Фото: Пиксабеј

Поголемо количество банкноти евра, завиткани како сендвичи, откриле бугарските цариници при контрола на автомобил на граничниот премин Видин-Калафат, објави БГНЕС.

Околу 11 ч. на 12.12.2024 година, на граничниот премин, автомобил управуван од државјанин на Полска бил запрен да влегува во Бугарија. При прегледот на царинските службеници, во просторот меѓу двете предни седишта, во шуплината на потпирачот за раце на задното седиште и во вреќа со храна, пронајдени се пакувања во кои имало банкноти евра.

Парите биле спакувани како сендвичи во алуминиумска фолија, а нивната вкупна сума изнесувала 238.200 евра.

За случајот е поведена предистражна постапка.

Возачот на возилото се товари како обвинет за сторено кривично дело неисполнување на обврската за пријавување готовина во особено големи количини, транспортирани преку границата на државата. По барање на надлежниот обвинител, Окружниот суд – Видин му изрече мерка притвор.