Дванаесет британски војници, кои се дел од мисијата на НАТО за одвраќање на руската агресија, се повредени во верижен судир во Естонија, во близина на границата со Русија, јавија локалните медиуми, а пренесува Скај њуз. Осуммина од нив биле пренесени со хеликоптер во Велика Британија во неделата, по несреќата предизвикана од снежни услови во петокот.
Петмина од тие војници се отпуштени, додека тројца се уште се хоспитализирани во военото крило на болницата „Кралица Елизабета“ во Бирмингем. Несреќата се случила во петокот околу 17 часот, кога војниците се движеле со три минибуса на пат кон нивната база во Тапа.
Верижниот судир се случил откако се судриле два цивилни автомобили, управувани од естонски цивили, што предизвикало верижна реакција во која четири други возила – три воени минибуси „Тојота“ и трет цивилен автомобил се удриле едно во друго.
Естонскиот информативен портал Postimees објави дека 12 британски војници се повредени, како и пет цивили и дека сите се итно пренесени во болница. Портпаролот на Министерството за одбрана Џон Хили ја потврди веста за сообраќајната несреќа.
-Неколку британски војници кои беа распоредени како дел од операцијата КАБРИТ во Естонија беа повредени во сообраќајна несреќа минатиот петок, на 22 ноември. По лекувањето во Естонија, осум војници беа пренесени со авиони РАФ Ц-17 во Велика Британија на понатамошно лекување. Дел од нив потоа се отпуштени, а тројца се лекуваат во Медицинскиот центар за кралска одбрана, болницата „Кралица Елизабета“ во Бирмингем, им посакуваме брзо закрепнување – рече тој.