Фото: ЕПА

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА АМЕРИКАНСКИОТ НАПАД ВРЗ ИРАН И ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НЕГО

Рано во неделата САД започнаа напад врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанс и Исфахан – користејќи невидливи т.н. стелт бомбардери „Б-2 спирит“, вооружени со бомби GBU-57/B (т.н. разбивач на бункери), како и крстосувачки ракети „томахавк“, лансирани од подморници.

САД проценија дека израелските напади над Иран нема да ја запрат нуклеарната програма, туку само ќе ја забават

Израел во последните денови ги напаѓа иранските нуклеарни постројки и воени цели, обидувајќи се да ја запре (уништи) нуклеарната програма на Иран. Но токму процените на американските разузнавачки служби сугерираа дека „израелските напади, вака како што течат и според нивната силина и динамика, само би ја одложиле иранската програма за околу половина година и дека понатамошните израелски напади нема да имаат поголем ефект“.

Токму затоа претседателот на САД одлучи директно да интервенира, за да зададе одлучувачки удар. За издвојување е дека претседателот на САД претходно му даде на Иран две недели да се откаже од своите нуклеарни амбиции, сигнализирајќи дека времето за акција на армијата на САД се наближува.

Американските официјални извори тврдат за медиумите дека „нападот имал цел да го спречи Иран во понатамошно развивање нуклеарно оружје и да го принуди Техеран да се врати на преговарачката маса откако дипломатските напори не успеале“.

Тек на нападот

Ангажирањето на стелт бомбардерите „Б-2 спирит“ беше клучно за нападот на САД врз Иран. Благодарение на „невидливоста“, односно стелт карактеристиките, „Б-2 спирит“ успеа да ги пробие најсофистицираните противвоздушни одбрани до највредните и најпосакуваните цели за Вашингтон. Токму „Б-2 спирит“, како што пишувавме деновиве, е американски стратегиски бомбардер, способен за интерконтинентални мисии. Тоа е исто така единствениот тип авион што може да носи огромни масивни пробивни бомби GBU-57/B од 13,6 тони.

Овие софистицирани електронски наведувани бомби наречени разбивачи на бункери се дизајнирани токму за уништување екстремно утврдени подземни цели – како што се нуклеарните постројки на Иран закопани длабоко во подземјето и со засилени техничко-одбранбени технологии.

На пример, локацијата Фордо, имено иранскиот објект за збогатување ураниум сместен во планина во непосредна близина на Ком долго време се смета за практично неуништлив од конвенционално оружје поради неговата длабочина и зајакната градежно-изведбена структура. Токму затоа САД го искористија целиот товар на своите најтешки бомби во нападот врз локацијата Фордо.
– Нападот вклучуваше шест бомбардери Б-2, кои незабележано влегоа во иранскиот воздушен простор. Според извори од американската влада, тие бомбардери летале непрекинато околу 37 часа од нивната база во Вајтман, Мисури, со повеќекратно полнење гориво во воздух по патот. Секој Б-2 носел по две бомби GBU-57/B: вкупно 12 такви проектили биле фрлени врз Фордо, главната и најзаштитена цел.

Дополнително, друг Б-2 го бомбардирал објектот во Натанц со две исти бомби таканаречени разбивачи на бункери.
– Третата нуклеарна локација, објект во близината на Исфахан, беше цел на крстосувачките ракети „томахавк БГМ-109“ истрелани од американски подморници.

Погодени цели и процена на штетата: Зошто нема регистрирано зголемена радијациска активност на теренот?

1. Локацијата Фордо се смета за најчувствителен и најутврден објект – тоа е подземен објект за збогатување ураниум што Иран тајно го изградил во планината (пуштен во употреба во 2009 година). Американците веруваат дека „Фордо“ сега е тешко оштетен со 12 директни удари и дека програмата за збогатување на Иран ќе биде значително забавена. Сателитските слики го снимија блесокот од експлозијата над „Фордо“ во времето на нападот, а термичките сензори на НАСА открија пожари околу објектот веднаш по ударот, потврдувајќи дека целта е погодена.

2. Локацијата Натанс, најголемиот ирански комплекс за збогатување ураниум во централен Иран, исто така беше цел. Наводно врз Натанс биле фрлени две бомби GBU-57/B, веројатно уништувајќи ги клучните „подземни центрифугални сали за збогатување ураниум.

3. Објектот во Исфахан, каде што се наоѓа фабрика за преработка на ураниум, беше погоден од салва од ракети и се верува дека претрпел значителна штета, иако целосниот обем на уништувањето сè уште не е потврден.

Како што информиравме, иранската страна тврди дека нападите не предизвикале никакво радиоактивно истекување на опасни материјали. Тоа го регистрираат и софистицираните апарати.

Иранската организација за атомска енергија соопшти дека „нема знаци на контаминација“ на нападнатите локации. Слично извести и Саудиската комисија за нуклеарна и радиолошка регулатива, која потврди дека не се откриени зголемени нивоа на зрачење во земјите од Персискиот Залив по американскиот напад. Некои експерти заклучуваат дека можеби и не е направена штета на иранските нуклеарни капацитети во онаа мера како што се прикажува во јавноста од страна на американските медиуми и дека можеби радиоактивните материјали навреме биле дислоцирани. Експертите додаваат и дека „најавата за можно бомбардирање и ракетирање од страна на САД го направила Техеран поподготвен превентивно да ги ублажи последиците од идната воена штета“.

Но, во секој случај, вистинскиот обем на штетата врз критичната инфраструктура (и материјалот што се збогатувал, од нуклеарната програма на Иран) сè уште не е утврден. Независните аналитичари истакнуваат дека ќе биде потребна непосредна инспекција од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за да се потврди состојбата на објектите и резервите на збогатен ураниум по нападот.
Р.С.