Бруно Ретаљо / Фото: ЕПА

Бруно Ретаљо, поранешниот „витез на театарот под ѕвезди“, денес јава низ политичката арена – со мечот на реториката и штитот на идеологијата на традиционализмот и суверенизмот, решен е да ја врати Франција за конзервативците

Кој е човекот во кого јавноста препознава потенцијал да го преобликува францускиот политички пејзаж?

Кога во март годинава пред толпа граѓани во едно париско предградие актуелниот француски министер за внатрешни работи Бруно Ретаљо ја спореди неговата вита фигура со ставата на големиот претседател на Сенатот, Жерар Ларше, публиката се насмеа до солзи. Ретаљо не првпат направи извонредна конекција помеѓу граѓаните и себе, како политичар. Така што, кога тој меко се префрли на посериозни теми, критики за бурките и хиџабите – исламските шамии, пофалби за „големите достигнувања на Западот“ и повик за враќање кон традиционалните вредности – граѓаните во салата се кренаа на нозе.
На ваков начин, низ директни контакти со граѓаните, за само неколку месеци Ретаљо, според многу мислења во медиумите, стана „новата ѕвезда на француската десница“ и главната поддршка на пропаднатата партија Републиканци, која сега се обидува да се врати во играта пред претседателските избори во 2027 година.
Реномираниот „Политико“ пишува за овој подем, како и за партиските избори в сабота, на кои околу 100.000 члена имаат право на глас и би можеле да го означат почетокот на тоа враќање – со изборот на Ретаљо за лидер како прв чекор.

Витез од периферијата

Денес Бруно Ретаљо е 64-годишник, католик од западна Франција. Тој со децении беше политичар во сенка – сè додека турбулентните промени на политичката сцена не го турнаа во преден план. Но, за да се разбере неговиот политички стил, треба да се вратиме четири децении назад, во малото гратче Ле Еп во департманот Вандеја.
Таму, како „млад јавач“, тој волонтирал во спектаклот „Синесение“, грандиозно шоу иницирано во 1978 година од Филип де Вилиер – аристократ, ројалист, а подоцна и политичар. Де Вилиер, користејќи магла, костими и сабји, ја оживеал историјата на регионот познат по својот контрареволуционерен отпор за време на Француската револуција. Шоуто наскоро прерасна во спектакл во познатиот тематски парк Пуи ди Фу, кој сè уште привлекува милиони посетители секоја година.
Бруно Ретаљо тогаш беше меѓу младите што играа витези на коњи. Набрзо тој стана штитеник и наследник на Де Вилиер, не само во паркот туку и во политиката. Заедно тие го предводеа Движењето за Франција – мала, но гласна конзервативна партија против бриселската бирократија, миграцијата и истополовите бракови.
Сепак, амбицијата го раскина тој сојуз. Во 2009 година, кога тогашниот премиер Франсоа Фијон се обиде да го назначи Бруно Ретаљо за министер, Де Вилиерс го блокира неговото назначување. Наскоро Бруно Ретаљо беше отстранет од раководството на Пуи ди Фу, а потоа го напушти движењето, приклучувајќи се кон републиканците.
Во следните години, како што партијата ја губеше поддршката – растргната помеѓу центарот на Макрон и десницата на Ле Пен – Ретаљо трпеливо го градеше својот углед. Тој беше потпретседател на претседателската кампања на Фијон во 2017 година, редовно се појавуваше во медиумите и до минатото лето беше препознаен повеќе како коментатор аналитичар отколку како лидер.
Сè се промени по изненадувачките парламентарни избори во 2024 година, кога републиканците неочекувано станаа дел од владата – како дел од коалицијата со блокот на Макрон. Новиот премиер Мишел Барние го назначи Бруно Ретаљо за министер за внатрешни работи.

Бруно Ретаљо во своја мисија

Оттогаш Бруно Ретаљо политички се трансформира – од умерен, тивок конзервативец во реторички остар борец во „културните војни“. Тој повика на забрана за исламски шамии во спортот, преиспитување на правото на државјанство по раѓање итн.
Ваквите изјави носат популарност меѓу десничарските гласачи, но носат и осуди – особено кога неодамна ја одложи својата реакција на убиството на муслиман во џамија, за што беше критикуван дури и во сопствената партија.
Сепак, Бруно Ретаљо не го допре тоа. Тој свесно го негува имиџот, убеден дека на десницата ѝ е потребно лице што е „неизвинувачко“, но без хипотеките од минатото што ја придружуваат Марин Ле Пен.

Дали е можно Бруно Ретаљо да стигне до Елисејската палата?

Иако Националното собрание не го признава неговиот легитимитет како сериозен противник, а неговата поддршка на анкетите е само 10 проценти, што е сепак двојно повеќе од резултатот на Валери Пекереш во 2022 година, Бруно Ретаљо се појавува како фигура што може да привлече и постари гласачи и млади католички конзервативци.
– Тој сè уште размислува како нас – го поддржува слободниот пазар, но верува во зачувување на традицијата и културниот идентитет – вели Патрик Луи, поранешен пратеник и поранешен партиски колега на Бруно Ретаљо.
Претседателските избори во 2027 година можеби изгледаат далеку, но борбата веќе започна. Бруно Ретаљо, поранешниот „витез на театарот под ѕвезди“, денес јава низ политичката арена – со мечот на реториката и штитот на идеологијата на традиционализмот и суверенизмот, решен е да ја врати Франција за конзервативците. Р.С.