Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, размислува за ограничување на цената на гасот и реорганизација на енергетските пазари на блокот. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека предлозите за промена на структурата на пазарот „паѓаат на сè поплодна почва“. Притисокот сега се зголемува во Брисел…
Дали структурни реформи на енергетскиот пазар во ЕУ се решение за излез од енергетската криза?
Зголемените цени на електричната енергија, кои ги уништуваат финансиите на домаќинствата и компаниите низ цела во Европа, предизвикуваат загриженост кај граѓаните, но истовремено ги мобилизираат државните раководители за наоѓање решенија што ќе го амортизираат ударот. Токму претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го искористи својот прв говор по летната пауза за да вети мерки за спречување на натамошниот раст на цените. Таа вети краткорочна интервенција, нешто што може „да се активира многу брзо, можеби за неколку недели“ и најави подолгорочна „структурна реформа на енергетскиот пазар“.
Како функционира европскиот енергетски пазар и зошто цените се толку
високи?
Европските цени на енергијата се одредуваат преку таканаречениот систем на маргинални цени во кој најскапата електроцентрала повикана да ја задоволи побарувачката во секој одреден ден ја одредува големопродажната цена на електричната енергија за сите доставувачи. Тоа значи дека електроцентралите на гас, кои сè уште се неопходни за да се задоволат потребите од енергија во многу земји, имаат тенденција да ја диктираат големопродажната цена на електричната енергија за остатокот од пазарот, иако обновливата енергија може да се произведува поевтино.
Во својата анализа „Фајненшел тајмс“ пишува дека, историски гледано, Европа „имаше мала желба за реформи во системот, дури и кога процентот на чиста енергија во енергетскиот микс се зголеми“. Постоеше надеж дека повисоките цени на големо на електрична енергија ќе го поттикнат развојот на зелената енергија со зголемување на профитната маржа за проектите за обновливи извори со пониска цена. Но бидејќи цените на бензинот се искачија на рекордно ниво оваа година, главно поради одлуката на Москва да го намали снабдувањето во Европа, цената на електричната енергија исто така го следеше овој тренд. Затоа, повеќе политичари бараат нов пристап што ќе овозможи поевтина обновлива енергија да се продава по пониска цена. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека предлозите за промена на структурата на пазарот „паѓаат на сè поплодна почва“. Владата на Велика Британија во јули започна консултации за раздвојување на цените на гасот и обновливата енергија. Притисокот сега се зголемува во Брисел.
Што може да направи ЕУ за да ги намали трошоците за индустријата и за
граѓаните?
Некои претставници на Европската комисија (ЕК) велат дека опциите што се предмет на дискусија вклучуваат ограничување на цената на гасот, детални насоки што ги туркаат земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) да наметнат неочекувани даноци за енергетските компании што би можеле да се користат за поддршка на ранливите потрошувачи и привремено одвојување на цените на гасот и електричната енергија пред подолгорочно раздвојување. Друга опција е да се бара намалување на побарувачката на електрична енергија во согласност со она што во моментов е доброволно намалување на потрошувачката на гас од 15 отсто, договорено од министрите за енергија на ЕУ во јули. Овие мерки би дошле како дополнување на напорите за наоѓање алтернативни резерви. Блокот замени околу една петтина од снабдувањето со природен гас од Русија со гориво од други земји и ги зголеми инвестициите во обновливи извори.
Детектирани ли се ризиците од менувањето на структурата на пазарот?
Енергетската агенција на ЕУ, на пример, предупреди да не се менува структурата на пазарот! Во извештајот во април беше наведено дека пазарите на големо на електрична енергија во ЕУ работат добро во нормални услови, обезбедувајќи безбедно снабдување со електрична енергија. Наместо да се укинат постојните договори, агенцијата сугерираше дека може да има „привремено ослободување“. Тоа автоматски би ги ограничило цените на електричната енергија доколку има ненадејни скокови, под однапред дефинирани услови во случај на невообичаено високи поскапувања за краток временски период.
Вилијам Пек, аналитичар на пазарот на електрична енергија во ИЦИС, фирма за стоковна аналитика, исто така предупреди да не се преструктурира механизмот што добро функционираше со децении и сè уште служеше како поттик за многу потребната инвестиција во чиста енергија. Тој смета дека политичарите се фокусираа на реформите на пазарот на електрична енергија, бидејќи не беа во можност да најдат брза и доволна алтернатива за рускиот гас.
Кои се заклучоците од експериментот на Шпанија и Португалија за ограничување на цените?
Португалија и Шпанија постигнаа политички договор со Европската комисија во април, со кој ќе им се дозволи да ја ограничат цената на природниот гас што се користи во електроцентралите, со што ги раздвоија цените на струјата и гасот. Мерката стапи во сила во мај и ќе трае една година, со просечно ограничување од 48,80 евра за мегават-час. Субвенцијата од 8,4 милијарди евра што пиринејските земји ќе им ја платат на компаниите за гас во голема мера ќе се надомести со давачките од дистрибутерите на електрична енергија, од кои има корист од ограничувањето на цената. Европската комисија го одобри она што стана познато како „пиринејски исклучок“ од правилата за државна помош, бидејќи нивните сметки за електрична енергија се цврсто поврзани со големопродажните цени на енергијата. Тие имаат ограничени енергетски врски со остатокот од ЕУ, што го прави Пиринејскиот Полуостров „енергетски остров“. Брисел, исто така, тврди дека мерката ќе им овозможи на двете земји да го прошират производството на зелена енергија.
Шпанија тврди дека во периодот од 15 јуни до 15 август цената на електричната енергија била 49,85 евра за мегават-час поевтина отколку што би била доколку не бил воспоставен механизмот за ограничување на цените, со што на потрошувачите им заштедиле околу 1,4 милијарда евра. Но количеството гас што се користи за електрична енергија се зголеми од 17 отсто меѓу јануари и јули 2021 година на 23 отсто во истиот период оваа година. Мадрид соопшти дека тоа се должи на летната суша, која ги погоди хидроцентралите. Пек од ИЦИС рече дека проширувањето на таквиот механизам низ Европа може на сличен начин да ја зголеми побарувачката за гас, со тоа што ќе го направи вештачки евтин, а тоа е токму спротивното од она што требаше да се направи.
Можни следни чекори
Додека Фон дер Лејен најавува дека комисијата ќе излезе со решенија „за неколку недели“, официјалните лица велат дека предлозите веројатно нема да бидат дадени навреме за состанокот на министрите за енергија на ЕУ, на 9 септември, но може да бидат наведени во нејзиното годишно обраќање до парламентот на ЕУ на 14 септември.
Георг Захман од експертската група „Брејгел“ рече дека е тешко да се замисли решение за брзо намалување на големопродажните цени без да се предизвика хаос на пазарите. Според него, системот на оданочување беше подобар механизам за решавање на краткорочното прашање на високите цени, како што е неочекуваниот данок за производителите на електрична енергија што може да се насочи до потрошувачите.
Подготвил: Mарјан Велевски