Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска, дваесет и седумте членки се согласуваат да одат напред на патот кон проширувањето, бидејќи геополитичкиот контекст, со војната во Украина на границите на ЕУ, го прави тоа неизбежно. Но на прашањето како да се реализира овој проект, кој радикално ќе ги промени економскиот, социјалниот и политичкиот изглед на Унијата, одговорите значително варираат од еден до друг главен град. Во овој контекст, Франција и Германија побараа дванаесет независни политиколози да работат на оваа тема

ЕУ парализирана од несогласувањата помеѓу лидерите на Франција и Германија и внатрешните политичко-економски кризи (2)

Извештајот нарачан од Париз и Берлин и објавен пред една година препорачува суштински реформи на Европската Унија, пред да може таа да ги пречека новите членки, во време кога Украина и Молдавија „тропаат“ на вратата. Денеска, дваесет и седумте членки се согласуваат да одат напред на патот кон проширувањето, бидејќи геополитичкиот контекст, со војната во Украина на границите на ЕУ, го прави тоа неизбежно. Но на прашањето како да се реализира овој проект, кој радикално ќе ги промени економскиот, социјалниот и политичкиот изглед на Унијата, одговорите значително варираат од еден до друг главен град.
Во овој контекст, Франција и Германија побараа дванаесет независни политиколози да работат на оваа тема. Двајцата известувачи, Оливие Коста и Даниела Шварцер, ги претставија своите заклучоци пред министрите за европски прашања, во извештајот наменет да им објасни на дваесет и седумте како да „пловат на отворено море“. Во оваа пригода тогашниот државниот секретар за Европа, Лоренс Бун, и неговата германска колешка Ана Лирман требаше да потсетат дека нивната работа не ги вклучува Париз и Берлин.

Дивергенции

„ЕУ не е подготвена да пречека нови членки, ниту институционално, ниту политички“, пишува „групата дванаесет“, како што се нарекуваат самите експерти. Оттука, извештајот препорачува реформа на Унијата, која би му претходела на проширувањето, или би била истовремена со него, во согласност, од оваа гледна точка, со она што го бранат Париз и Берлин.
– Ризикот би бил да го повториме она што веќе го направивме, односно да размислуваме за проширување без интеграција. Можам лесно да посведочам дека Европа со 27 членки е доста комплицирана за да се постигне напредок по суштински теми. Европа со 32 или 35 членки нема да биде поедноставна, да остане скромна – им објасни Емануел Макрон на 28 август на француските амбасадори.
Не сите во ЕУ го делат овој став. Друг извештај за проширувањето, овој пат напишан од балтичките, полските, нордиските и хрватските политиколози, претставен на министрите за европски прашања вечерта на 18 септември 2023 година, за време на вечера организирана од Литванија, препорачува да не се условува доаѓањето на новите држави членки со институционални реформи. Овие земји, кои традиционално се поповолни за проширена Европа од Париз и Берлин, стравуваат дека француско-германската дијалектика ќе биде изговор да се закопа, уште еднаш, проширувањето. Во овој контекст, Берлин и уште повеќе Париз чекорат внимателно. Соочени и со војната во Украина, тие мора да ја избегнат помислата дека сè уште не сакаат проширување.
Заложување за „диференцијација“ што ја опишува изградбата на заедницата со неколку брзини: околу тврдото јадро на земји подготвени за длабока интеграција, остатокот од сегашната ЕУ би гравитирал, потоа земјите што се придржуваат до единствениот пазар и на крајот членките на Европската политичка заедница (ЕПЦ). Емануел Макрон сакаше да ги оживее интересите на Стариот Континент надвор од ЕУ.

„Процес заснован на заслуги“

Францускиот претседател, сепак, водеше кампања и издејствува ЕУ да го реформира процесот на проширување за постепено, реверзибилно пристапување на новите земји членки. На 28 август 2023 тој зборуваше и за Европа со „повеќе брзини“. Но Елисејската палата сака по секоја цена да избегне тензични дискусии и да ѝ понуди на Москва имиџ на растурена унија.
Париз и Берлин, исто така, не треба да го поддржат предлогот на Оливие Коста и Даниела Шварцер, ЕУ и земјите кандидатки да постават цел „да бидат подготвени за проширување до 2030 година“. Кога Шарл Мишел, исто така, ја изнесе оваа хипотеза на крајот на август, тој привлече многубројни критики од двете страни на Рајна, каде што беше потсети дека проширувањето е „процес заснован на тоа што го заслужува“.
За да се избегне блокада на институциите, „групата дванаесет“ предлага и генерализација на гласањето со квалификувано мнозинство. Германскиот канцелар Олаф Шолц веќе неколку месеци води кампања во оваа насока. Франција, без да биде против оваа реформа, е помалку претстојна, судејќи дека сегашната ситуација веќе нуди голема флексибилност. Експертите предлагаат, меѓу другото, нова пресметка на квалификуваното мнозинство што ќе им даде поголема тежина на малите земји.
Конечно, Оливие Коста и Даниела Шварцер ја ставија одбраната на владеењето на правото во средиштето на нивните размислувања. Додека Полска и Унгарија веќе ѝ прават тешкотии на ЕУ во оваа област, оваа ситуација не треба потенцијално да напредува со новите пристигнувања и да ги нагризува темелите на вредностите на заедницата. Тие се залагаат за поедноставување на таканаречената процедура „член 7“, која може да ја лиши земјата членка од правото на глас во Советот и да замисли поголема условеност за исплата на средствата на заедницата. Дебатата само што започна.

Обновен процес за балканските земји по неисполнетото ветување од самитот во Солун?!

Двајцата истражувачи, Лукас Мачек, раководител на Центарот за голема Европа посветен на проширувањето на институтот „Жак Делор“, и Страхиња Суботиќ, истражувач во Центарот за европска политика во Србија, во колумна во „Ле монд“ се изјаснуваат за обновен процес на проширување, по ветувањето дадено од ЕУ на самитот во Солун. Пред 20 години, на 20 јуни 2003 година, самитот во Солун најави нова ера во односите меѓу Европската Унија (ЕУ) и Балканот, со ветување за европска перспектива дадена на овој регион, со што се разбуди надежта за подобра, мирна и заедничка иднина.
Секако, земјите од Западен Балкан постепено добија кандидатски статус, визна либерализација и договори за слободна трговија со ЕУ. Но со исклучок на Хрватска, тие сѐ уште чекаат да се оствари надежта за влез во Унијата.
Стагнацијата на процесот на пристапување ја замати разликата помеѓу најнапредните земји и заостанатите, што го направи безначаен водечкиот принцип „повеќе за оние што прават повеќе, помалку за оние што прават помалку“. Понатаму, недостигот од влијание врз животот на граѓаните во голема мера ја намали атрактивноста на процесот на проширување. Накратко, второто стана бескрајна вежба, со ограничена трансформативна моќ.


Сегашниот метод на проширување повеќе не е ефективен и мора целосно да се редефинира

Во својот говор во Братислава, претседателот Емануел Макрон барем за таа констатација како таква, беше во право што тврдеше, додека усвои решително позитивен став за проширувањето… дека „сегашниот метод повеќе не е ефективен и мора целосно да се редефинира“. А во нејзиниот „Нов план за раст за Западен Балкан“, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оди во истата насока.
Во регионот, неодамнешните политички случувања во Црна Гора даваат надеж дека проблемот со „стабилократијата“ може да се надмине со нова генерација проевропски политичари. Времето истекува, особено во услови на ескалација на војната во Украина, и ние мора да дејствуваме сега за да ја вратиме надежта кај оние кои веруваат дека ЕУ навистина може да биде сила за промени. Со напуштање на „приспивните песни“ од минатото и избирање на нов постепен пристап, ЕУ ќе си даде средства за ревитализација на процесот на европска интеграција на Балканот, истовремено одговарајќи на надежта на Украина и другите земји дека проширувањето е навистина на агендата.. Да го искористиме моментот и да се подготвиме за иднината каде што Самитот во Солун во 2003 година ќе биде запаметен не како симбол на неисполнети ветувања, туку како почеток на последната фаза на европското обединување. Т.Г.


Што е идејата за „постепен пристап“

Лансирана најпрво како општ концепт, таа беше развиена на конкретен и детален начин во форма на „постепен пристап“ од страна на Центарот за европска политика (во Белград) и од Центарот за европски политички студии (во Брисел), потоа поддржан и дискутиран од институтот „Жак Делор“ во Франција.
Овој пристап, кој може да се примени исто толку на Балканот, како и во Украина и Молдавија, има цел да ги направи реформите помотивирани, да ја промовира социјализацијата меѓу земјите членки на ЕУ и кандидатите и да го направи процесот попрогресивен и попредвидлив.
Идејата за „постепено пристапување“ предвидува дополнителни финансиски и институционални придобивки во текот на процесот за оние што прават вистински напредок во подготовката за пристапување (и обратно). Тој, исто така, предлага воведување постпристапен систем за мониторинг и привремено ограничување на правото на вето на новите членки, со што на „старата“ ЕУ ѝ се дава повеќе време да ги спроведе сопствените институционални реформи и да ја изгради довербата.
На тој начин, постепената интеграција би изградила цврст мост помеѓу сегашните и идните членки на ЕУ, давајќи му вистинска содржина на терминот „пристапна перспектива“. Ситуацијата е зрела за решителна акција. Во јуни 2022 година, Европскиот совет го усвои поимот „постепена интеграција“ со тоа што ги покани другите институции на ЕУ да ја преточат оваа идеја во конкретни предлози. Т.Г.


Двојниот аршин на ЕУ кон „стабилократиите“ го забави напредокот

Декларацијата на Жан-Клод Јункер во 2014 година дека нема да има проширување за време на мандатот на Европската комисија со која тој тогаш претседаваше имаше катастрофален ефект врз мотивацијата на земјите кандидати да се вклучат со добра волја во процесот.
Двосмислениот став на ЕУ кон развојот на „стабилократиите“ – хибридни режими чии автократски склоности беа толерирани во име на стабилноста – придонесе за забавување на напредокот на демократијата во регионот. Дополнително, неколку вета од одредени земји членки испратија страшна порака за плодовите што може да се соберат од политички тешките одлуки.
Потребата од спроведување на дијалогот Белград – Приштина не доби соодветно внимание, што предизвика негативни ефекти. Уште полошо, преку својата геополитичка незрелост, ЕУ немаше будност, дозволувајќи им на надворешни сили да се мешаат на Балканот на штета на политичкото, економското и општественото влијание на ЕУ. Очигледно, ЕУ беше задоволна „да пее приспивни песни за европската перспектива“, наместо да усвојува опипливи мерки способни суштински да го променат текот на работите.
Меѓутоа, денес војната во Украина може да има ефект кон редефинирање на архитектурата на континентот. Всушност, добивањето кандидатски статус од страна на Украина и Молдавија повторно ја започна политиката на проширување, проследена со доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, либерализација на визите за Косово и отворање на преговорите со Македонија и Албанија.
Ова е охрабрувачки, но треба да бидат само првите чекори на патот кон повторно засилен процес на проширување. Влогот е голем: обновувањето на балканската мотивација е императив за градење европска стратегиска автономија, притоа зачувувајќи ја ЕУ како автентична и ефективна заедница на вредности.


Интегритетот на проширувањето на ЕУ веќе е силно нарушен со долгото и неправедно оставање на Македонија во чекалницата на ЕУ, иако таа беше меѓу првите земји кандидати, ги исполнуваше условите само со Словенија за признавање од тогаш Европската заедница, според критериумите што ги утврди истата таа заедница. На Македонија ѝ се наметнаа услови што се далеку поразлични од тие за сите други земји кандидати и сега членки на Унијата, некои од нив дури и понижувачки со смена на името и уставни измени, и токму тука се троши кредибилитетот на ЕУ во однос на проширувањето

Македонија и надежите од француско-германската двојка

Интегритетот на процесот на проширување нарушен со
оставање на Македонија во чекалницата на ЕУ

Како одговор на прашањата на европратениците, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос ја подвлече потребата да се зачува интегритетот на процесот на проширување преку пристап заснован на заслуги и почитување на вредностите на Унијата. Таа се согласи дека конкретните активности што овозможуваат прогресивна интеграција во ЕУ ќе испратат позитивен сигнал до граѓаните на земјите кандидати.
Еврокомесарката од Словенија рече дека процесот на проширување мора да биде транспарентен во однос на трошењето – надгледуван од специфични ревизорски структури – и врз основа на постигнување на бараните критериуми. Земјите членки и ЕУ ќе ја донесат конечната одлука за интеграција на една земја, а за да биде подготвена за интеграција, ќе мора паралелно да се одвиваат неопходните реформи на Унијата. И покрај тоа што вети дека ќе се вклучи во граѓанското општество во земјите членки, таа исто така изрази надеж дека европратениците ќе го поддржат проширувањето и ќе ги претстават неговите придобивки за своите гласачи.
– Треба да ги прифатиме само оние нови членки што ќе се определат за клучните принципи на Европа, како што се демократијата и владеењето на правото – рече еврокомесарката за проширување, која исто така нагласи дека очекува уставни измени од Македонија, за земјата за да продолжи на патот кон ЕУ.
Се разбира, интегритетот на проширувањето на ЕУ веќе е силно нарушен со долгото и неправедно оставање на Македонија во чекалницата на ЕУ, иако таа беше меѓу првите земји кандидати, ги исполнуваше условите само со Словенија за признавање од тогаш Европската заедница, според критериумите што истата таа заедница ги утврди. На Македонија ѝ се наметнаа услови што се далеку поразлични од тие за сите други земји кандидати и сега членки на Унијата, некои од нив дури и понижувачки со смена на името и уставни измени, и токму тука се троши кредибилитетот на ЕУ во однос на проширувањето.
Кос се обврза да обезбеди сите земји опфатени со проширувањето да бидат добро подготвени во овој процес, но ја нагласи и потребата од силна европска посветеност кон земјите кандидати.

– Сакам да видам конкретни резултати во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан. Да ја претвориме оваа можност во реалност за Западен Балкан. Помирувањето и регионална соработка се клучни елементи од процесот на проширување на Западен Балкан. Ако го потврдите мојот избор, повеќе ќе се вклучам во надминувањето на билатералните проблеми и наоѓањето решенија. Тие не смеат да останат трајни пречки на патот кон Брисел – им порача Кос на европратениците.
И додека подготвено и самоуверено, течно на три јазици (словенечки, англиски и германски) Кос го усвои вообичаениот бриселски вокабулар за проширувањето на ЕУ, а дури читаше и порака за надеж и поддршка за Киев на украински јазик, по повеќе од три часа сослушување, таа не понуди речиси ништо ново.
Кос ги повтори пораките на толку многу нејзини претходници дека проширувањето на ЕУ е „маратон, а не спринт“, дека процесот на пристапување на новите членки е „заснован на заслуги“, „предвидлив и веродостоен“ и дека проширувањето нуди „историска можност да се постигнат мир, слобода и просперитет на целиот континент“.
Таа исто така додаде дека самата ЕУ, паралелно, мора внатрешно да се реформира пред да ги пречека новите земји и оти ќе се заложи за двојно зголемување на финансиската поддршка за граѓанското општество и медиумите во ранливите соседни земји на ЕУ.
Кос не се обврза на никакви датуми во врска со тоа кога блокот би можел да прими нови членки, додавајќи само дека „денес, за првпат по десет години, постои реална шанса да доведеме една или две земји до крајот на преговарачкиот процес“.
Таа потоа ги посочи амбициозните цели на Црна Гора, која сака да ги заврши разговорите со Брисел на крајот на 2026 година, како и Албанија во 2027 година. Кос дури рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ пред неколку дена подвлекол оти е подготвен да направи сѐ за да го усогласи законодавството со она на блокот.
Сепак, кога беше притисната дали тоа значи дека Белград треба да ги усвои санкциите на ЕУ кон Русија, нешто што Србија не го направи целосно, таа беше контрадикторна – прво рече дека тоа не е услов за време на процесот на проширување, но потоа призна дека е неопходно земјата да се усогласи 100 отсто пред да стане членка на ЕУ.
Кос исто така одбегна повеќе прашања за можните санкции кон Србија поради нападот во Бањска, извршен од страна на српските милитанти во северно Косово минатата година. Таа исто така не одговори дали треба да се укинат рестриктивните мерки на ЕУ за Косово, кои се во сила од минатата година поради тензиите во северниот дел на земјата со мнозинство српско население и не даде детали за тоа како ќе се справи со сепаратистичките тенденции на Милорад Додик, лидерот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина.
Кос, сепак, навести дека има цел да одигра поголема улога во дијалогот меѓу Белград и Приштина, олеснет од ЕУ, кој ќе го надгледува новиот шеф за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, како и дека може да има нов пристап кон овие разговори, кои досега не успеаја суштински да донесат напредок.
Едно беше јасно: нема да има размена на територии на Западен Балкан.

– Не доаѓа предвид. Ние нема да ги следиме тие тенденции – уверува таа.
Во контекст на сослушувањето на Марта Кос е и последниот петти самит на Европската политичка заедница иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон. На маргините на самитот во Будимпешта тој имаше средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Средба по која Елисејската палата излезе со официјално соопштение во кое, цитираме, се наведува: Претседателот на Републиката разговараше со Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија, овој четврток, 7 ноември 2024 година, на маргините на 5. самит на Европската политичка заедница во Будимпешта. За време на оваа размена, двајцата лидери се согласија за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и С. Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот. Претседателот на Републиката ја потврди и поддршката на Франција за европската траекторија на С. Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на С. Македонија во оваа насока, притоа со почитување на нејзините меѓународни обврски“.
Но треба да се има на ум дека Макрон стана мајстор на своите соговорници да им го каже тоа што тие сакаат да го слушнат, а потоа да го направи спротивното. Не треба да се заборави 2019 година и неговото уредувачко видео да се изгласа промената на името, дека тоа ќе биде последната пречка, а потоа следуваше ветото на Макрон за почетокот на преговорите, тогаш со образложение дека се потребни реформи на ЕУ и дека не треба да се делат Македонија и Албанија. Денес Албанија е одвоена од Македонија.

Последниот дел од реченицата може да се интерпретира како инсистирање на Париз да се почитува она што беше прифатено од минатата влада, особено внесувањето на Бугарите во Уставот. Кај нас познато како таканаречен француски предлог, кој всушност беше предлог на заинтересираните членки на ЕУ (Бугарија и Франција), прифатен од страна на претходната влада, но во чие носење активна улога имаа француското претседателство со Унијата и личниот посредник на Емануел Макрон по ова прашање.
Токму околу ова прашање новата македонска влада се обидува да ги убеди Брисел и земјите членки на ЕУ откако ќе бидат донесени уставните измени, нивното стапување во сила да не биде веднаш, туку дури по завршувањето на преговорите за членство. На тоа и треба да се истрае, ниту повеќе, ниту помалку. 

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур