Полска, Финска и балтичките држави градат ѕид од дронови и противтенковски ров во недоглед по должината на границата со Русија
- Полска, Финска и балтичките држави итаат за да операционализираат повеќеслојна иницијатива наречена „Балтички ѕид од дронови“, со цел зајакнување на надворешните граници на НАТО, чии аспирации за ширење на исток засега стигнаа до источните граници на гореспоменатите држави членки на Северноатлантската алијанса. Истовремено, Естонија почна да копа и повеќекилометарски противтенковски ров по должината на границата со Русија. Овие потези, во западните медиуми претставени како воено-безбедносни мерки, доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу Москва и НАТО
Амбициозниот проект наречен „Балтички ѕид од дронови“ беше претставен годинава (од естонски кластер од областа на воено-наменската индустрија) и има цел да се позиционира по должината стотици километри од источните граници на НАТО, со комбинирање широк спектар на мерки во кој спаѓаат сензори и пресретнувачи на летала. Се очекува проектот да биде завршен до 2027 година врз основа на сегашните процени, при значително зголемување на операциите со дронови во воздушните простори.
– За континуирано следење во рамките на проектот се потребни: автономни системи за надзор подобрени со вештачка интелигенција (ВИ); интегрирани системи за борба против беспилотни летала (Ц-УАС) за неутрализирање на заканите од беспилотни летала; повеќеслојни сензорски мрежи за откривање и следење на заканите во воздухот, копното и водата; автоматизирани пресретнувачи на беспилотни летала распоредени по границата за брз одговор и сузбивање на непријателските беспилотни летала; мобилни системи и платформи за борба против беспилотни летала за флексибилни и брзи контрамерки во променлива средина – пишува „Балтик тајмс“, пренесувајќи детали од планот.
Европската Унија разгледува слична иницијатива, можеби во поголем обем, при што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, објави создавање сојуз со Украина, продлабочувајќи ја соработката со таа земја.
Воената употреба на беспилотни летала значително еволуираше од почетокот на војната во Украина пред повеќе од три години. Моментно се смета дека беспилотните летала се одговорни за околу 70 проценти од сите руски и украински жртви на бојното поле, според Атлантскиот совет.
Ров со километри и стотици бункери во рамките на балтички воено-градежнички фортификациски зафат
– До крајот на 2027 година, треба да имаме подготвено повеќе од 40 километри во рамките на противтенковскиот ров, заедно со речиси 600 бункери – соопшти потполковникот Аинар Афанасиев од Генералштабот на естонските одбранбени сили.
Предвидено е ровот да биде зајакнат со бодликава жица и таканаречени змејски заби – редови бетонски блокови во форма на пирамида дизајнирани да запрат оклопни возила. Планот е дел од пошироката балтичка линија на одвојување, утврдена област по должината на копнената граница на Естонија со Русија, која опфаќа околу 4.000 квадратни километри. Естонските власти веќе почнаа да поставуваат метални порти и бариери на клучниот граничен премин Нарва, а слични утврдувања се планираат и на други контролни пунктови. Активирање и опремување на т.н. балтичка линија на раздвојување беа најавени во јануари минатата година на заеднички состанок на министрите за одбрана на Летонија, Естонија и на Литванија.
Вооружувањето до заби на балтичката линија отвора прашање дали е тоа за одбрана или се акумулира оружје за настап кон исток?!
Планирано е балтичката линија да се состои од инсталации за противмобилна борба, како што се најмалку шестотини бункери за поддршка низ секоја национална граница, употреба на природни и вештачки објекти, како што се шуми и реки, и противтенковски ровови по границите на трите балтички држави, објавува „Брејкинг дифенс“. Се претпоставува дека ќе се користат и артилериските ракетни системи М142 ХИМАРС, објавува „Политико“.
Покрај овие воени инсталации, балтичката линија ќе се состои и од складишта, каде што ќе се складираат воено-логистички елементи (оружје, муниција, санитетски материјал, храна итн).
– Иако војувањето сигурно стана многу технолошки понапредно во последниве години, во многу аспекти војната никогаш не се менува. Првата светска војна беше рововска војна, а сега и Украинците и Русите се борат од ровови. Всушност, некои од моделите на војување останаа во суштина исти во изминатиот век. Вклучувајќи ги и противтенковските ровови – пишува порталот „Технолоџи“. Р.С.
Рововите не се несовладлива пречка за современите тенкови
Современите тенкови можат сами да преминат мошне широки ровови. Тенковите „М1А2 абрамс“ можат да преминат ров широк околу 2,7 метри. Моделот „леопард 2“ може да премине преку ров широк околу 2,5 метри, додека рускиот Т-90 може да премине ров во широчина до 2,6 метри. За совладување пошироки ровови, постојат инженерски возила: таканаречени возила за поставување мостови како што се МТУ-72, M60 АВЛБ, „Леопард 1/2“… Некои тенкови исто така носат снопови дрвени, метални или пластични цевки што ги вметнуваат во ровот за да го пополнат. Р.С.
Унгарскиот премиер предупредува за состојбата во Шведска, државата што беше пример за Европа
Хаосот и насилството не смее да бидат иднината на ЕУ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека сочувствува со шведскиот народ, кој е заробен во хаос додека неговите лидери го поминуваат времето обвинувајќи се едни со други, и повика на споредба на фактите во врска со насилството во Унгарија наспроти Шведска.
Орбан изјави дека во 2024 година немало експлозии или нелегални мигранти во Унгарија, напоменувајќи дека биле уапсени 132 шверцери на мигранти, како и 16 илјади нелегални мигранти во Шведска. А истовремено, унгарскиот премиер рече дека во текот на претходната година имало 317 експлозии поврзани со банди во Шведска, биле забележани 62.000 луѓе поврзани со криминални мрежи, 8.935 нелегални мигранти, како и дека стапката на убиства со огнено оружје била четири убиства на милион жители, во споредба со просекот на ЕУ од 1,6.
Унгарскиот премиер, исто така, изјави дека шведскиот премиер Улф Кристерсон признава оти „очигледно нема контрола врз овој бран на насилство“.
– Овој хаос не смее да биде иднината на Европа, нашите луѓе заслужуваат подобро – заклучи Орбан. Р.С.