Бугарскиот патријарх Данаил го поддржа поглаварот на проруската Украинска православна црква (УПЦ), митрополитот Онуфри, со честитка по повод десетгодишнината од неговото „свечено осветување за митрополит на Киев и на цела Украина“. За потсетување, во Украина постои и втора т.н. Православна црква на Украина- ПЦУ (која ги раскина односите со Москва и е блиска на политиките на официјален Киев). Православната црква на Украина доби автокефалност (томос) од Вселенската патријаршија во јануари 2019 година
Новиот бугарски патријарх Данаил со отворена поддршка на поглаварот на Украинска православна црква, блиска до Руската православна црква
Бугарскиот патријарх застана цврсто покрај оние што се симпатизери на ставот на Московската патријаршија за непризнавање на Православната црква на Украина – ПЦУ (поддржана од официјалните украински институции).
Имено, бугарскиот патријарх Данаил, избран за бугарски поглавар во јуни, одамна е познат по неговите тесни врски со Руската православна црква (РПЦ). Од почетокот на руската војна во Украина, патријархот Данаил постојано зазема позиции во спротивност со вселенскиот патријарх Вартоломеј и против признавањето на независноста на Православната црква на Украина (ПЦУ).
Овој пат бугарскиот патријарх Данаил упати писмо до поглаварот на православната црква блиска до Московската патријаршија, а имено Украинска православна црква (УПЦ), односно до митрополитот Онуфри, во кое се наведува: „Вие се спротивставивте и продолжувате, со божја помош, да се спротивставувате на сите обиди да се создаде неединство, зачувувајќи ги единството, интегритетот и каноничноста на Украинската православна црква“.
– Во последниве години братска Украина минува низ страшната изгореница на крвава војна. Сите ние искрено се молиме за мир во Украина, што е важен услов за мир во целиот свет – наведе тој во своето писмо до Онуфри.
Покрај Данаил, писма испратиле само патријархот антиохиски Јован (Сирија) и патријархот грузиски Илија.
Пораката на бугарскиот патријарх стигна пред парламентот во Киев токму пред да се гласа за забрана на Украинската православна црква (УПЦ), која е под црковна јурисдикција на Московската патријаршија.
Според информациите од медиумите, одлуката на украинскиот парламент е дека „УПЦ нема да биде целосно забранета, туку забраната ќе биде со одложено дејство и ќе стапи во сила по девет месеци, доколку продолжи да биде зависна од Руската православна црква“.
– Даваме одреден рок од девет месеци да се донесе одлука, да се преземат мерки за да немаат повеќе припадност или врска со Руската православна црква. Ако не се случи тоа – оваа организација ќе биде забранета во Украина, таа не може да биде верска организација – рече претседателот на парламентот Руслан Стефанчук за време на викендот. Р.С.
Владина комисија во Киев ќе составува список на организации поврзани со Украинската православна црква (УПЦ) и ќе ги забранува нивните активности
Украинските пратеници неделава донесоа закон со кој се предвидува одложена забрана на активностите на Украинската православна црква (УПЦ), бидејќи се смета дека таа е разгранок на православната црква поврзана со Русија.
Имено, на жолчната дискусија во парламентот, украинските парламентарци ја обвинија УПЦ дека е поврзана со Москва и дека ја поттикнува руската 30-месечна војна против Украина со ширење проруска пропаганда, како и дека членовите на УПЦ се јатаци за сместување шпиони.
Претставничката Ирина Герашченко го нарече гласањето „историско“. „Ова е прашање на национална безбедност, а не на религија“, напиша таа во објава на Телеграм.
На крајот на седницата, предлог-законот е усвоен од 265 пратеници, при што се забранува работа на УПЦ на украинска територија, а се констатира дека „владина комисија ќе состави список на ’поврзани’ организации чии активности не се дозволени“.
Законот сепак мора да биде потпишан од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој месецов рече дека одлуката „е насочена кон зајакнување на духовната независност на Украина“, но неговата канцеларија го поздрави предлогот. Тој посочи дека законот треба да гарантира дека „нема да има манипулација на Украинската црква од Москва“.
Зошто Киев е силно мотивиран да ја забрани проруската Украинска православна црква (УПЦ)
Во Украина мнозинството Украинци се православни христијани, но црквата, клирот и верниците се поделени во две цркви. Едната црква е традиционално поврзана со Руската православна црква – Украинската православна црква (УПЦ). Втората православна црква е блиска до официјален Киев и е наречена Православна црква на Украина (ПЦУ), која е признаена од Вселенската патријаршија односно од патријархот Вартоломеј со томос од 2019 година.
За издвојување е дека во март, со одлуката на Серускиот народен совет, јавно тело под покровителство на Руската православна црква со кое претседава рускиот патријарх Кирил, ја опиша војната против Украина како „света“. Советот исто така издаде документ во кој се наведува дека „целата територија на модерна Украина нужно мора да влезе во зоната на ексклузивно влијание на Русија“. Во документот се наведува дека Западот „паднал во сатанизам“ и дека Русија била повикана да го спаси светот од глобализмот и да ја спречи победата на Западот.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Украина се обидува да го „уништи вистинското православие“.