Поради смртта на поранешниот грчки премиер Костас Симитис, со одлука на Владата, во Грција е прогласена четиридневна национална жалост, а погребот ќе биде в четврток со почести како за премиер во функција, јави дописничката на МИА од Атина.
Поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, ненадејно почина вчера наутро на 88-годишна возраст, а пораки со сочувство упатија грчката претседателка, грчкиот премиер, лидерот на ПАСОК, како и претседателите на опозициските партии.
Национална жалост во Грција се прогласува по трагичен настан како што беше железничката несреќа кај Темпи во 2023 година и катастрофалните пожари во близина на Атина во 2018 година, но и по смрт на поранешен функционер или важна личност во земјата, а предвидува знамињата да бидат на половина копје, може да бидат затворени и дел од јавните служби, како и училиштата, иако во конкретниот случај, засега, не постои ваква одлука.
И покрај четиридневната национална жалост, денеска во Грција се прослаувава празникот Водици и сите манифестации во земјата се одржуваа регуларно.
Симитис беше премиер во периодот од јануари 1996 до март 2004, меѓу најважните успеси во неговиот мандат е членството на Грција во еврозоната, додека неговиот осумгодишен премиерски мандат беше поврзан и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри и интеграцијата на Кипар во Европската унија.
Симитис во Грција се сметаше за умерен и политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.
Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години (од 1985 до 2009) беше пратеник во грчкиот Парламент.