Фото: Пиксабеј

Војните во Украина и во Појасот Газа ја зголемуваат побарувачката за оружје и воена опрема. Во 2023 година приходите на 100-те најголеми светски производители на оружје се зголемија на вкупно 632 милијарди американски долари, што претставува зголемување од 4,2 отсто во споредба со 2022 година. Ова се резултатите од најновиот извештај на шведскиот Институт за истражување на мирот (СИПРИ), кој ги анализира деловните резултати на 100-те најголеми компании во секторот за оружје.

„Најважната промена во 2023 година беше тоа што особено европските и американските компании успеаја зголемената побарувачка поради војната во Украина да ја претворат во поголеми приходи“, објаснува Ксијао Лианг, еден од авторите на извештајот, во интервју за Дојче Веле.

Најголем пораст во 2023 година забележаа руските производители на оружје: СИПРИ забележа пораст од 40 отсто во нивниот приход. Тоа што меѓу 100-те најголеми во светот има само две руски компании има своја причина. „Повеќето руски компании престанаа да ги објавуваат своите приходи во 2022 година“, објаснува Ксијао Лианг. Сепак, не сите: податоците од Ростек, која е рангирана на седмото место меѓу светските производители на оружје, особено им помогнаа на истражувачите од Стокхолм. „Тоа е всушност холдинг компанија која опфаќа седум или осум различни руски компании кои претходно ги имавме во нашата база на податоци. Така, сè уште имаме прилично добар преглед за тоа како овие компании еволуирале“, нагласува Лианг.

Единствената украинска компанија меѓу 100-те најголеми е АД Украина одбранбена индустрија. Таа ги зголемила своите приходи за 69 отсто.

Војната во Украина имаше мешани ефекти врз производителите на оружје на други места во Европа. Некои земји, како Франција и Италија, забележаа значителен пад на приходите. За разлика од нив, германските компании забележаа пораст од 7,5 отсто.

Вкупно, четири германски производители на оружје се меѓу 100-те најголеми во светот: Рајнметал, Тисен Круп, Хенсолд и Диел. Како најголем германски концерн, Рајнметал е на 26 место и успеа да ги зголеми приходите за десет отсто.

На врвот на листата на 100 најголеми светски производители на оружје и натаму се американските гиганти Локхид Мартин и РТИкс, порано Рајтеон, кои забележаа благ пад на приходите во 2023 година. Според СИПРИ, ова е поврзано со ограничената достапност на специјални компоненти или суровини што се користат во воздушната и ракетното производство. Затоа, проблемот не е во побарувачката, туку во синџирите на снабдување. Генерално, помалите производители успеаја да го зголемат производството побрзо во 2023 година отколку големите концерни.

Во Азија, особено производителите на оружје од Јужна Кореја и Јапонија, значително ги зголемија своите приходи како реакција на зголемените тензии во регионот. Јапонија се вооружува поинтензивно од кога било од крајот на Втората светска војна, а овој раст започна во 2022 година. Во Кина приходите на производителите на оружје се зголемија за само 0,7 отсто во 2023 година – најмал пораст од 2019 година. Според проценката на Ксиао Лианг, кинеската индустрија за оружје и понатаму ќе остане на вистинскиот пат. Тој предупредува дека модернизацијата на вооружените сили на Кина е „приоритет за кинеската влада и лично за претседателот Си Џинпинг“.

Шест од 100-те најголеми производители на оружје се лоцирани на Блискиот Исток. Нивниот приход се зголеми во 2023 година за 18 отсто на 19,6 милијарди долари. По почетокот на војната во Газа, приходите на три израелски компании достигнаа рекордни 13,6 милијарди долари. Ова беше највисоката вредност што некогаш ја забележале израелските производители на оружје меѓу првите 100. Меѓу овие компании се и производителите на противвоздушниот систем „Железна купола“, кој го штити Израел од ракетни напади, но е баран и во Источна Европа.