Британската полиција денеска соопшти дека ја преиспитува одлуката да не ги истражува собирите во резиденцијата и канцеларијата на Борис Џонсон на Даунинг стрит за време на карантинот откога се појави нова фотографија од настанот.
Полицијата веќе истражила 12 собири одржани во канцеларијата и резиденцијата на Џонсон откако внатрешна истрага покажала дека неговиот персонал бил на забави, а на некои од нив присуствувал и самиот британски лидер, пренесува „Ројтерс“.
Од полицијата Метрополитен соопштија дека претходно извршиле процена на настанот и констатирале дека тој не ги исполнува условите за кривична истрага.
„Таа процена се разгледува сега“, рече портпаролот на полицијата.
Премиерот Џонсон се извини за неговото однесување и вети дека ќе го промени стилот на раководење.
„Мирор“ објави нова слика од настанот денес, на која се гледа како Џонсон стои покрај двајца вработени покрај отворено шише шампањ.
Четворица блиски соработници на Џонсон минатата недела поднесоа оставки со разлика од неколку часа поради зголемениот притисок врз британскиот премиер.
Во тек е полициска истрага и комплетен внатрешен извештај од високиот државен службеник Сју Греј ќе биде објавен кога полицијата ќе ја заврши истрагата.