Илустрација / Фото: Принтскрин/Јутуб

Црногорската полиција не дозна ништо по претходниот масакр што се случи во Црна Гора, изјави во ТВ емисијата „Утро на Блиц“, на српската телевизија Блиц, политичкиот аналитичар Иван Милетиќ по масовното убиство во Цетиње.

Милетиќ истакна дека феноменот „копирање“ е веќе познат во науката.

– Познато е дека кога ќе се случат вакви трагични настани, постои зголемен ризик да се повтори нешто слично во наредните денови. Зашто, луѓето кои се очигледно психолошки нестабилни или имаат некакви мотиви кои одат во таа насока, во тие настани наоѓаат некаква инспирација – рече тој.

Масовниот убиец од Цетиње Ацо Мартиновиќ (45) синоќа се самоуби откако уби најмалку 12 лица, соопшти полицијата. Мартиновиќ, кој бил во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње. Меѓу жртвите има и две деца на возраст од 10 и 13 години, а сите се блиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.

Мартиновиќ го започнал злосторството во ресторанот Велестово во близина на Спортскиот центар. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица. Потоа ги убил членовите на своето семејство и двете деца, на возраст од 10 и 13 години, на повеќе локации. Полицијата соопшти дека се уште се утврдува мотивот.

Тројца од четворицата повредени вчера во Цетиње утрово се со стабилни витални параметри, но нивните животи се уште се во опасност, соопшти министерот за здравство Воислав Шимун.

Обвинителката Андријана Настиќ потврди дека во Цетиње биле убиени 12 лица, а осомничениот Ацо Мартиновиќ се самоубил. Како што пренесува црногорски „Вијести“, обвинителот истражил шест локации, од кои на пет биле извршени убиствата и местото каде што осомничениот се застрелал.

– Станува збор за опасна личност, несовесна и брутална – изјави синоќа директорот на Полициската управа Лазар Шќепановиќ. Тој додаде дека, според официјалните податоци, Мартиновиќ не поседувал регистрирано оружје. Ацо Мартиновиќ пред две години беше уапсен поради поседување оружје и закани. Не се знае дали и на каква казна тогаш бил осуден. Шќепановиќ изјави дека Мартиновиќ бил осуден во 2005 година за насилничко однесување. Тој посочи и дека во 2022 година биле преземени одредени мерки, меѓу кои и претрес, при што била пронајдена воздушна пушка, друго оружје и експлозиви.