Новиот британски премиер Кир Стармер денеска го назначи Дејвид Лами за министер за надворешни работи на земјата, Џон Хили за министер за одбрана, а Ивет Купер за министер за внатрешни работи – објавија британски и американски медиуми.
Лами и Хили рекоа дека ќе продолжат со поддршката на земјата за Украина во конфликтот со Русија и дека ќе се залагаат за прекин на огнот во Појасот Газа.
Рејчел Ривс е назначена за канцелар на финансии во новата лабуристичка влада – првата жена на оваа функција. Поранешниот економист на Банката на Англија ќе мора да го исполни ветувањето на партијата дека ќе постигне економски раст и ќе ги зголеми инвестициите во јавните услуги, а истовремено ќе се справи со огромниот должнички проблем на земјата.
Кир Стармер води влада која е етнички поразновидна и со поголемо присуство на жени од кога и да било, по одлучувачката победа на неговата Лабуристичка партија на општите избори во Британија вчера – пренесе БТА.