Фото: Пиксабеј

Групата Бугари обвинети за шпионажа во корист на Русија дејствувала против новинар од медиумот Белингкат и се обидела да употреби сексуална мамка против него преку Фејсбук, соопшти британското обвинителство пред судот, цитирано од Ројтерс.

Триесет и тригодишната Катрин Иванова, 30-годишната Вања Габерова и 39-годишниот Тихомир Иванчев се обвинети дека биле дел од шпионскиот синџир предводен од рускиот агент Јан Марсалек, чија цел биле различни лица, меѓу кои и неистомисленици.

Обвинителите велат дека Иванова, Габерова и Иванчев, заедно со двајца мажи, Орлин Русев и Бисер Џамбазов, ја шпионирале американската воена база во Германија каде што се обучувале украински војници.

Русев и Џамбазов признаа дека биле дел од шпионска мрежа, а Иванова, Габерова и Иванчев ги негираат обвинувањата.

На сослушувањето пред судот во Лондон, обвинителката Алисон Морган рече дека групата Бугари го следела бугарскиот новинар Христо Грозев, кој работи за Белингкат, во 2021 година. Грозев беше главниот истражувачки новинар на Белингкат во истрагата за труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал во 2018 година во Солсбери, Англија.

Морган рече дека Габерова му испратила на Грозев барање за пријателство на Фејсбук како дел од обидот да се соберат информации за него. Овие дела беа оркестрирани од Марсалек и Русев. „Грозев делува заведен и заљубен во Вања. Почна да ги лајкува нејзините фотографии. Полека можеме да преминеме на романса“, рекол Русев во пораката што му ја испратил на Марсалек веднаш откако Грозев го прифатил барањето за пријателство.

Марсалек ја изразил својата загриженост за можноста Габерова да се заљуби во Грозев, но Русев го уверил дека таа ги има потребните квалитети за нејзината задача.

Обвинителот рече и дека Иванова, Габерова и Џамбазов го следеле Грозев во хотел во Валенсија, каде Габерова го фотографирала со основачот на Белингкат, Елиот Хигинс.

На почетокот на судењето минатата недела, Морган рече дека групата била платена да шпионира и да составува детални извештаи. Тие дејствувале под раководство на Русев, кој пак добивал наредби од Марсалек.

Иванова, Габерова и Иванчев го негираат обвинението за заговор за собирање вредни информации за периодот од август 2020 година до февруари 2023 година.

Случајот против Бугарите се очекува да трае до февруари.