Фото: Илустрација/Принтскрин - Јутуб

Државната Иранска новинска агенција (ИРНА) објави дека во тек е опсежна операција за пребарување и спасување откако хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше принуден да изврши „тврдо слетување“ во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.

Инцидентот се случил денеска во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот Илхам Алиев.

Неименуван ирански претставник за западните медиуми изјавил дека хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан се урнал додека летал над планинска област во иранската провинција Источен Азербејџан, изјави.

Тој истакна дека „животите на Раиси и Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“.

– Сè уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки – наведе неименуваниот ирански претставник.

Како што јави ИРНА, повеќе од дваесет целосно опремени тимови за пребарување и спасување, вклучително беспилотни летала и кучиња трагачи, се испратени во областа. Иранските вооружени сили распоредија командоси и специјални сили за да помогнат во операцијата за пребарување.

Поради нерамниот терен на регионот и тешките временски услови, особено густата магла во областа, операцијата за пребарување и спасување би можела да потрае некое време.

Портпаролот на Иранската служба за итни случаи изјави дека осум амбулантни возила се испратени во регионот.