Фото: Принтскрин/Јутуб

Традиционалната годишна конференција на која рускиот претседател Владимир Путин одговара на прашања од граѓаните заврши по 4 часа и 27 минути.

Граѓаните и новинарите му поставуваа прашања на Путин од различни области, најмногу за војната во Украина и економијата, но и за односите со другите земји, Сирија и социјалните прашања.

Путин одговори на повеќе од 50 прашања, а Русите испратија повеќе од два милиони прашања.

Годинава, сепак, не беше соборен рекордот на траење на годишната конференција од 4 часа и 48 минути, што Путин го постигна во 2013 година.

Путин: Не ни треба прекин на огнот, туку постојан мир со гаранции за Русија

Одговарајќи на прашање за прекинот на огнот во Украина, Путин изјави дека руската војска напредува и дека паузата во борбите ќе и помогне на Украина и ќе им даде време на нејзините војници да се вкопаат и да добијат муниција.

Тој вели дека Киев „регрутира луѓе на улиците“, споредувајќи го тоа со „уловување кучиња скитници“.

Рускиот лидер, исто така, оцени дека долгиот прекин на огнот ќе им даде време на војниците во Украина да ги преквалификуваат своите сили.

– Она што ни треба не е прекин на огнот, наместо тоа ни треба траен мир со гаранции за Руската Федерација – додаде тој.

Путин: Подготвен сум на компромис со Трамп за Украина

Рускиот претседател изјави дека е подготвен на компромис за Украина на евентуалните разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за завршување на војната и дека руските сили се се поблиску до остварување на нивните главни цели на бојното поле.
На прашањето што треба да му понуди на Трамп, Путин го отфрли тврдењето дека Русија е во слаба позиција. Всушност, рече тој, Русија стана значително посилна откако им нареди на своите војници да влезат во Украина во 2022 година.

– Отсекогаш зборувавме дека сме подготвени за преговори и компромиси, но спротивната страна ги отфрли преговорите. А резултатите од преговорите секогаш се компромиси – рече Путин.

Тој истакна дека неговите сили напредуваат по целата линија на фронтот и дека се поблиску до исполнување на главните цели на бојното поле.

-Наскоро, според мене, ќе има недостиг од Украинци кои сакаат да се борат. Нема да остане никој да се бори. Ние сме подготвени, но и другата страна мора да биде подготвена за преговори и компромиси – рече Путин.

Путин: Требаше порано да ја нападнеме Украина

Лидерот на Кремљ, одговарајќи на прашање дали научил нешто за себе за време на војната, одговори: „Сега многу помалку се шегувам“.

На прашањето што би направил поинаку ако има шанса да се врати во февруари 2022 година, кога Русија ја започна својата сеопфатна инвазија на Украина, Путин одговари: „Знаејќи што се случува сега, во 2022 година би помислил дека одлуката требаше да се донесе порано. Требаше порано да почнеме да се подготвуваме за тој развој и специјалната воена операција“, додава тој.

Путин го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија

Зборувајќи за Сирија, тој рече дека до новите сириски власти доставил предлози во врска со руските воени бази во таа земја и дека повеќето од луѓето со кои разговарала Москва се за нивно останување.

Тој додаде дека Русија мора да размисли дали базите ќе останат или не, а исто така истакна дека гласините за „смрт“ на руското влијание на Блискиот исток се претерани.

Тој го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија, кои се распоредени таму во тампон зоната што ги дели двете земји на Голанската висорамнина. „Се надеваме дека во одреден момент Израел ќе се повлече од сириска територија“, рече претседателот на Русија, кој му даде политички азил на соборениот сириски лидер Башар ал Асад и неговото семејство.

Путин: Бевме со Кина во Втората светска војна, заедно сме и сега

Билатералните односи меѓу Русија и Кина се на својот врв, рече Путин, додавајќи дека постои „целосна доверба“ од двете страни.

-Ние нема да направиме ништо за да ја поткопаме довербата – рече тој, нарекувајќи го кинескиот лидер Си Џинпинг свој „пријател“.

Двајцата лидери последен пат се сретнаа во рускиот град Казан на отворањето на самитот на БРИКС во октомври, каде Си му кажа на Путин дека „пријателството меѓу Кина и Русија ќе продолжи со генерации“.

Осврнувајќи се на историјата на руско-кинеските односи, Путин зборуваше за тоа како двете земји се бореа заедно за време на Втората светска војна. И тогаш бевме заедно и сега сме, нагласи тој.

Путин: Ни требаат девојки. Жени

Путин се осврна на уште едно чувствително прашање – падот на наталитетот во Русија. Тој вели дека бројот на жени во репродуктивна возраст е намален за една третина во Русија по распадот на СССР.

-Ни требаат девојки. Жени- истакна тој.

Рускиот претседател им порача и на регионалните гувернери дека нивните работни денови мора да „почнуваат и завршуваат“ со решавање на демографските прашања.

Путин: Руската економија „стабилна“ и покрај „загрижувачката“ инфлација

-Економијата е важна, да почнеме со неа и покрај провокативните прашања – рече Путин на почетокот, додавајќи дека економската ситуација во земјата е стабилна и дека годинава растот на БДП во Русија може да биде 3,9 или 4 проценти.

Путин потоа додаде дека Русија е пред Европа, а Кина, САД и Индија се пред Москва во однос на економскиот развој.

Путин не знае кога Русија ќе ја врати контролата врз Курск

Путин призна дека не може да каже кога руската армија ќе ја врати целосната контрола врз западниот регион Курск.

-Апсолутно ќе ги потиснеме. Апсолутно. Не може да биде поинаку – посочи Путин.

Путин: Не знам дали Западот ја прими пораката

На прашањето дали Западот ја прими пораката од изменетата нуклеарна доктрина, Путин наведе: „Не знам, прашајте ги нив“.

– Ако земјите создаваат закана кон Русија, Русија верува дека има право да употреби нуклеарно оружје против нив – истакна Путин.

Путин: Падот на Ал Асад не значи пораз за Русија

Путин вели дека силите на поранешниот претседател ги напуштиле позициите без отпор, што ја објаснува брзината на поразот. Тој негира дека колапсот на неговиот сојузник претставува пораз за Русија.

Путин: Со Украина не е договорен мир поради „човекот со чудна фризура“

Претседателот на Русија го обвини „човекот со чудна фризура“ дека и забранил на Украина да договори мир.

– Политиката е вештина на компромис, Русија секогаш била подготвена на преговори – посочи Путин.

Тој тврди дека во 2022 година со Киев бил постигнат договор, но „човекот со чудна фризура“, како што го нарекува поранешниот британски премиер Борис Џонсон, и забранил на Украина да потпише мировен договор.