Министрите за надворешни работи на групата НБ8 - стимулирање сценарио на воен судир, како единствено-алтернативен пат по кој треба да се движат нордиските земји- Фото: ЕПА

Анализа

Додека европската политичка сцена станува сè понестабилна, група на северни држави сè повеќе се појавува како политички столб на либералните елити на ЕУ. Ова е таканаречената група НБ8, што е дипломатско име за осум северноевропски земји, Данска, Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка и Шведска.
Поединечно, овие помали држави немаат голема тежина на меѓународната сцена кога станува збор за безбедноста и политиката, но од почетокот на војната во Украина во 2022 година, тие стануваат сè повлијателни како колективен глас што врши притисок врз Западот на политиките што ги води во контекст на вооружување и создавање некаков цврст блок што пропагира „опасност од воена агресија на Русија над Европа“.

Што претставува групата НБ8 и кој е заедничкиот именител на „воените јастреби“ на групацијата?

НБ8 беше формално основана во 1992 година, по завршувањето на Студената војна. Оттогаш, премиерите, претседателите на парламентите, министрите за надворешни работи и одбрана, како и високите државни функционери редовно се состануваат во овој формат.

Соработката првично беше замислена како начин стабилните и богати нордиски земји да ги обноват врските со своите балтички соседи, со кои ги поврзуваат векови трговија и културна размена. Нивната важност дополнително се зголеми во новата ера на глобални тензии и соперништво меѓу големите сили, во која Арктикот, Северниот Атлантик и Балтичко Море повторно станаа стратешки клучни области.
– Светот се менува брзо, најважно е да се вооружи Европа – изјави данската премиерка Мете Фредериксен, актуелна претседателка на форматот НБ8, објаснувајќи зошто Копенхаген повеќе не сака да биде дел од блокот во рамките на ЕУ, кој се спротивставува на повисоките воени трошоци. Имено, Данска ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ во јули, што дополнително ќе ја зголеми видливоста на северните земји. За разлика од Централна Европа, каде што суверенистите и традиционалистите го зајакнаа и поттикнаа односот кон своите национални политики и се завртеа кон изворните европски вредности за соработка, мир и одржлив развој во мирни услови, нордиските и балтичките земји остануваат цврсти поддржувачи на Киев и евроатлантските воено-одбранбени аспирации. Рака на срце, и нордиските земји и земјите од Балтикот ја заострија и својата миграциска политика, нивниот став кон војната останува засега неизменет, па дури и нагласен.

НАТО и ЕУ користат фински и шведски воено-одбранбен концепт

Земјите од НБ8 беа меѓу првите членки на таканаречената воинствена Коалиција на подготвените, која беше основана од Франција и Велика Британија со цел политички и воено да ја поддржат Украина откако сегашниот американски претседател Доналд Трамп привремено ја суспендираше американската помош за Киев.

Данската премиерка Мете Фредериксен го сумираше тоа многу сликовито со зборовите: „Независноста на Украина и спротивставувањето на руската агресија се прашања од директен интерес за нашите земји, со оглед на нивната географска близина до Русија“.

И НАТО и ЕУ широко го користат концептот на „тотална одбрана“ што Финска и Шведска го спроведуваат со децении. Овој модел ги вклучува граѓанското општество, јавниот и приватниот сектор во подготвеноста за кризи, одбраната и економската отпорност, особено во контекст на хибридно војување.

На пример, Финска има население од 5,6 милиони и само 24.000 војници во своите мирновременски сили, но благодарение на системот на задолжителна воена служба и редовните резервни вежби, може брзо да мобилизира воена армија од 180.000 луѓе, додека има дури 870.000 обучени војници во резерва.

Многу бизнис-лидери се исто така резервни офицери, редовно посетуваат семинари за безбедност и се законски обврзани да одржуваат резерви, да споделуваат логистика и да имаат дополнителен производствен капацитет за кризни ситуации. По двете независни војни со Советскиот Сојуз во 1940-тите, Финска сè уште има доволно засолништа за целото свое население.

Минатата година, Шведска испрати леток до пет милиони домаќинства со упатства за тоа што да прават во случај на криза или војна, советувајќи ги граѓаните да подготват резерви од нерасиплива храна, радио на батерии, фенерче, комплет за прва помош и други основни потреби. Европската комисија неодамна препорача сите земји членки да преземат слични чекори.

Земјите од НБ8 се синхронизираат и се координираат по скандинавски!

Земјите од НБ8 редовно ги координираат ставовите пред состаноците на НАТО и ЕУ, иако Норвешка и Исланд не се членки, а тие ја координираат надворешната политика низ целиот свет. Значајно е што нордиската петорка дели простории како Дипломатски-конзуларен комплекс/простор и културен центар во Берлин, главниот град на некогаш најсилната економија во Европа. Во новата распределба на моќта во Европа, нордиските и балтичките земји имаат предност во однос на стабилноста и политичкото единство. Со оглед на растечката внатрешна нестабилност во Полска, парламентарната блокада во Франција и двоумењето на Италија за поголеми инвестиции во одбраната, овие земји стануваат сè попосакувани како потенцијален партнер на германскиот канцелар Фридрих Мерц. Сите членки на НБ8 ги поврзаа своите вооружени сили со Велика Британија и Холандија како дел од Здружените експедициски сили (ЈЕФ), кои се состојат од високомобилни единици подготвени за брза акција. Тие исто така соработуваат со НАТО за заштита на подводните кабли и гасоводи од саботажи.

Некои од споменатата група НБ8 отидоа уште подалеку во интеграцијата. Имено, четирите нордиски воздухопловни сили формираа заедничка дивизија во рамките на НАТО оваа година за да го спроведат таканаречениот Концепт на нордиска воздушна моќ, кој им овозможува на Данска, Финска, Норвешка и Шведска да дејствуваат како една единица на високо ниво на подготвеност.

Трите балтички земји градат заедничка одбранбена линија на своите источни граници, моделирана според украинските ровови, а се дискутира и предлогот на Естонија за балтички ѕид од дронови, систем за надзор на границите со помош на вештачка интелигенција и одбрана од дронови. Сепак, иако изгледаат помоќни отколку што сугерира нивната големина, нивното влијание е ограничено, велат воени експерти.

Соочување со актуелни предизвици

Малите, отворени економии на споменатите нордиски земји, зависат од слободната трговија и стабилната глобална средина. Во рамките на ЕУ, тие не успеаја да го спречат олабавувањето на правилата за државна помош, што отвора пат за уште поголеми (француски и германски) субвенции за нивната индустрија.

Во поширока смисла, глобален амбиент карактеризиран со зголемени царински тарифи, прекинати синџири на снабдување, поделба на влијанието меѓу големите сили… би бил исклучително неповолен тренд за носителите на либералните концепти во нордиските и балтичките земји. Растечкиот антагонизам на двете крупни идеологии, од едната страна неолиберализмот на Брисел, а од друга страна традиционализмот и суверенизмот, кој се совпаѓа во добар дел со трампизмот, би можеле да го означат почетокот на големи предизвици за НБ8 и за политичките елити што го стимулираат сценариото на воен судир, како единствен алтернативен пат по кој треба да се движат нордиските земји. Р.С.