Фото: Инстаграм/МВР на Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека припадници на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) во Јагодина го убиле Саша Милосављевиќ (48), кој вчера попладне убил едно лице, а друго тешко ранил.

Дачиќ објави дека при обидот за апсење, Милосављевиќ пукал во САЈ.

Пукањето се случило вчера околу 18 часот во кафеаната „Круг“ на улицата Иво Андриќ во населбата Стрелиште во Јагодина.

Како што објави „Блиц“, претходно, минатата недела дошло до тепачка во „Круг“, а конфликтот кулминирал на Бадниковата вечер. Притоа бил застрелан сопственикот на таверната Дејан Михајловиќ (56). Тој итно бил пренесен во болница, но и покрај сите напори на лекарите набрзо им подлегнал на повредите. Покрај него, рането било уште едно лице, кое било гостин во кафеаната.

Убиецот по пукањето побегнал од локалот, а полицијата веднаш почнала операција за негово апсење.

Како што пишува „Блиц“, синоќа додека траела потрагата по убиецот градот бил под опсада. Како што се сомневале полицајците, тој побегнал од таверната во правец на руските гробишта.

Припадниците на САЈ се приклучиле на полициските сили. Како што соопшти синоќа министерот Дачиќ, убиецот не се предал кога бил опколен од полицијата, туку пукал во припадниците на САЈ, поради што бил убиен.

Полицијата соопшти дека тој претходно бил осудуван за повеќе кривични дела, убиство во обид, тешка кражба, семејно насилство, носење оружје.