите го изразија својот гнев. Генералниот секретар на ЦГТ, Софи Бине, во четвртокот потврди дека назначувањето во Матињон на Мишел Барние, од републиканците (ЛР), покажа „презир кон гласот на гласачите“. Ова е „личност од партијата што дојде на последното место, чиј политички опстанок ќе зависи од РН бидејќи токму тие ќе поднесат предлог за доверба, на еден или на друг начин“. ЦФДТ, од своја страна, во соопштението за медиумите оцени дека „формирањето на Владата не смее повеќе да се одложува бидејќи задачата што ја чека е голема“. Конечно, Форс Увриер ја истакна „лутината“, која „е огромна, особено во услови на итната ситуација во јавните болници, недостигот од ресурси и персонал во училиштата“. Т.Г.


Петте задачи на премиерот Мишел Барние

На Мишел Барние му останува малку време. По повеќе од месец и половина од Владата во оставка, многубројни досиеја го чекаат новиот премиер назначен овој четврток од Емануел Макрон. Силите на Новиот народен фронт (НФП) веќе повикаа на демонстрации оваа сабота против промоцијата на овој тенор на десницата и „државниот удар“ на шефот на државата, кој одби да го именува нивниот кандидат Луси Кастес.

Новиот премиер Мишел Барние ќе прави неколку консултации со лидерите на десничарската партија републиканците (ЛР) како дел од неговите напори за формирање влада, дозна АФП од Матињон и лидерот на сенаторите на ЛР, Бруно Ретајло.

Средбите ќе имаат цел да ги испитаат условите под кои ЛР би можела да учествува во владата на „единството“ што ја побара претседателот Емануел Макрон. Мишел Барние и самиот е член на ЛР, но неговата партија сè уште официјално не посочи дали сака да има министри во идната влада.
– Тоа е некој од нашата област. Ќе можеме лесно да се вклучиме во дијалог со него – се радуваше Ени Женевар, генералната секретарка на ЛР, за АФП во четвртокот, убедена дека Мишел Барние „останува еден од нас во Матињон“.

Неговите приоритети се следните: Создавање „влада на единство“, Декларацијата за општата политика, одлучувачки чекор, итноста за донесување на буџетот за 2025 година и да преживее на гласањата за доверба. Т.Г.


Нови претседателски избори?

Со тоа што се изложува на ќор-сокак, шефот на државата во секој случај покажува дека е далеку од идејата за оставка, напротив, дури и оди дотаму што дава чувство дека се однесува како сѐ уште да го има мнозинството. Консултациите во последните неколку дена ја покажуваат оваа желба да се најде дупка за глувчето, но доколку таа не постои, претседателот можеби нема да има друг избор, освен да предизвика нови претседателски избори.

Французите, интервјуирани во срцето на летото, како дел од изборната анкета на „Ипсос“ за „Ле монд“, фондацијата „Жан Жорес“, центарот за политички истражувања „Сциенс По“ и институтот „Монтењ“, се многу поделени околу можноста за оставка на Емануел Макрон во контекст на актуелната политичка криза: 51 отсто се за, 49 не се за.

Емануел Макрон, кој се чинеше подготвен во средата да го назначи Ксавиер Бертранд за нов премиер, го смени курсот и истражува други патишта, вклучувајќи го и оној на поранешниот десничарски европски комесар Мишел Барние. Речиси два месеца по вториот круг на законодавните избори се кренаа гласовите: оние за предвременото заминување на шефот на државата.

Ова е хипотеза што добива на сила и Емануел Макрон, и покрај тоа што не сака, ја засилува. Толку долгото време за да назначи нов премиер го откри ќор-сокакот во кој се наоѓа претседателот на Републиката.

Левицата се занимава со ова прашање: 81 пратеник од ЛФИ и екологистите потпишаа предлог за разрешување на шефот на француската држава. Истовремено и на интернет се појави петиција, со која се бара разрешување на Макрон, која за неколку часа собра над 100.000 потписи. Постапка што нема шанси да успее, но ја отвора оваа тема во јавната расправа, токму во моментот кога еден од нејзините поранешни премиери не ја исклучува оваа можност. Едуард Филип посочува дека е подготвен, дури и во случај на предвремени претседателски избори. Доволно за да се акредитира сценарио што досега изгледаше незамисливо во очите на претседателскиот табор. Т.Г.


Мора да го санкционираме ова непочитување на гласот, тврди Алексис Корбиер

На микрофонот на ЛЦИ, пратеникот на еколошката група ја повтори намерата да гласа за цензура против Владата што ќе ја формира Мишел Барние.
– Мораме да го санкционираме ова непочитување на гласањето. Мишел Барние, тоа се четири отсто од регистрираните гласачи – објасни тој.
Според поранешниот член на ЛФИ, новиот премиер „ќе води политика под добронамерноста на Марин Ле Пен“. Т.Г.


„Ниту една личност од ПС нема да влезе во оваа влада“, уверува Оливие Фор и го осудува „демократското предавство“

Во петокот наутро на микрофонот на Франс Интер, првиот секретар на Социјалистичката партија, Оливие Фор, увери дека новиот премиер Мишел Барние не контактирал со него. Додека новиот премиер рече дека сака „да ги собере и почитува сите“, шефот на ПС ја затвори вратата за учество на неговата партија во владиниот тим. Сигурен сум „дека ниту една личност на ПС нема да се вклопи во оваа влада“, изјави тој. Првиот секретар на Социјалистичката партија го осуди „демократското предавство“, по назначувањето на Мишел Барние во Матињон.
– Имате Французи што ја ставија НФП во водство и имате премиер од партија што направи шест отсто – рече тој. Т.Г.


„Мишел Барние премиер, тоа е кохалитација“, коментира Паскал Перино

Назначувањето на Мишел Барние во Матињон создава „кохалитација“, оцени Паскал Перино на микрофонот на Радио Класик.
– Постои желба да се создаде поширока коалиција од онаа на претседателското мнозинство…, но во исто време Барние ќе ја слушне неговата лична музика – објасни тој. Т.Г.


Мануел Бомпар ја осуди „владата на Макрон – Ле Пен“

Бунтовниот пратеник и координатор на ЛФИ ја осуди на БФМТВ „владата на Макрон – Ле Пен“. „Додека 15 милиони луѓе одбија“ да гласаат за РН, „екстремната десница денес е креаторот“, објасни Мануел Бомпард. Пратеникот на ЛФИ, исто така, ја критикуваше програмата на Мишел Барние на последните републикански прелиминарни избори, „на политичка линија што е поблиска до РН“.
– И тој ги загуби прелиминарните избори на партија што ги загуби сите последни избори – се потсмева тој.
– Кога некој е последен на натпреварување, тој го нема златниот медал на крајот – изјави и Мануел Бомпард, обвинувајќи го Емануел Макрон дека „седи на резултатите од изборите“.
– Зборовите се цензура, мобилизација, разрешување – објасни тој. Т.Г.


„Многу е убаво, но јас одбивам“: Лоран Жакобели ја затвора вратата за учество во владата на Мишел Барние

Гостинот на утринската емисија „Франс 2“, пратеникот на Националниот собир, Лоран Жакобели, беше многу јасен: „Ние сме во опозиција. Ние никому не му даваме бланко чек“. Што се однесува до хипотетичкото учество во владата на Мишел Барние, тој беше категоричен: „Многу е убаво, но јас одбивам“. Сепак, тој појасни: „Ние сме решителна, но интелигентна опозиција“, сугерирајќи дека гласањето на РН за предлог за доверба против владата нема да биде автоматско. Т.Г.


Мишел Барние е „зависен од РН“, според Луси Кастес

Поканета на РТЛ, Луси Кастес го изрази „својот гнев“ по назначувањето на Мишел Барние во Матињон.
– Милиони гласачи се мобилизираа, особено за да го блокираат Националниот митинг (РН) и денес имаме премиер што е целосно зависен од РН. Владата на Барние е суспендирана од одлуката на РН да гласа за цензура или не – рече таа. Т.Г.