Фото: Фејсбук

Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, утрово се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за разговори околу руско-украинскиот конфликт, пред да замине за Полска, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Ситуацијата на границата помеѓу Русија и Украина се вжештува, според западните разузнавачки служби, предупреди британскиот премиер Џонсон.
Запрашан дали според информациите на британските служби Русија наскоро ќе ја нападне Украина, Борис Џонсон рече дека мисли дека во моментов во Москва не е донесена одлука.

-Но тоа не значи дека не може да се случи нешто ужасно, нашите информации и натаму се песимистички, има огромно натрупување на трупи на границите со Украина, се наоѓаме во најопасниот момент во неколкуте наредни дена, ова е најголемата безбедносна криза со децении и мора да најдеме правилен одговор преку комбинација на санкции и дипломатска одлучност, но ширум западот сме сѐ поединствени – изјави британскиот премиер на прес конференција.

НАТО и сојузниците секојдневно констатираат воено засилување на Русија на границата со Украина како и во Белорусија и од блиску ја набљудува состојбата.

-Ова е опасен момент за европската безбедност, бројот на руски сили се зголемува, а рокот на предупредување за напад се намалува, вели генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг.

Како и по обичај, Столтенберг повтори дека НАТО сака дијалог со Русија, но дека истовремено се подготвува за најлошото сценарио. Сојузниците се сѐ поприсутни во источна Европа, а идната недела министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за распоредување на дополнителни трупи на југоисточниот дел од Алијансата, потврди генералниот секретар.

Џонсон и Столтенберг порачаа дека НАТО е отворена да дискутира за низа теми со Русија, но дека за правото на трети земји да бараат членство во Алијансата не може да се преговара. Москва од своја страна смета дека Киев не смее да биде дел од западната воена алијанса.

-Има работи за кои не се преговара, како политиката на отворени врати, народот во Украина мора да може да тежнее кон членство во НАТО, но има и разумни теми за кои може да зборуваме, вклучително транспарентноста на воените вежби на НАТО, стационирањето на ракети, меѓународниот договор за ракетите со среден опсег, сите тие теми на разговор е далеку подобро да започнат сега отколку да имаме катастрофа – изјави Џонсон на прес конференцијата.

Џонсон и Столтенберг порачаа и дека украинската армија е денеска далеку поопремена и подобро обучена од 2014 кога започна конфликтот во оваа земја.

Шефот на Алијансата од своја страна увери дека земјите членки на НАТО се единствени и заеднички ги градат ставовите за Русија. Тие не ја коментираа средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со неговиот руски колега Владимир Путин.

Британскиот премиер додаде дека евентуална руска агресија во Украина би била катастрофална.

-Тоа би значело сериозно крвопролевање, и сигурен сум дека народот во Русија мисли на тоа, размислуваат дали е разумно да се пролева крвта на руските војници во катастрофална, бесмислена и скапа војна за Русија – изјави Џонсон.

Уште еднаш тие повикаа на изнаоѓање поинаков пат напред и уверија дека НАТО е дефанзивен сојуз и не претставува закана за Русија.