Винсент Лемарк Бурел (57) од Далас, Џорџија, бил осуден на драконска затворска казна од 475 години, откако беше прогласен за виновен по 103 точки од обвинението, вклучувајќи 93 точки за организирање борби со кучиња и 10 точки од обвинението за суровост кон животните. Оваа пресуда, донесена на 30 јануари 2025 година, ја претставува најдолгата позната казна некогаш изречена за овој вид криминал во САД, а можеби и во светот, како што објавија Њујорк Тајмс и Ен-Би-Си Њуз.
Случајот започна во 2022 година кога доставувач забележал алармантна состојба на имотот на Бурел. Забележал бројни кучиња врзани со тешки синџири на столбови за огради, за што веднаш пријавил до надлежните органи. Ова јавување поттикнало истрага која ја разоткри шокантната реалност скриена зад оградата на куќата на Бурел. Полицијата на округот Полдинг, откако добила налог за претрес, на имотот пронашла 107 кучиња, главно питбули, во исклучително тешки услови. Кучињата биле врзани со тешки синџири, честопати без пристап до храна и вода. Многумина биле неухранети, со видливи лузни и повреди, вклучително и насилно извадени заби.
Некои од кучињата биле сместени во подрумот на куќата, каде што смрдеата на урина и измет била толку силна што полицајците морале да носат заштитна опрема. Ветеринарниот преглед, исто така, открил лузни на вратот на кучињата од тешки јаки, како и шаблони на лузни конзистентни со повреди здобиени при борби со кучиња. Судијата Дин Ц. Бучи ја изрече максималната можна казна, нагласувајќи ја сериозноста на кривичното дело и потребата да се заштитат животните.
Обвинителката Џесика К. Рок, која е специјализирана за злосторства врз животни, ја опиша борбата со кучиња како „прикриена, но организирана криминална активност“ која вклучува одгледување, обука и борба со кучиња до степен на исцрпеност или сериозна повреда.