Имунитет за кривично гонење на поранешниот претседател на САД,
но не целосен, туку само делумен
Поранешните американски претседатели имаат апсолутен имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција, додека немаат имунитет за дела извршени надвор од функцијата, одлучи завчера Врховниот суд на САД, со што донесе историска пресуда за случајот на Доналд Трамп, кој побара највисокиот суд во Америка да одлучи дали тој како поранешен претседател има имунитет од кривично гонење. Одлуката беше донесена со шест конзервативни гласа „за“ и три либерални гласа „против“.
Актуелниот американски претседател и противкандидат на Трамп за нов претседателски мандат Џо Бајден остро ја критикуваше одлуката и порача дека пресудата го подрива владеењето на правото, нагласувајќи дека „никој не е над законот, па дури ни претседателот на САД“.
– Ова е фундаментално нов принцип и е опасен преседан. Знам дека ќе ги почитувам ограничувањата на претседателската моќ како и во текот на изминатите три и пол години, но секој претседател, вклучувајќи го и Доналд Трамп, сега ќе може слободно да го игнорира законот – рече Бајден за време на обраќање во Белата куќа на кое не одговараше на новинарски прашања.
Врховниот суд на САД не одлучи како конкретно да ја примени одлуката во случајот на Трамп, со што за тоа ќе треба да се изјаснат пониските судови. Но речиси е извесно дека Трамп нема да се соочи со судење во Вашингтон пред ноемвриските претседателски избори, на кои тој е кандидат на Републиканската партија, за неговите постапки за време на насилните немири на 6 јануари 2021 година. Судската одлука веројатно дополнително ќе го одложи тековниот судски процес за „субверзија на федералните избори“ против Трамп, според „Си-ен-ен“, додека „Ej-би-си њуз“ тврди дека Трамп сега ќе се обиде да поништи уште еден кривичен случај, за пресудата во врска со скандалот околу тајните исплаќања на актерката Сторми Даниелс.
Во случај на победа на Трамп на изборите, се смета дека тој би можел да назначи нов министер за правда што би можел да влијае за запирање на постапката против него, а теоретски би можел и да се помилува себеси доколку биде реизбран за претседател на САД.