Кога претседателката на претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси завчера пристигна на Тајван, Кина веќе имаше подготвен одговор. Набргу потоа владини и други функционери „истрелаа“ низа изјави во кои ја осудија посетата, предупредувајќи за „големиот удар“ врз американско-кинеските односи, додека кинеската војска соопшти дека веднаш ќе покрене воздушни и поморски вежби, кои подразбираат опколување на Тајван.
Посетата на Пелоси на Тајван, Пекинг ја смета за голема политичка провокација, како и за предизвик за суверенитетот на Кина. Кинескиот претседател Си Џинпинг во пресрет на посетата го предупреди американскиот лидер Џо Бајден да не си игра со оган, а се чини дека токму Пелоси ги донесе „кибритчињата“ на Тајван, каде што пренесе јасна порака дека „Америка е заедно со Тајван“.
Министерството за одбрана на Тајван тврди дека Кина денеска лансирала 11 балистички ракети „донгфенг“ во водите во близина на северниот, јужниот и источниот брег на островот. А поранешниот капетан на американската морнарица Карл Шустер смета дека со сегашните воени вежби Кина „отишла подалеку отколку кога било досега“.
– Испратен е геополитички сигнал дека Кина може да ги затвори воздушниот простор и пристапот до море на Тајван, кога и да посака – вели Шустер.
Војската на Тајван издаде соопштение во кое се вели дека нивните сили се во состојба на готовност и внимателно ги следат кинеските вежби, а тамошното Министерство за одбрана нагласува дека ќе се придржува до принципот на подготовка за војна без да бара војна, со став конфликтот да не ескалираи да предизвикува спорови.
– Пекинг не сака ескалација на начин што ќе излезе надвор од контрола. Истовремено не смее да испрати сигнал што би сугерирал слабост – истакнува Чонг Ја од Националниот универзитет на Сингапур.
Посетата на Пелоси доаѓа и во осетлив миг за Кина кога претседателот Си се подготвува да бара трет мандат на конгресот на Комунистичката партија наесен. А познавачите на состојбите сметаат дека таквата ситуација ги зголемува влоговите.
– Посетата на Пелоси всушност ќе доведе до нова ескалација на кинеската воена принуда врз Тајван во догледна иднина. Казната е клучна во кинескиот одговор во овој миг, бидејќи не можат да ги казнат САД – смета Јун Сун од кинеската програма во центарот „Стимсон“ во Вашингтон.
Ситуацијата во Тајван може да доведе погрешни пресметки, сериозна конфронтација, отворени конфликти и непредвидливи последици за големите сили, предупредија денеска министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН) од средбата во главниот град на Камбоџа, Пном Пен.
Тајван веројатно ќе претрпи и одредена економска казна за неговите постапки откако Кина соопшти суспензија на увозот на одредено овошје и морска храна кон островот.