УНИЦЕФ Србија денеска, по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет, објави дека нивната анализа на образовните системи што користат вештачка интелигенција во Европа и Централна Азија покажува дека заштитните механизми за децата честопати не одат во чекор со брзината на технолошките промени.
-Речиси четири од десет анализирани системи немаат јавно достапни информации за практиките за заштита на податоците, што го отежнува проценувањето како се собираат, користат и складираат податоците на децата и укажува на недостатоци во транспарентноста и отчетноста. Слични предизвици се присутни и во пошироката онлајн средина што ја користат децата – се вели во соопштението.
Според нив, децата растат во онлајн средина што силно го обликува начинот на кој учат, комуницираат и учествуваат во општеството, кое денеска вклучува не само социјални мрежи и платформи за забава, туку и дигитални системи што се користат за учење, комуникација и пристап до разни услуги.
Иако дигиталните технологии носат бројни можности, тие исто така ги изложуваат децата на сериозни ризици, честопати без соодветна заштита – соопшти УНИЦЕФ Србија.
Како што додадоа тие, децата ширум светот се соочуваат со насилство и вознемирување, сексуална експлоатација и злоупотреба, манипулативни маркетиншки практики, злоупотреба на лични податоци, како и изложеност на насилна и несоодветна содржина на интернет.
-Овие ризици сè повеќе се однесуваат не само на социјалните мрежи, туку и на дигиталните системи што децата ги користат за учење, вклучително и оние базирани на вештачка интелигенција, чиј развој се одвива побрзо отколку што можат да се прилагодат законските рамки и постојните механизми за заштита – се вели во соопштението.
Онлајн платформите, додадоа тие, играат централна улога во дигиталниот живот на децата, но постојните правила честопати не обезбедуваат доволна заштита од ризици, а нејасно дефинираните одговорности на платформите, ограничената транспарентност и слабото спроведување на прописите дополнително ја намалуваат ефикасноста на заштитата.
-Зајакнувањето на безбедноста на децата на интернет бара појасни правила, поголема одговорност и ефикасни механизми за надзор, така што правата на децата постојано се почитуваат во пракса. УНИЦЕФ одговара на овие предизвици со подобрување на јавните политики и обезбедување поддршка на семејствата, вклучително и преку поддршка на подобрена регулатива на онлајн платформите во согласност со меѓународните стандарди и Конвенцијата на ООН за правата на детето – се додава во соопштението.































