Слабо позната група која се нарекува „Деца на огнот“ ја презеде одговорноста за десетици пожари во шест турски градови, јавија турски медиуми, повикувајќи се на онлајн соопштение на групата.
Групата тврди дека е поврзана со Курдската работничка партија (ПКК), која е забранета во Турција и е прогласена за терористичка организација од Турција, ЕУ и САД.
ПКК, која во мај најави крај на четиридецениската вооружена борба, досега не го коментирала преземањето на одговорност од страна на „Децата на огнот“.
Последниве денови, повеќе шумски пожари избувнаа во Турција. Во пожарите што горат во селата Чешме и Јодемиш во округот Измир, загинаа две лица – еден пожарникар и постар човек прикован за кревет.
Пожарникарите продолжуваат со гаснење, со помош на авиони и хеликоптери. Властите затворија патишта кон туристичкиот град Чешме. Телевизиските снимки прикажаа пламени јазици блиску до автопатот во регионот.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека досега се уништени околу 200 куќи, а 50.000 лица се евакуирани поради жештините, ниската влажност и силните ветрови.
Денеска избувнаа нови пожари во Анталија и во шума близу Истанбул, но властите јавуваат дека дел од нив веќе се ставени под контрола.