Бугарија ја убедува Европа дека ќе ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и бара прекин на надзорот врз неа
- Бугарските власти поднесоа до Стразбур извештај за активностите (од јули), тврдејќи дека „сите потребни индивидуални и општи мерки се донесени“, при што Софија побара од Комитетот на министри на Советот на Европа (посветен на следењето на пресудите на Европскиот суд за човекови права) да го прекине надзорот врз групата случаи на Обединетата македонска организација „Илинден“ и други организации против Бугарија. Но како успева Софија да го „блефира и шармира“ Стразбур (и Брисел)?!
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
На 1.537-от состанок одржан од 15 до 17 септември, делегатите на Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ), посветен на следењето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), повторно беше разгледана групата на пресуди на Обединетата македонска организација „Илинден“ и други против Бугарија, во присуство на бугарскиот министер за правда. Притоа беше одлучено комитетот да продолжи со разгледување на овие случаи на 1.545-от состанок (закажан за декември), со цел да го испита прашањето за затворање на надзорот врз оваа група.
Комитетот во одлуката го „потврдува значителниот напредок постигнат во спроведувањето на оваа група случаи, топло поздравувајќи ја заложбата на властите за дијалог на високо ниво и нивната соработка со секретаријатот“… Истовремено беше поздравено и објавувањето детални упатства за здруженијата за законските барања за регистрација, како и дополнителните мерки за издигање на свеста усвоени од властите на 27 јуни. Се очекува здруженијата подносители на тужбите да ги земат предвид упатствата од јуни во идните постапки за регистрација.
КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ НА СЕ СМЕТА ДЕКА „ВО МОМЕНТОВ НЕ Е ПОТРЕБНА ПОНАТАМОШНА ПОСЕБНА АКЦИЈА ВО ОДНОС НА ОПШТИТЕ МЕРКИ“?!
Комитетот на министрите на Советот на Европа во својата одлука потсетува и на претходниот став дека општите мерки се тесно поврзани со индивидуалните мерки, смета дека во моментов не е потребна понатамошна посебна акција во однос на општите мерки и ги поканува властите да го следат влијанието на неодамна усвоените мерки за да се осигурат дека сите нови барања за регистрација од здруженијата апликанти или слични здруженија се испитуваат во целосна согласност со обврската според членот 11 од Конвенцијата за заштита на правото на слобода на здружување.
Софија во јули тврдеше дека се донесени сите потребни индивидуални и општи мерки, барајќи од комитетот да го прекине надзорот врз оваа група случаи. Бугарските власти истакнаа дека направиле значителни напори и напредок за решавање на проблемите идентификувани во оваа група случаи. Во исто време, тие велат оти новите изречени мерки, особено упатствата и дополнителните мерки за издигање на свеста, се неодамнешни, бидејќи датираат од почетокот на летото. За сегашното испитување, бугарските власти поднесоа извештај за активностите во јули (ДХ-ДД(2025)813), заклучувајќи дека сите потребни индивидуални и општи мерки се донесени, и побараа од комитетот да го прекине надзорот врз оваа група случаи.
– Не беше можно да се процени нивното практично влијание, бидејќи ниту една од постапките за регистрација на здруженијата кандидати досега не се однесува на документи за регистрација подготвени по објавувањето на упатствата од јуни 2025 година. Затоа е важно сега да се види ефектот од новите упатства во пракса. Во согласност со практиката на Комитетот на министри, властите би можеле да бидат охрабрени внимателно да го следат влијанието на овие мерки со цел да се обезбеди дека идните барања за регистрација на здруженијата подносители или слични здруженија ќе бидат разгледани во целосна согласност со барањето од членот 11 од Конвенцијата за заштита на правото на слобода на здружување – велат од Софија.
ОДБИВАЊАТА НА БУГАРСКИТЕ СУДОВИ СЕ ПРОТЕГААТ ВО 16 ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ ГОДИНИ!
Комитетот притоа потсетува дека оваа група случаи се однесуваат на неоправдани одбивања од страна на судовите помеѓу 1999 и 2015 година да ги регистрираат здруженијата подносители, врз основа на причини поврзани со националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи), уставната забрана за здруженија што се стремат кон политички цели, како и непочитувањето на формалните законски барања (прекршувања на членот 11). „Нова Македонија“ во повеќе наврати детално пишуваше за групата на пресуди.
Овие случаи се однесуваат на одбивања од страна на бугарските судови помеѓу 1999 и 2015 година, според претходниот систем за регистрација, да регистрираат здруженија чија цел беше да се постигнат признавање и заштита на интересите на „македонското малцинство во Бугарија“. Одбивањата се засноваа на размислувања за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и на уставната забрана за здруженија што се стремат кон политички цели, како и на неисполнување на формалните законски барања, за кои Европскиот суд сметаше дека се неоправдани и претставуваат непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата подносители не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на своите цели.
ПОЕДИНЕЧНИ МЕРКИ
Во септември 2024 година комитетот изрази жалење што здруженијата чија цел е „да постигнат признавање на македонското малцинство“ продолжуваат рутински да се одбиваат за регистрација, главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели. Комитетот забележа дека очигледно недоследната примена на формалните барања отвора прашања за правна сигурност за подносителот на барањето и сличните здруженија. Тој силно ги повика властите да преземат решителни мерки за да се осигурат дека секое ново барање за регистрација на здруженијата подносители на барањето или на слични здруженија ќе биде испитано во целосна согласност со обврската според членот 11 од конвенцијата.
Судот исто така утврди дека фактот што неколку од целите на здруженијата биле означени како „политички“ не е доволна основа за одбивање на регистрацијата. Тој нагласи дека домашното право нема да им дозволи на здруженијата да учествуваат на избори и дека затоа нема „итна општествена потреба“ да се бара од нив да се регистрираат како политичка партија (прекршувања на членот 11).
Куса информација во врска со неодамнешни поднесоци од невладини организации
Во комуникација од 4 август 2025 година, Бугарскиот хелсиншки комитет (БХК), кој им дал помош на подносителите на барањето во повеќето случаи во оваа група, посочил дека нема регистрирани организации чија цел е да ги заштитат интересите на Македонците во Бугарија. Тој истакна дека една таква регистрирана организација е распуштена. Во врска со здружението „Антички Македонци“, невладината организација тврдеше дека нема ништо во нејзините статути што сугерира дека нејзината цел е да ги заштити интересите на Македонците во Бугарија. Укажа дека е потребна анализа на законската рамка, бидејќи одредени одредби немаат јасност и дозволуваат одбивање регистрација поради мали дефекти и врз основа на екстремно формалистички причини. Невладината организација смета дека многу тесниот опсег на обврската на Агенцијата да дава упатства за исправка на документите за регистрација и „доктрината за целосна ревизија“ на судовите се исто така проблематични, бидејќи тие дозволуваат одбивања врз основа на формалистички причини, кои не се земаат предвид од пониските инстанци. Тврдеше дека законот не е главниот проблем, бидејќи одбивањата главно се должат на неодобрување на целите на „македонските организации“, скриени зад формални причини, дури и кога тие користеле документи на регистрирани здруженија како модел.
Властите од Софија дадоа детален одговор на оваа комуникација на 1 септември 2025 година. Оспорувајќи ги аргументите изнесени од БХК, презентирајќи ги своите ставови за одредени одбивања за регистрација и посочувајќи ја можноста за затворање на општите мерки како резултат на постигнатиот напредок и за продолжување на испитувањето на поединечните мерки. Т.Г.