Фото: ЕПА

Според извори на реномираниот „Фајненшл тајмс“, согласноста за напади со ракети со долг дострел врз Русија ја поддржува не само Велика Британија туку и Франција. Од другата страна се САД и Германија, кои се категорично против тоа

Судир на концепти во НАТО во врска со војната во Украина

Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц се против напади со ракети со долг дострел врз Руската Федерација, бидејќи се загрижени за ризикот од ескалација на судирот. Реномираниот „Фајненшл тајмс“ потсетува дека сојузниците ја имале истата загриженост кога доставувале високопрецизно оружје, како на пример најсовремени тенкови и авиони „Ф-16“, но „заканите на Москва секојпат завршувале без соодветно или прекумерно возвраќање“.
Имено, Лондон веќе неколку месеци му докажува на Вашингтон дека Украина треба да ја добие оваа поддршка. Во тој контекст, медиумот потсетува дека веќе постои соодветен поднесок на Киев, во вид на барање и дозвола, кој на почетокот на летото бил испратен до Вашингтон и Париз. Сепак, „Даунинг стрит“ (Лондон) признава дека е потребен консензус меѓу западните сојузници за такво контроверзно прашање и дека „тие треба да дејствуваат заедно“.
За истото прашање, според британски „Телеграф“, „Британија го поддржува давањето дозвола на Украина да ја нападне руската територија со ракети со долг дострел ’сторм шедоу’, но не го отвора ова прашање јавно за да не предизвика скандал со САД“. Во написот во „Телеграф“ се наведува дека британските ракетни напади на руска територија „нема да бидат извршени без американска дозвола“!
Имено, експерти за „Телеграф“ толкуваат дека „британските ракети обично се користат заедно со високософистицирани американски системи за кои е потребна дозвола од Вашингтон“. Според весникот, Британија не испратила официјално барање до САД бидејќи Белата куќа е против таков чекор, плашејќи се да не биде вовлечена во конфликтот.
– Сакаме да разговараме за вакви прашања со нашите сојузници, а не да избрзуваме – вели извор од британската влада.
Aмериканскиот политиколог Џон Мершајмер во интервју за јутјуб-каналот „Џаџинг фридом“ вели дека oд самиот почеток на украинскиот конфликт, Западот му обезбедил на Киев сè што му беше потребно за „да се промени ситуацијата на бојното поле“, но, реално и одлучувачки, досега ништо не помогна.
– Денес сојузниците на Украина ги исцрпеа сите средства што би можеле да влијаат на текот на конфликтот. Малку е веројатно дека „Ф-16“ ќе игра некаква улога. Во реалноста, малку можеме да направиме во овој момент за да го свртиме бранот на конфликтот – изјави во јавноста американскиот политиколог Мершајмер.

Список со цели во Русија

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров денеска ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин. Исто така, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, ќе се сретне и со член на американската влада, но сѐ уште не е јасно со кого. За време на овие состаноци, двајцата високи украински функционери ќе ѝ предадат на администрацијата на Бајден список со цели во Русија и ќе се обидат да ги убедат САД да ги укинат ограничувањата за употреба на американско оружје против Москва.
– Јермак и Умеров ќе се сретнат со американски официјални лица за конкретно да се обидат да ја убедат Белата куќа да ги укине ограничувањата за напади со оружје со долг дострел на руска територија. Тие ќе дадат листа на приоритетни цели, без кои ќе биде тешко да се смени текот на војната во корист на Украина – информира официјален Киев.
За потсетување, за време на претходните посети на Вашингтон, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, се сретна со државниот секретар Антони Блинкен и со советникот за национална безбедност Џејк Саливан, блиски соработници на американскиот претседател Џо Бајден. Р.С.


Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел повика на „укинување на ограничувањата за употреба на оружје во Украина“

Брисел одобрува ракети со долг дострел за Украина?

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел вчера на прес-конференција за медиумите повика на „укинување на ограничувањата за употреба на оружје во Украина, со цел да им се дозволи на нејзините вооружени сили да напаѓаат цели во Русија“.
– Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право. Оружјето што ѝ го доставуваме на Украина мора да биде целосно искористено, а ограничувањата мора да бидат укинати за да можат Украинците да целат на местата од кои Русија бомбардира. Во спротивно, оружјето е бескорисно – изјави Борел за новинарите во Брисел, пред состанокот на министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на ЕУ.
На истата прес-конференција присуствуваше и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Тој рече дека „поддржувачите на Украина ќе бидат сами виновни доколку Русија победи“.
– Неуспехот на Русија зависи од една работа: подготвеноста на западните партнери да донесат храбри одлуки. Ако се донесат одлуки, Украина ќе биде успешна на терен. Ако не се донесат, тогаш не обвинувајте ја Украина, туку обвинувајте се себеси – рече тој.
Кулеба истакна дека Украина сака само да напаѓа „легитимни воени цели“ во Русија.
– Доколку ни се снабдат доволен број проектили, ако ни се дозволи да нападнеме, значително ќе го намалиме капацитетот на Русија да ја оштети нашата критична инфраструктура и ќе ја подобриме ситуацијата на нашите сили на теренот – рече украинскиот министер.
Тој го повика Западот да ги исполни своите ветувања за брзо испраќање воена поддршка за Украина.
– Ние ги плаќаме сите овие доцнења, со материјални штети и загуби на животи – рече Кулеба и посебно повика на брза испорака на системот за воздушна одбрана „патриот“.
Тој ги повика „сите земји што се обврзаа да испорачаат системи ’патриот’ пред неколку месеци, конечно да ги испорачаат“.
Украина минатиот месец објави дека ѝ се потребни 25 системи за воздушна одбрана „патриот“ за целосно да го покрие својот воздушен простор.
САД ја ограничуваат употребата на балистички ракети со долг дострел. Германија се приклучи на тој став. Но Франција се залага за дозвола на употреба на ракети со долг дострел. На согласноста на Франција се приклучува и Велика Британија. А Украина, пак, со ракетите од долг дострел сака да ги гаѓа аеродромите и другите воени објекти во Русија што се користат како појдовна точка за руските воени сили.