Од повеќе извори се укажува дека инсистирањето на отворање фронт во врска со Нагорно Карабах, всушност, е обид да се натера Русија да пренасочи значаен дел од своите вооружени сили кон тој регион, со што би ослабнала на украинскиот фронт или би била принудена на ангажирање дополнителен човечки персонал. Дополнително, во правец на размислувањето дека конфликтот за Нагорно Карабах не е случајно реактивиран токму сега зборува и податокот дека киргистанските и таџикистанските граничари вчера размениле оган по спорот околу границата меѓу двете централноазиски земји
Отворање две нови воени жаришта во кавкаскиот регион: Ерменија – Азербејџан и Таџикистан – Киргистан
Извештаите од боиштето каде што се судрија Ерменија и Азербејџан укажуваат дека до вчера изутрина речиси 100 војници беа убиени во најсмртоносните судири меѓу двата кавкаски соседа од крајот на војната во 2020 година за отцепениот регион Нагорно Карабах. Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека загубило 50 војници во судирите, додека Ерменија соопшти дека најмалку 49 нејзини војници биле убиени во последното разгорување на насилството во регионот. Портпаролот на ерменското министерство соопшти дека Азербејџан во денешните напади на границата меѓу двете земји употребил беспилотни летала, артилерија и минофрлачи, а според него, ситуацијата на теренот сѐ уште била тензична.
Ваквиот развој на настаните ги натера САД, Русија и Обединетите нации да ги повикаат двете страни да ги прекинат борбите. Наместо тоа, вчера продолжија меѓусебните обвинувања за краткотрајното примирје и продолжување на гранатирањето.
Зошто и како токму сега се „разбуди“ Нагорно Карабах
Според Баку, Ерменците поставиле мински полиња на неколку патишта во Карабах, а подготвиле и оружени провокации. Ако се анализираат овие извештаи, Азербејџанците не само што ги спречија плановите на непријателот туку и ја елиминираа неговата воена инфраструктура, што, сепак, не претставува некоја сериозна закана.
Ерменските власти, напротив, инсистираат на тоа дека никој ништо не планирал од нивна страна и генерално не го прекршил примирјето прогласено по 44-дневната војна во 2020 година. Ереван ги толкува дејствата на Баку како нескриена агресија, чија цел е територијална експанзија и принудување на републиката да потпише мировен договор, според кој, проблемот со Нагорно Карабах се признава како внатрешна работа на Азербејџан.
Тоа се последните извештаи од фронтот и од главните градови на двете држави, кои продолжуваат со воените дејства и со меѓусебните обвинувања. Но она што го става светот во недоумица е главното прашање – зошто токму сега и овде избувна нов фронт на непријателства.
Според неутралните набљудувачи, судирите ги поттикнаа стравувањата од уште еден голем оружен конфликт меѓу поранешните советски републики паралелно со војната во Украина. Дополнително, конфликтот од целосен обем меѓу Ерменија и Азербејџан би можел во крајна линија да го стави во ризик вклучувањето на сили како Русија и Турција и би го дестабилизирал важниот коридор на цевководи што носат нафта и гас, исто како што војната во Украина го нарушува снабдувањето со енергија за Европа.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да го искористи конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија за да го одвлече вниманието од војната во Украина. Оттаму, Вашингтон ги повика двете страни во конфликтот да ги прекинат непријателствата откако избија борби во близината на границата меѓу двете земји.
– Дали Русија некако се обидува да ги замати водите за да го оттргне вниманието од Украина? Тоа е нешто што секогаш нѐ загрижува – изјави Блинкен.
Наспроти изјавите на високиот американски претставник доаѓаат изјавите од Русија, кои велат дека вложуваат максимални напори за да го искористат своето влијание во регионот и да помогнат во намалувањето на тензиите меѓу Азербејџан и Ерменија. Кремљ потенцираше дека рускиот претседател Владимир Путин прави сѐ што може за да помогне во деескалирањето на непријателствата.
– Претседателот прави максимални напори да придонесе за деескалација на тензиите на границата. Овие напори продолжуваат – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот со новинарите.
Меѓу многубројните анализи на конфликтот, особено е за обележување изјавата на Александар Крилов, главен истражувач на секторот Кавказ, во институтот за светска економија и меѓународни односи ИМЕМО.
– Посебен проблем е Западот, кој не сака да го реши конфликтот, туку да ја претвори Ерменија во инструмент за притисок врз Турција, Иран и Русија. Тој постојано го игра прашањето за ерменскиот геноцид и Карабах за свои интереси – забележува Крилов.
Неговиот колега, Владимир Новиков, шеф на кавкаскиот оддел на Институтот за земји од ЗНД, исто така смета дека Западот се обидува да манипулира со ерменско-азербејџанскиот конфликт.
– Русија треба да вложи максимални напори за да спречи избувнување полноправна војна во Јужен Кавказ – нагласува тој.
Истовремено, од повеќе извори, се укажува дека инсистирањето на отворање фронт во врска со Нагорно Карабах, всушност, е обид да се натера Русија да пренасочи значаен дел од своите вооружени сили кон тој регион, со што би ослабнала на украинскиот фронт или би била принудена на ангажирање дополнителен човечки персонал. Експертите од руска страна се согласни дека стратегиската цел на ваквата политика на Европската Унија и на САД е да ги втурнат Русија и Турција во некаков конфликт на Кавказ, особено затоа што е позната наклонетоста на Анкара кон Азербејџан.
Дополнително, во правец на размислувањето дека конфликтот околу Нагорно Карабах не е случајно реактивиран токму сега, зборува и податокот дека киргистанските и таџикистанските граничари вчера размениле оган по спорот околу границата меѓу двете централноазиски земји. Судирот, кој се случува во пресрет на состанокот на регионалното безбедносно тело и на заднината на борбите меѓу Русија и Украина, како и Азербејџан и Ерменија, започна откако киргистанските граничари ги обвинија Таџикистанците дека заземаат позиции на дел од границата што не е разграничен. И Киргистан и Таџикистан се сојузници со Русија и се домаќини на руски воени бази, но борбите за граничните прашања се чести и во минатата година речиси резултираа со сеопфатна војна меѓу поранешните советски републики.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан тлее со децении
Обновувањето на непријателствата меѓу Азербејџан и Ерменија започна во вторникот вечерта. Набргу потоа следуваше информацијата дека, наводно, двете страни се договориле за прекин на огнот, кој требаше да важи од вторникот, 13 септември, во 9 часот по локално време. Меѓутоа, азербејџанската новинска агенција „Тренд“ објави дека прекинот на огнот траел само неколку минути. Ерменскиот премиер Пашинјан изјави во парламентот дека борбите продолжуваат.
На тој начин продолжува деценискиот конфликт, кој во основа се однесува на регионот Нагорно Карабах. Станува збор за област што му припаѓа на Азербејџан, но претежно е населена со Ерменци. Ерменците и Азербејџанците се спорат за оваа област од почетокот на 20 век. Кога Советскиот Сојуз се распадна на крајот на векот, ерменските сили обезбедија контрола врз областа во војната од 1992 до 1994 година и окупираа големи делови од Азербејџан. Во 2020 година, Азербејџан ги врати териториите и зазеде стратегиски важни точки во Нагорно Карабах. Најмалку 6.500 луѓе загинаа во борбите таа година. Шестнеделните борби завршија со договор за прекин на огнот со посредство на Русија.
Во април 2022 година, Ерменија и Азербејџан објавија дека сакаат да преговараат за мировен договор за Нагорно Карабах со посредство на ЕУ. Според Ерменците, треба да се формира комисија што ќе се занимава со прашања за безбедност и стабилност по должината границата. Во Ерменија, илјадници луѓе протестираа против можните отстапки за Азербејџан.
Воениот блок ОДБК испраќа мисија во Ерменија
Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДБК) објави дека ќе испрати своја мисија за да ја процени ситуацијата во јужниот Кавказ и да предложи решение за тензиите помеѓу Ерменија и Азербејџан. Мисијата ќе ја предводи генералниот секретар на ОДБК, Станислав Зас од Белорусија, а таму ќе биде и рускиот генерал Анатолиј Сидоров, кој е главен на стручниот воен тим од овој блок. Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, преку видеоконференција побарал интервенција од ОДБК.
ОДБК е руски пандан на НАТО и вклучува вкупно шест земји на чело со Русија. Другите членки се Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, сите поранешни советски републики. Азербејџан, кој е втората страна во конфликтот во спорниот регион Нагорно Карабах, не е членка на блокот. Азербејџан и Грузија беа членки, но во 1999 година истапија од блокот, најавувајќи желба за влез во НАТО. Узбекистан исто така беше член, но го напушти во 2012 г.
ОДБК досега инсистираше на мирно решавање на конфликтот, без своја воена интервенција, иако една нејзина членка е инволвирана во судирите, а според официјален Ереван, токму Ерменија е нападнатата страна. Таквиот став на блокот беше на инсистирање на рускиот претседател Владимир Путин, кој и покрај истапувањето на Азербејџан од ОДБК, одржува добри односи со оваа земја. Во статутот на ОДБК постои член 4, според кој, секоја земја-членка може да го активира доколку воено е нападната, а тој член е идентичен како правилото на НАТО, кое вели дека „кога една членка е нападната, тоа е напад врз сите“. Засега е непознато дали Ерменија го активирала членот 4.
Подготвил: Mарјан Велевски