Премиерот на Чешка и на Словачка, Петр Фијала и Роберт Фицо денеска во Прага се спротивставија на идеите за укинување или ограничување на употребата на ветото во Европска Унија и побараа дебатата за одлучување во ЕУ да се одвои од темата за проширување со земјите од Западен Балкан, како и да се забрза проширувањето.
– Покрај прашањето за ветото, за нас е важно дека не сакаме да ја поврземе дискусијата за одлучување во ЕУ со дебатата за проширувањето. Ова е важна тема за нас бидејќи сметаме дека процесот треба да биде забрзан, а на земјите од Западен Балкан треба да им се даде појасна перспектива отколку што имаат сега. Важно е овие работи да не се поврзани и условени бидејќи расправата за одлуката ќе биде долга и комплицирана – истакна Фијала на заедничка прес-конференција со Фицо.
Новоизбраниот словачки премиер денеска во разговорите со чешките домаќини се заложи за рестартирање на активностите на Вишеградската група.
– За Чешка, одземањето на правото на вето е црвена линија. Тоа е и за нас. Ако четири земји речат не, не е така лесно да ни го одземе правото на вето и да правите што сакате – посочи Фицо.
Фијала вети дека итно ќе организира средба на премиерите од Вишеградската четворка, откако ќе биде формирана новата полска влада.
Вишеградската група, е културна и политичка алијанса на четири средноевропски држави – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, кои се членки на ЕУ и НАТО, чија цел е унапредување на меѓусебната воена, културна, економска и енергетска соработка.