Унгарија планира да испрати министерска мисија во Украина за утврдување на фактите околу оштетувањето на нафтоводот Дружба, кој е клучен канал за транспорт на руска нафта до оваа земја без излез на море. Одлуката е наведена во декрет објавен во Службениот весник на земјата.
Мисијата ќе ја предводи заменик-министер од унгарското Министерство за енергетика, а во неа ќе учествува и претставник од унгарската енергетска компанија МОЛ Груп (MOL Group). Испраќањето на делегацијата го наложил премиерот Виктор Орбан – пренесе агенцијата ДПА.
До крајот на јануари, Унгарија и соседна Словачка добиваа руска нафта преку овој нафтовод, од кој двете земји се значително зависни.
Додека украинските власти тврдат дека нафтоводот бил оштетен во руски напади, владите на Унгарија и Словачка сметаат дека прекинот на снабдувањето е резултат на политичка одлука на Киев, а не на технички проблем.
Украина ги отфрла овие тврдења и наведува дека нафтоводот бил погоден од руски дрон, што предизвикало пожар и ги оштетило подземните контролни системи.
– Ова оштетување не е видливо однадвор, но сепак ќе бара обемни поправки – изјави украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал.
Унгарската мисија побарала дозвола од Киев за да ја процени штетата на терен. Според аналитичарите, потегот се смета и за симболичен чекор на премиерот Виктор Орбан, чии односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски се затегнати.
Орбан се надева дека со ова ќе изврши дополнителен притисок врз Киев за повторно ставање во функција на нафтоводот.
































