Британскиот премиер Кир Стармер ги најави плановите за пактот на НАТО-самитот во Вашингтон - Фото: ЕПА

АМБИЦИОЗНИ МАНЕВРИ НА НОВАТА ЛАБУРИСТИЧКА ВЛАДА

Апетитот за европска одбранбена соработка паралелна со НАТО порасна во Брисел и во Лондон, во поглед на новите безбедносни предизвици што си ги наметнуваат како „појави што загрижуваат“, што се однесува до размислувањата на некои од европските политичари. Новата британска влада затоа сака брзо да почне со работа на склучување на пактот со ЕУ

Велика Британија сака да склучи безбедносен пакт со Европската Унија што би бил „комплементарен“ на НАТО, како што истакна новиот британски премиер Кир Стармер на самитот на Северноатлантската алијанса, кој неделава се одржа во Вашингтон.
Во изјава за јавноста, новиот британски премиер Кир Стармер вели дека „планот за поблиски врски со Брисел за одбраната и безбедноста е навистина важен за новата британска влада“!.
– Мислам дека има простор за значително подобрување во нашите одбранбени и безбедносни односи со ЕУ. Мислам дека ова е комплементарно со НАТО.
НАТО сè уште е камен-темелник на одбраната во Европа и нашиот пристап кон одбраната отсекогаш бил – НАТО на прво место – изјавил Стармер.

Лабуристите се амбицираат за „одбранбено партнерство со поширок опсег“

Новиот британски премиер Кир Стармер нарача изработка на анализа за поставувањето „патоказ“ за зголемување на воените трошоци на Обединетото Кралство на 2,5 отсто од БДП. Тој истовремено ги повика другите членки на НАТО исто така да ги зголемат своите воени трошоци. Лабуристичката партија, која ја презеде власта во Обединетото Кралство, соопшти дека сака пактот со ЕУ да опфати поширок опсег на теми надвор од конвенционалното одбранбено партнерство – покривајќи области како што се енергетиката, синџирите на снабдување, справувањето со пандемии и миграцијата.

Велика Британија ќе биде „водечката европска нација“ во НАТО под водство на лабуристичка влада, вети новиот министер за одбрана Џон Хили во интервју дадено на самитот во Вашингтон. Лабуристите ветија дека ќе ги зголемат трошоците за одбрана на 2,5 отсто од БДП во однос на сегашните 2,32 отсто, без да прецизираат кога ќе се реализира таквата најава. Хили истакна и дека прегледот на буџетите ќе биде дел од стратегиската анализа нарачана од премиерот.

Стармер на самитот во Вашингтон ги повика сојузниците во НАТО да направат повеќе за да ги зголемат вложувањата за одбраната, нагласувајќи дека е неопходно да се заштитат вредностите на Алијансата во „новата и опасна ера“.

Слаба верба во иднината на американската заштита

Апетитот за европска одбранбена соработка паралелна со НАТО порасна во Брисел и во Лондон, во очекување на можното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа. Но дали ќе биде така? Поранешниот американски претседател Трамп отсекогаш бил критичен во односот кон НАТО и често изјавува дека „Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност“. И во последните „протекувања“ на информациите од блиските соработници на Доналд Трамп се потврдува дека во иднина разузнавачко-безбедносниот систем на САД ќе ги редуцира информациите што ги доставува до НАТО во Брисел, како и до земјите-членки на Алијансата. Тоа ќе значи и голем хендикеп за НАТО-членките, тргнувајќи од фактот што „лавовскиот дел“ од разузнавачките информации во НАТО пристигнуваа одбирани и анализирани од САД.
Исто така, новите безбедносни предизвици, вклучувајќи ги и војната во Украина и наводното насочување на САД кон регионот на Пацификот, исто така ги загрижуваат европските политичари.

Новата британска влада затоа сака брзо да почне со работа на склучување на пактот и се очекува да го искористи присуството на Стармер на самитот во Вашингтон, како и состанокот на Европската политичка заедница (ЕПЦ) во Оксфордшир, Англија, следната недела, за да почне рани разговори во таа насока. Стармер им рече на новинарите дека двата состанока се „навистина важна можност“ да се придвижи договорот. Токму затоа тој презеде невообичаен чекор да го доведе со себе во Вашингтон својот министер за односи со ЕУ Ник Томас-Сајмондс. Стармер во Вашингтон беше придружуван и од министерот за надворешни работи Дејвид Лами и министерот за одбрана Џон Хили. Во авторски текст од неделава, двајцата изјавија дека Велика Британија има цел да постигне „ново геополитичко партнерство“ со Европа преку „амбициозен и сеопфатен безбедносен пакт – Обединетото Кралство и ЕУ“, истовремено постигнувајќи билатерални договори за „зајакнување на сопствената одбрана со желбата да се поддржи Украина“. Р.С.