Кралот Чарлс Трети денеска пристигна во парламентот, првпат откако е прогласен за британски монарх, при што им се обрати на пратениците од двата дома.
Како што јави „Би-би-си“, тој и кралицата Камила седеа на тронот во салата на парламентот, додека присутните им изразуваа сочувство поради смртта на кралицата Елизабета Втора.
Чарлс Трети наведе дека одлучно ќе го следи примерот на својата мајка.
– Додека стојам пред вас не можам да не почувствувам тежина на историјата што нè опкружува и што нè потсетува на клучните традиции на парламентот чии членови на двата дома се посветени за доброто на сите – изјави кралот.
Според него, парламентот „е жив инструмент на демократијата во Обединетото Кралство“.
Како што тој оцени, кралицата Елизабета Втора го посвети животот на „служење на својата земја и народот и одржување на драгоцените принципи на уставната влада што лежат во срцето на нашата нација“.
– Таа претставува пример за несебично вршење на должноста што јас, со Божја помош и ваша согласност, сум одлучен верно да го следам – подвлече британскиот крал.
Потоа следуваше британската химна, а кралот Чарлс Трети со сопругата Камила ќе тргнат за Единбург, каде е изложен ковчегот со телото на покојната кралица Елизабета Втора.