Фото: „Нова Македонија“

Денеска министрите за одбрана на НАТО се состануваат на последен координативен состанок пред големиот годишен самит на 24 и 25 јуни

Министрите за одбрана на НАТО се состануваат денеска (5 јуни) на последен министерски состанок пред големиот годишен самит на НАТО на 24 и 25 јуни, кога 32 шефови на држави и влади на воената алијанса, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се соберат во Хаг.
Состанокот е само за едно нешто: зголемување на финансиските средства на воените буџети.

Тогаш официјалните лица треба да се договорат за следната цел за трошоците на НАТО. Бидејќи повеќето членки на Алијансата сега одвојуваат два процента од БДП за одбрана, следната цел е 3,5 проценти во таканаречените „тешки трошоци“, што значи „воени капацитети како што се тенкови, ракети и муниција“…

Според изјави во јавноста на официјални лица на НАТО, само Шпанија се чини дека има проблеми со 3,5 проценти, но се очекува да се приспособи на мнозинството, и тоа токму на денешниот министерски состанок.

За потсетување, Шпанија е една од ретките земји што сè уште не ја достигнала основната линија од 2 проценти, откако минатата година достигнаа само 1,28 процент. Се чини дека буџетското зголемување на воените трошоци на кое се надеваше засега е заглавено во процедурите… Но аналитичарите се сомневаат во тоа. Имено, патем споменато, но за издвојување е прашањето (за Шпанија), поврзано со „долгогодишното ветување на централно-левичарската влада до коалициските партнери дека каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик ќе станат официјални јазици на ЕУ – нешто што бара едногласност меѓу земјите членки на ЕУ, што Шпанија не успеа да го обезбеди кога се појави на дневен ред во Брисел на 27 мај. Иако прашањето сè уште не е целосно отфрлено, не е одреден датум за потенцијална одлука за ова прашање“…

„Мека“ цел за трошење на НАТО

Сепак, целта од 3,5 проценти не е единственото нешто што треба да се одлучи. Исто така, треба да има цел за трошење од 1,5 процент од БДП за она што би можело да се нарече „мека цел“, со што вкупните трошоци за одбрана ќе достигнат 5 проценти од БДП. Едно од големите прашања сега, со преговори што веројатно ќе продолжат до самитот, е што може да се вклучи во тие 1,5 процент. Тоа сигурно би вклучувало зголемување на цивилната подготвеност и сајбер-одбраната, но сојузниците лобираат да стават речиси сè таму – се шпекулира дека Германија сака да вклучи финансирање за нејзиното медиумско емитување на „Дојче веле“.

Постојат уште две прашања што можеби нема да бидат решени наскоро: временската рамка за постигнување на целта и како точно да се направи тоа.
Годината 2032 е спомената, но таа може да се помести во 2035 година, при што официјалните лица велат дека е нереално секоја земја да ги зголеми трошоците за одбрана пред тоа, бидејќи има низок раст и значителни буџетски дефицити со кои треба да се справи. Постои жолчна дискусија за методот како да се постигне целта, при што официјалните лица на НАТО инсистираат на зголемување на трошоците од 0,2 проценти секоја година. Сепак, повеќето земји не сакаат толку детален план и претпочитаат трошење тогаш кога ќе има достапни пари. Ова би значело дека нивните трошоци за одбрана би можеле значително да скокнат во текот на годината кога ќе направат голема нарачка на тенкови или авиони, на пример, и идеално ова би се приближило до крајниот рок од 3,5 проценти.

Каков став имаат САД во врска со трошоците за одбрана на НАТО?

Американскиот претседател Доналд Трамп е тој што им нагласи на европските сојузници на НАТО дека треба да трошат повеќе. Некои европски дипломати велат дека Вашингтон едноставно сака 3,5 проценти на писмено, во Хаг, и навистина не го интересира што вклучуваат другите 1,5 процент. Но постои и голема трансатлантска зделка. САД би сакале потенцијално европско одбранбено силно вложување токму во корист на американските производители на оружје. Но со растегнатите синџири на снабдување во Северна Америка, би можело да има смисла да се воспостави поголемо американско производство во Европа. Со други зборови: купувајте американски производи во Европа. На пример, купување американски „патриот“ што ќе се произведуваат во Германија или производството на авиони „Ф-35“ во Италија.

Ќе се дискутира ли за Украина на денешниот координативен состанок на министрите за одбрана на НАТО?

За Украина е многу малку веројатно дека ќе се отвори дискусија на денешниот министерски состанок за одбрана. И присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски не е потврдено. Вчера, на ден пред министерскиот состанок, Контакт-групата за одбрана на Украина (исто така позната како Рамштајн-група), сојуз од 57 земји, се состана за да ја координира воената помош за Киев. Со оглед на тоа што САД повеќе не се на чело, Германија и Обединетото Кралство сега се копретседатели на групата, а се очекуваат повеќе најави за воена помош.

Сојузниците од НАТО обезбедија 50 милијарди евра за Украина во 2024 година, а целта е да се обезбедат уште 40 милијарди оваа година. Досега се ветени повеќе од 20 милијарди евра, но сè уште постои страв дека целта нема да се постигне, бидејќи земјите ќе ја дадат својата одбрана како приоритет, а САД сигнализираа дека можеби нема да испратат повеќе оружје во Киев, бидејќи бараат договор за крај на борбите. Р.С.


Западната воена алијанса со масивни воени вежби во Балтичкиот Регион

Кремљ: Вежбите на НАТО во Балтикот се подготовка за можен воен конфликт со Русија

Воените вежби на НАТО во Балтичкиот Регион се дел од подготовките на Алијансата за можен воен конфликт со Русија, изјави заменик-рускиот министер за надворешни работи Александар Грушко.
– Воената активност на НАТО ја оценуваме како дел од подготовките за воени конфликти со Русија. Ако ги погледнеме фокусот на овие вежби, концептот, структурата на распоредувањето на силите, самите сили, нивниот квалитет, задачите што се поставени за овие вежби, тогаш е јасно дека станува збор за борба против споредлив противник – рекол Грушко.
Овој месец се одржува БАЛТОПС – годишната воена вежба на НАТО во Балтичко Море и околните региони.

Годинашниот БАЛТОПС 25 е најголема годишна поморска воена вежба на НАТО во Балтичкиот Регион, која се одржува од 3 до 20 јуни 2025 година.
Во вежбата учествуваат околу дваесет држави, повеќе од 40 брода, 25 авиони и приближно 9.000 припадници на вооружените сили. Главниот акцент е на интеграцијата на беспилотни летала (УАВ) во поморските операции, како и на заедничкото увежбување на способности како што се амфибиски операции, противвоздушна одбрана, противподморничко војување, противмински мерки, медицинска евакуација и заедничко спасување на персонал.

Вежбата се спроведува на широко подрачје на јужниот Балтик, од Данските Теснеци и Јутландскиот Полуостров до заливот Гдањск, а вклучува и бојно гаѓање на поморски полигони. БАЛТОПС 25 дополнително ја зајакнува интероперабилноста и подготвеноста на НАТО-сојузниците и ја демонстрира заедничката способност за одбрана и зачувување на слободата на пловидба во регионот, особено во година кога НАТО ја одбележува 75-годишнината. Р.С.


Вчера попладне во Брисел, состанок на Контакт-групата за Украина

Рамштајн-групата со подготовки за Украина

Во пресрет на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, вчера попладне во седиштето на Алијансата во Брисел се одржа состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина.

Состанокот започна со воведни обраќање на министрите за одбрана на Велика Британија, Џон Хили, на Германија, Борис Писториус, и на Украина, Рустем Умеров.
Контакт-групата за одбрана на Украина, позната уште и како Рамштајн-група, е сојуз на 57 земји – сите 32 членки на НАТО и 25 други држави – и плус Европската Унија, кои го поддржуваат Киев со испраќање воена опрема во Украина.

Како што соопшти прес-службата на НАТО, пред денешниот министерски состанок, генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, вчера престојуваше во посета на Франција, каде што се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон. Р.С.