Три години по експлозиите што ги уништија цевките на гасоводите на „Северен тек“
- Подводниот гасовод „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија беше завршен во 2021 година, но не дочека да биде ставен во употреба откако мистериозни подводни експлозии го ставија надвор од функција во септември 2022 година. Непосредно по нападот врз гасоводите, многумина се сомневаа дека можеби е одговорна Москва, но доказите, наместо тоа, укажуваат на заговор за извршена диверзија од страна на Киев. „Волстрит журнал“ минатата година објави дека операцијата била приватно финансирана од украински бизнисмени и спроведена од мала група украински воени офицери. Првично, наводно, била одобрена од претседателот Володимир Зеленски, кој подоцна безуспешно се обидел да ја откаже
 
Три години по експлозијата што ги стави гасоводите „Северен тек 2“ и неговиот претходник „Северен тек 1“ надвор од употреба, „несреќниот проект“ повторно предизвикува остри поделби меѓу европските сојузници, откако Полска одби да го екстрадира главниот осомничен за експлозијата во Германија.
Подводниот гасовод „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија беше завршен во 2021 година, но не дочека да биде ставен во употреба откако мистериозни подводни експлозии го ставија надвор од функција во септември 2022 година. Гасоводот предизвика гнев и вознемиреност во Полска уште од почетокот на изградбата во 2015 година, служејќи како симбол на тесната економска соработка на Германија со Русија, политика што беше напуштена по избувнувањето на војната во Украина во 2022 година.
Непосредно по нападот врз гасоводите, многумина се сомневаа дека можеби е одговорна Москва, но доказите, наместо тоа, укажуваат на заговор и диверзија извршена од Украинци. „Волстрит журнал“ минатата година објави дека операцијата била приватно финансирана од украински бизнисмени и спроведена од мала група украински воени офицери. Првично, наводно, била одобрена од претседателот Володимир Зеленски, кој подоцна безуспешно се обидел да ја откаже. Украинските власти негираа каква било вмешаност.
Германија издаде налози за апсење за најмалку шест лица, вклучувајќи го и украинскиот нуркач Володимир Журавлев, кој беше уапсен во Полска кон крајот на септември. Германските обвинители веруваат дека Журавлев бил директно вклучен во експлозиите.
– Тој беше дел од група луѓе што поставија експлозиви на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близината на островот Борнхолм во септември 2022 година – соопшти германскиот федерален суд на правдата.
Журавлев негираше вмешаност во инцидентите, додека полскиот суд на 17 октомври пресуди против извршување на европската потерница на Германија за нуркачот, утврдувајќи дека Германија нема надлежност во случајот и дека уништувањето на „Северен тек“ може да се смета за оправдана акција на Украина како дел од одбранбена војна. По пресудата, германската влада се обиде да ја намали важноста на аферата и се воздржа од јавно коментирање. Сепак, отфрлањето на барањето за екстрадиција е многу невообичаено меѓу земјите членки на ЕУ.
Јавните коментари на полскиот премиер Доналд Туск, пред пресудата, додадоа нови контроверзии.
– Проблемот со „Северен тек 2“ не е што бил разнесен. Проблемот е што бил изграден – напиша тој на социјалната мрежа Икс.
Во деновите пред одлуката на судот, тој исто така јавно изјави дека „секако не е во интерес на Полска да ѝ го предаде овој граѓанин на странска земја“. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го нарече ставот на Туск „шокантен“ и рече дека тој отвора прашања за тоа што друго би можело да се смета за легитимна цел.
– Едно е јасно: не сакаме Европа во која премиерите ги бранат терористите – напиша Сијарто на Икс.
Истрагата продолжува, а друг осомничен, идентификуван само како поранешен украински разузнавачки офицер по име Сергеј К., беше уапсен во Италија летоска додека бил на одмор со сопругата и двете деца. Италијански суд ја одобри неговата екстрадиција во Германија, иако е во тек жалбена постапка. Временската рамка за судењето во однос на тоа дали осомничените ќе завршат во Германија останува нејасна. Р.С.
            































