Фото: ЕПА

Американската агенција „Блумберг“ коментира дека „договорот“, кој се финализира во средата вечер, е најновиот резултат на „ефектот Трамп“. Идниот американски претседател ја разбуричка застоената неолиберална глобална политика уште пред Трамп да ја преземе функцијата. Според договорот, Израел се согласува да ги повлече своите трупи од густо населените области во Појасот Газа и да дозволи влез на стотици камиони дневно, за давање на потребната помош за тамошното население. Но спогодбата, за која се чека одобрение од израелската влада, ќе биде ставена на тест во рок од шест недели, кога ќе заврши првата фаза – засега единствениот дел што всушност е договорен

„Ефектот Трамп“ ја раздвижи застоената глобална политика и донесе реална шанса за траен мир во Појасот Газа

Кревкиот прекин на огнот во Појасот Газа означува пробен крај на 15-месечниот конфликт што остави десетици илјади мртви и многу повеќе раселени низ Блискиот Исток, пишуваат светските медиуми.
Договорот, кој се финализира во средата вечер, е најновиот резултат на „ефектот Трамп“, наведува американската агенција „Блумберг“. Идниот американски претседател ја разниша глобалната политика уште пред да ја преземе функцијата. Претседателот на САД во заминување, Џо Бајден, пак, исто така може да бара заслуга за помагањето да се постигне спогодбата, која првично ја претстави пред повеќе од шест месеци.
Според договорот, Израел се согласува да ги повлече своите трупи од густо населените области во Појасот Газа и да дозволи влез на стотици камиони дневно, за давање на потребната помош за тамошното население. Но спогодбата, за која се чека одобрение од израелската влада, ќе биде ставена на тест во рок од шест недели, кога ќе заврши првата фаза – засега единствениот дел што всушност е договорен.

Спогодбата нема да ѝ стави крај на војната, но треба да овозможи
помош за Газа

И покрај тоа што се очекува договорот да донесе ослободување на триесетина израелски заложници земени од Хамас во нападот на 7 октомври 2023 година, тој не ја исполнува долгонаведуваната цел на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за уривање на контролата на милитантната група врз Газа и не дава одговор на прашањето кој ќе го замени Хамас во енклавата.
– Овој договор нема да ѝ стави крај на војната во Газа, ниту ќе ги ослободи сите заложници. Ова е ограничен договор, кој ќе започне да создава предвидлива и стабилна средина, каде што меѓународната помош ќе може да продре – рече Арон Дејвид Милер, поранешен функционер на Стејт департментот за Блискиот Исток, а сега висок соработник во фондацијата „Карнеги“ за меѓународен мир.
За САД, дури и пробниот договор му дозволува на Доналд Трамп да продолжи кон неговите пошироки амбиции за регионот, особено политичкиот договор меѓу Саудиска Арабија и Израел. Но, без трајно решение во Газа, тоа може да се покаже како тешко достижна цел.
Токму на состанокот во саботата специјалниот пратеник на Трамп, инвеститорот во недвижности Стив Виткоф, пренесе јасна порака: идниот американски претседател сакаше договор пред неговата инаугурација следната недела.
Според договорот, Израел се очекува да направи работи за кои многумина од неговите политичари се заколнаа дека нема да ги стори – да ослободи голем број Палестинци и да се повлече од своите 15-месечни напори за уништување на Хамас. Притисокот на САД и домашните политички и економски грижи на Израел ја сменија состојбата за премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, заканата на Трамп дека ќе има „цел пекол за плаќање“ доколку заложниците не бидат ослободени до неговата инаугурација, исто така, јасно влијаеше на клучниот посредник Катар, кој го притисна Хамас, означен како терористичка група од САД и другите влади, да ги ублажи своите барања.
Она што досега е договорено е дека заложниците што се сметаат за најранливи – жени, болни, повредени и постари, ќе добијат слобода во замена за стотици палестински затвореници. Од околу 250 заложници земени на 7 октомври 2023, околу 98 останаа во Газа, но се смета дека само половина од тој број се живи. А Хамас ќе ги држи израелските мажи, војници и цивили, до подоцнежните фази од договорот.

Одлуките за следната фаза се клучни, следуваат поцврсти преговори

Вистинското прашање е што ќе одлучат двете страни за следната фаза, кога Хамас сака целосно израелско повлекување за да може да ја обнови власта, а Израел сака целосно да го отстрани Хамас од власта.
Тоа е суштинското несогласување што долго време ги спречуваше страните да потпишат договор. Фактот што го направија тоа сега, без цврста гаранција за евентуално целосно повлекување, е доказ за отстапката на Хамас.
Милитантната група се согласи на овој договор затоа што сака затворениците да излезат, сака огромна помош што ќе се обиде да ја контролира и се надева дека, штом Израел ќе ги прекине своите воени акции, неговите трупи нема да се вратат.
Но, по првата фаза ќе почнат поостри преговори. Израел сака широка тампон-зона во појасот и да ги задржи своите војници по должината на границата со Египет, и двете барања Хамас ги отфрла. И сака да го замени Хамас со нешто што сè уште не го сфатил.
– Тоа е крај на почетокот, но на некој начин сме далеку од тоа да биде почеток на крајот. Многу нешта може да тргнат наопаку, и со спроведувањето на првата фаза и со преговорите за втората фаза – рече Џон Алтерман, директор на програмата за Блискиот Исток во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.
Газа денес е непрепознатлива. Голем дел од неа е претворен во урнатини во војувањето и повеќе од 46.000 луѓе се убиени, според властите на Хамас. Девет од десет жители се раселени, додека гладот​ е постојано присутен. Жителите на Газа велат дека се очајни за прекин на огнот за да можат да добијат храна и лекови и враќање кон животот без секојдневно војување, страв и загуби.
Вашингтон ги предупреди Израелците да направат тешки домашни политички отстапки неопходни за да се обезбеди трајно примирје во Газа и наведе некои повоени планови за кои разговарал со арапските лидери во регионот, вклучувајќи и привремени безбедносни сили составени од проверени Палестинци и странски персонал. Тој исто така рече дека Израел мора да ја прифати можноста за независна палестинска држава, што израелската влада рече дека нема да го направи по нападите на Хамас. Нетанјаху има нешто помалку од две години пред да распише избори. Тие најверојатно ќе зависат, барем делумно, од тоа како ќе се реши таа дебата. Р.С.