Дојче веле
По формирањето нова влада во Бугарија, засилено се шпекулира и со можноста за отповикување на претседателот Румен Радев. Таквата можност ја анализира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Новата бугарска влада би можела да отпочне постапка за отповикување на претседателот Румен Радев поради запрената испорака на оружје за Украина, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Неопходното двотретинско мнозинство во парламентот за тој потег веќе постои, а потоа во рок од еден месец ќе треба да се изјасни и Уставниот суд на Бугарија. Доколку Судот пресуди дека претседателот го прекршил Уставот или извршил велепредавство, тој ќе биде отповикан.
Иницијативата доаѓа од поранешниот шеф на бугарската тајна служба Атанас Атанасов, кој предводи една мала прозападна партија во новата владина коалиција. Тој укажува на заклучок на парламентот од ноември 2022 година, во кој, со големо мнозинство, беше одобрена испорака на оружје за Украина.
Но, одлуката имаше една специфика: парламентарното мнозинство кое ја донесе одлуката, не беше владино мнозинство. Во моментот на гласањето немаше избрана мнозинска влада, туку техничка, која ја именуваше претседателот Румен Радев. Тој е поранешен воен пилот од времето на Варшавскиот пакт, кој со својата реторика, меѓу другото и во спорот со Северна Македонија, постојано покажува колку времето на Советскиот Сојуз и бугарскиот комунизам го обликувале неговото размислување. Радев одлучно се изјаснува против воена помош за Украина.
Атанас Атанасов сега наведува, доколку се докаже, дека претседателот ѝ наредил на техничката влада да не ѝ ја испорачува воената помош на Украина, а со тоа се ставил над парламентот, што е повод за отповикување. Во таа насока, прво треба да се формира парламентарна истражна комисија која треба да провери дали биле спроведени одлуките на парламентот.
Иако останува отворено дали ќе дојде до отповикување на Претседателот, самата дебата на таа тема покажува дека на поддржувачите на Путин и другите пријатели на Кремљ нема да им биде лесно во Бугарија во претстојниот период. Двете најголеми партии, ГЕРБ и Промената продолжува на поранешните премиер Бојко Борисов и Кирил Петков, отворено се залагаат за испорака на оружје за Украина.
Путинофилијата не е исчезната од бугарската политичка сцена, но партиите кои ја поддржуваат Русија сега се во опозиција.
За Украина тоа не е споредно прашање. Бугарија е мала земја, но фабриките за муниција во земјата се многу важни. Во времето на Варшавскиот пакт, производството на оружје во Бугарија беше меѓу водечките во т. н. Источен блок. Фактот што сѐ уште се произведува муниција од советски тип е особено интересно за украинската армија. Тоа го знае и Москва, на која може да ѝ се припишат повеќе напади и пожари врз производството последниве години. Повеќе бугарски фабрики за оружје уште во 2022 година го зголемија производството и вработија дополнителен персонал.
Тоа што претседателот Радев го критикуваше формирањето на новата влада и сакаше тоа да го спречи, не изненадува никого со оглед на позадината.
Единственото прашање е колку ќе опстане коалицијата. Затоа што меѓу партиите на Борисов и Петков, иако на иста надворешнополитичка линија, сепак постои длабок раздор на внатрешнополитички план.
Локалните избори наесен, кога ќе се борат едни против други за власта на локално ниво, ќе биде првата голема проба за коалицијата.