Фото: „Нова Македонија“

Брисел објави дека вкупно 18 земји членки на ЕУ официјално изразиле интерес за земање заем за понуди, во вкупен износ од 127 милијарди евра, во рамките на регулативата САФЕ за заедничко купување оружје. Според објава во бриселскиот интернет-портал „Еурактив“, по истиот основ се очекува да се приклучат и други, а европските влади ги разгледуваат понудите или сигнализираат поддршка за здружено снабдување со оружје…

КОЛКАВ Е ИНТЕРЕСОТ НА ЧЛЕНКИТЕ НА ЕУ ЗА УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ НА ЕВРОПСКАТА ОДБРАНА?

Пред само неколку недели Брисел беше загрижен дека неговата програма за заеми за одбрана од 150 милијарди евра, наречена САФЕ (Безбедносна акција за Европа), нема да добие доволно заинтересирани кандидати, но само неколку дена подоцна 18 земји членки на ЕУ официјално изразија интерес за земање заем за понуди, во износ од 127 милијарди евра. Се очекува да се приклучат и други, а европските влади ги разгледуваат понудите или сигнализираат поддршка за заедничко купување оружје, објавува бриселскиот интернет-портал „Еурактив“.
Тоа значи дека главните сојузници на Украина во Европа се подготвени „да се зајмат со десетици милијарди евра преку наменски заеми од Европската Унија“, за заедничко купување оружје за Украина, како и за зајакнување на сопствената воена моќ. Оваа вест прв ја објави реномираниот медиум „Политико“. Шемата за заеми беше предложена од комисијата во март како дел од нејзината поширока програма „Ри-арм Јуроп“ и има цел да ја зајакне одбранбената индустрија на Европа и да ја намали децениската воена зависност на европскиот блок од САД.

Полска предничи во амбициите за заем, Франција ја следи

Само осум земји споделија детали за своите предлози со „Еурактив“ или јавно ги објавија своите планови, барајќи вкупно помеѓу 99 и 108 милијарди евра. Франција планира да позајми помеѓу 15 и 20 милијарди евра за купување оружје, изјави извор близок до досието за „Еурактив“, што изнесува до 13 отсто од вкупниот фонд. Тоа е значително зголемување во однос на почетокот на јули, кога извори на „Еурактив“ посочија дека Париз разгледува само мало барање поради состојбата на финансиите на земјата.
Полска поднесе убедливо најголем предлог, со понуда од 45 милијарди евра, која ја откри министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш на социјалната мрежа Икс минатата недела. Италија е исто така меѓу најголемите кандидати за САФЕ, со заложба за 15 милијарди евра.
Други земји што бараат заем се Литванија, која бара помеѓу пет и 8,76 милијарди евра; Естонија, за која владин извор рече дека разгледува заем од 3,6 милијарди евра; Бугарија помеѓу 3,2 и 3,5 милијарди евра; Грција со 1,2 милијарда евра; и Шпанија со милијарда евра. Извор близок до досието минатиот месец изјави дека Романија исто така,размислува да побара околу 10 милијарди евра. Белгија веројатно ќе побара помеѓу седум и 11 милијарди евра според извештајот на „Политико“.

Притисок од Брисел за побрзо изјаснување

Надвор од овие осум, друга група земји поднеле официјални барања, но сè уште не ги откриле своите планови за задолжување. Меѓу нив се Хрватска, Чешка, Унгарија, Летонија, Португалија и Словачка. Во меѓувреме, и Кипар и Финска сè уште размислуваат колкава сума да побараат, велат два различни извора упатени во досието. На крајот на јуни ирскиот министер за одбрана Сајмон Харис јавно изрази интерес, иако Даблин сè уште не доставил официјално барање.
Извршната власт на ЕУ минатиот петок испрати писмо во кое ги охрабрува деветте земји членки што сè уште не ги испратиле своите барања да го сторат тоа во текот на летото, јасно ставајќи до знаење дека нови барања сè уште се добредојдени.
Европските земји се соочуваат со растечки притисок да ги зголемат сопствените резерви од оружје и да ја зголемат воената помош за Украина откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше неподготвеност да продолжи со финансирањето на воените напори на Киев.
Земјите исто така истражуваат директно купување оружје од украински компании, што се охрабрува во рамките на регулативата САФЕ (Безбедносна акција за Европа). Тоа би му овозможило на Киев да „ги зголеми обемот на одбранбено производство и технолошката интеграција со ЕУ“, изјави украински дипломат за „Политико“.
Програмата со политички поттик им овозможува на земјите да купуваат муниција и ракети за Украина, што може да ги наговори преостанатите девет земји да го оправдаат своето учество во програмата дома, особено во главните градови, каде што одбраната е прашање во кое домашната јавност тешко се уверува.

Не секој сака заем

Некои држави остануваат целосно неодлучни. Австрија засега не разгледува барање, иако ги држи своите опции отворени до ноември. Според два различни извори, Словенија и Данска сè уште го проучуваат досието.
Од друга страна, не секој сака заем. Но тоа не значи дека тие држави седат настрана, како што забележува „Еурактив“. Германија, Луксембург и Шведска се заинтересирани за договори за заеднички набавки, но не планираат да позајмуваат од програмата САФЕ, велат изворите на бриселскиот интернет-портал. Холандија и Малта исто така се држат настрана од позајмувањата.

Барањата значително поголеми од вкупно предвидениот финансиски пакет

Барањата досега се „многу поголеми“ од вкупниот финансиски пакет поврзан со програмата, изјави за „Еурактив“ лице запознаено со бројките. Регулативата САФЕ првично беше предложена од Комисијата во март како финансиска гранка на нивниот поширок план за зајакнување на европската одбранбена индустрија, зголемување на производството на воена опрема и муниција и за обновување на резервите за вооружување на Европа.
Програмата е ограничена на 150 милијарди евра, што значи дека извршната власт на ЕУ ќе мора да одлучи како да ја подели сумата и да ја прераспредели во кредити за земјите членки на ЕУ. Но дури и со побарувачката што сега го надминува буџетот, извршната власт на ЕУ сè уште сака повеќе земји да бидат вклучени. Владите имаат рок до крајот на ноември да подготват јасни планови за минималниот и максималниот износ што го сакаат од САФЕ и да детализираат каков вид воена опрема планираат да купат со парите. Р.С.