Американската амбасада во саудискиот главен град Ријад била цел на напад со дронови, при што два беспилотни летала го погодиле објектот – соопштија властите рано утрово.
По нападот, амбасадата ги повика американските државјани веднаш да побараат засолниште и да ја избегнуваат локацијата до понатамошно известување. Издадени се и предупредувања за засолнување во Џеда и Дахран, додека патувањата кон воени објекти во регионот се ограничени само на неопходни случаи, прнесе МИА.
Според информациите што ги пренесе ДПА, во амбасадата избувнал ограничен пожар кој предизвикал помала материјална штета. Портпарол на Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека точните околности на нападот сè уште се утврдуваат.
Во меѓувреме, саудиската противвоздушна одбрана пресретнала и уништила дополнителни осум дронови во близина на Ријад и Ал-Карџ, град кој се наоѓа на околу 80 километри јужно од главниот град.
Претходно, американскиот Стејт департмент ги повика своите граѓани да напуштат повеќе од десет земји на Блискиот Исток, меѓу кои и Израел, поради зголемени безбедносни ризици во услови на ескалација на конфликтот во регионот.
Ескалацијата следува откако САД и Израел започнаа голема офанзива против Иран, по што Техеран возврати со ракетни напади врз американски бази во неколку заливски држави.
































