Низ поморскиот свет, товарниот брод Катрин, кој плови под португалско знаме, деновиве се најде во фокусот на вниманието. Тој во моментов е усидрен на помалку од една милја од границата на хрватските територијални води, бидејќи се претпоставува дека бара дозвола од хрватските власти да помине.
Имено, меѓународната невладина организација Амнести интернешенел тврди дека бродот превезува експлозиви за Израел, а ова сознание ги затворило вратите за него на бројни пристаништа, меѓу кои и пристаништето Бар во Црна Гора, каде што требало да вплови неколку пред денови, пишуваат хрватските медиуми.
Дека нема да влезе во црногорското пристаниште Бар прв објави порталот РТЦГ, кој исто така најави дека бродот ќе замине во Хрватска, па во меѓувреме е повлечено барањето кое претходно беше доставено до црногорската страна.
Во меѓувреме Амнести интернешнал ги повика Словенија и Црна Гора да пресретнат брод за кој се верува дека носи експлозиви за Израел, со оглед на јасниот ризик дека таков товар ќе придонесе за извршување на воени злосторства во Газа:
– Според намибиската влада и португалскиот министер за надворешни работи, товарот на моторниот брод Катрин вклучува експлозиви наменети за Израел. Намибиските власти одбија да му дозволат на бродот да влезе во нивното главно пристаниште во август. Изјавите од кабинетот на словенечкиот премиер и португалскиот министер за надворешни работи укажуваат дека бродот се упатува кон Црна Гора и словенечкото пристаниште Копар, каде што ќе го истовари својот товар. Нејасно е како товарот ќе стигне до Израел – објави Амнести интернешенел.
Освен тврдењето на оваа меѓународна организација, единствениот документ кој е објавен во јавноста и потврдува дека бродот е натоварен со експлозив е објавен од намибиските власти. Во август, оваа јужноафриканска земја одби да му дозволи на бродот да влезе во нивното пристаниште, повикувајќи се на информации од операторот на бродот дека неговиот товар вклучува осум контејнери со експлозив RDX Hexogen за Израел.
Министерката за правда на Намибија, Ивон Даусаб потврди за намибискиот дневен весник New Era на 26 август дека бродот Катрин „навистина транспортира експлозивен материјал наменет за Израел“.
– Сега останува на Словенија, Црна Гора и на сите други земји да го сторат истото и да избегнат овозможување на нелегалниот трансфер – изјави Наташа Посел, шефица на словенечкиот огранок на Амнести интернешенел, која потсетува дека Меѓународното хуманитарно право им забранува на сите земји да пренесуваат оружје во страна во вооружен конфликт кога постои јасен ризик дека тоа ќе придонесе за воени злосторства или други сериозни повреди на ова право.
Како што детално опиша Амнести интернешенел, моторниот брод Катрин го натоварил товарот во виетнамското пристаниште Хаи Фонг, пишува Morski.hr.
На 24 август, намибиските власти ја укинаа претходно издадената дозвола на бродот за влез во главното пристаниште на Намибија, повикувајќи се на информации од операторот на бродот дека товарот со експлозиви на бродот бил наменет за Израел. Оваа одлука беше заснована на загриженоста за можна вмешаност во воените злосторства во Газа. Катрин требаше да се закотви во заливот Валвис во Намибија на 25 август.