Мартин Јегер се смета за искусен кризен дипломат – тој беше амбасадор во Авганистан, Ирак и во Украина. Сега тој ја презема водечката позиција во германската служба за надворешно разузнавање (БНД)

Германската служба за надворешно разузнавање (БНД) има нов шеф

Германската влада го назначи поранешниот амбасадор во Украина, Мартин Јегер, за нов претседател на германската федерална разузнавачка служба БНД. Точниот датум кога тој ќе ја преземе функцијата сè уште не е објавен.
Шеесетгодишниот Јегер има богато искуство – не само како дипломат во кризни зони туку и преку разни функции во федералните и покраинските институции. Јегер е роден во Улм, студирал етнологија и политички науки во Минхен.

Мартин Јегер близок соработник на Штајнмаер

Тој ја започна својата дипломатска кариера во Министерството за надворешни работи, потоа се пресели во кабинетот на канцеларот, а во 2002 година стана советник во Амбасадата во Прага. Од 2004 до 2005 година тој беше задолжен за односи со јавноста за тогашниот шеф на канцеларијата на канцеларот Франк-Валтер Штајнмаер. Подоцна тој беше и негов портпарол, додека Штајнмаер ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи. Дури и тогаш Јегер мораше да покаже дека може да комуницира во кризни ситуации – на пример во 2006 година, кога германски државјани беа киднапирани во Ирак.
Во 2008 година Јегер привремено ја напушти политиката и се пресели во автомобилската индустрија – станувајќи раководител на одделот за надворешни односи во „Дајмлер“. Таму го нарекуваат министер за надворешни работи на оваа автомобилска компанија – со телефонски именик полн со корисни контакти.

Прва амбасадорска должност – Авганистан

Во април 2013 година тој повторно ја промени својата кариера и ја презеде својата прва амбасадорска должност – во Авганистан. Тоа беше периодот кога Бундесверот ја завршуваше својата борбена мисија, а одговорноста требаше да ја преземат Авганистанците. Јегер на теренот виде дека очекуваниот успех не се остварува. Наскоро, тогашниот министер за финансии Волфганг Шојбле го врати во Берлин – Јегер стана портпарол на Министерството за финансии. На оваа позиција, од 2014 до 2016 година, тој се соочи со различни кризи – на пример, должничката криза во Грција.

Од Ирак до Украина

Потоа се врати во родниот Баден-Виртемберг и влезе во покраинската политика – како државен секретар во Министерството за внатрешни работи. Наместо за надворешна политика, тој сега се грижи за внатрешна политика – и најавува остра политика кон мигрантите.
Во септември 2021 година тој повторно се враќа во дипломатијата – станува амбасадор во Ирак. Речиси две години подоцна, во јули 2023 година, тој беше назначен за амбасадор на Сојузна Република Германија во Украина.
Киев, Багдад и Кабул – ова сигурно не се дестинации што се на врвот на листата на желби меѓу германските дипломати. Но Јегер свесно ги избира кризните жаришта. Како нов шеф на БНД, тој е директно подреден на кабинетот на канцеларот. Во последниве години службата често беше цел на критики – беше обвинета дека не предупредила доволно рано за рускиот напад врз Украина. Р.С.