Според првите апроксимативни аналитички процени, ЕУ верува дека сеопфатните глобални царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп во средата ќе важат за околу 70 отсто од извозот на ЕУ во САД
Први процени за тоа колку ќе ја чинат ЕУ американските царини
Брисел му понуди на Вашингтон царинска шема „нула за нула“ за индустриски добра. Шемата како предлог беше конципирана од европската влада (Европската комисија) и одобрена од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Таа додаде дека е целосно подготвена да преговара по овој предлог на Брисел. Во тој контекст, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, соопшти и дека му понудила на американскиот претседател „нула за нула царини за индустриски стоки“ и додаде дека ЕУ „секогаш е подготвена за добар договор“.
– Европа секогаш е подготвена за добар договор и затоа ова го ставаме на маса. Но исто така сме подготвени да одговориме со противмерки за да ги одбраниме нашите интереси – изјави Урсула фон дер Лајен.
Но претседателот на САД, Доналд Трамп, експресно и без двоумење го отфрли предлогот на ЕУ за укинување на меѓусебните царини за индустриски стоки. На прашањето дали соодветниот предлог од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е доволен за него, Трамп за јавноста децидно и лаконски изјави: „Не, не е“.
Во продолжение на својата изјава за јавноста, на прес-конференцијата во врска со царинската шема „нула за нула“ конципирана од страна на Европската комисија, американскиот претседател даде контрапредлог „земјите од ЕУ да увезуваат значително повеќе енергија од САД“.
– Европските земји ќе мора да купат количество на енергија еднакво на тековниот трговски дефицит на САД со ЕУ. Овој дефицит „брзо ќе исчезне“ како резултат на соодветниот увоз на енергија – изјави во врска со ова претседателот на САД.
Тој сѐ уште ѝ е лут на ЕУ, а тоа недвосмислено го искажа и на последната конференција за печатот, и тоа поради повеќегодишните „нефер трговски односи меѓу САД и земјите од ЕУ“.
– Европската Унија се однесуваше со нас многу, многу лошо. Тие не ги купуваат нашите автомобили (…), тие не ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие практично не купуваат ништо од нас – изјави остро Трамп пред новинарите.
Апроксимативна експертска процена за тоа колку ќе ја чинат ЕУ
царините воведени од САД: Околу 70 отсто од извозот на ЕУ ќе биде погоден од царини, што е одраз на обем од 380 милијарди евра
Висок функционер на Европската комисија (ЕК) се согласи да даде изјава за реномираниот „Политико“ доколку се почитува неговото барање да биде третиран како анонимен извор. Експертот даде за јавноста стручна процена (направена од европски експертски тимови) дека „околу 70 отсто од извозот на ЕУ ќе биде погоден од царини, што е одраз на обем од 380 милијарди евра“, додавајќи дека „оваа бројка ги комбинира реципрочните тарифи од 20 отсто што Трамп ги објави во средата и царините од 25 отсто за автомобили, автоделови и челик и алуминиум објавени минатиот месец“.
Од друга страна, експертите истакнуваат дека иако Велика Британија помина многу подобро од ЕУ добивајќи од страна на Трамп преференцијален статус и како таква само 10 проценти од царините (двојно помалку од ЕУ), и таму е забележлива непријатност во јавноста. За издвојување е дека првичните надежи на јавноста во Британија дека, поради блиските традиционални и пријателски релации меѓу САД и Британија, Лондон може да обезбеди ослободување од царините на Трамп, се покажаа како погрешна процена. Но, без разлика на тоа, како што сѐ уште пишуваат британските медиуми, „државната политика се обидува да реагира мирно, а не емотивно кога станува збор за евентуален одговор на САД“.
Во тој контекст, британскиот премиер Кир Стармер рече дека неговата влада е подготвена да користи „индустриска политика“ за да го ублажи влијанието на царините наметнати од администрацијата на Трамп, додавајќи дека одговорот на Велика Британија ги разгледува сите опции.
– Подготвени сме да користиме индустриска политика за да го заштитиме британскиот бизнис од невремето. Некои луѓе може да се чувствуваат непријатно поради… идејата дека државата треба директно да интервенира. Но ние едноставно не можеме да се задржиме на старите чувства додека светот се врти толку брзо – напиша Стармер во авторски текст објавен викендов во „Телеграф“.
Стармер во текстот напиша дека „непосреден приоритет е да се остане смирен и да се бориме за најдобрата понуда“, додавајќи дека сите опции сè уште се на маса.
Многу е карактеристично дека и лидерот на Конзервативната партија во Британија, Кеми Баденох, ја поддржа политиката на британската влада, изјавувајќи дека „неодмаздата е вистинската работа како прв одговор“.
– Царинската одмазда само ги ескалира трговските војни – изјави Баденох, како реакција на првична поддршка на британскиот премиер Стармер..
Регистрирано ново длабоко разидување во ЕУ заради царините на САД
Шпанија и Италија не сакаат војна со САД, а Париз и Берлин се за остар одговор. Меѓутоа, работите во ЕУ се многу покомплицирани во овој поглед, бидејќи постојат различни интереси на земјите членки, од кои секоја сака да ги заштити своите клучни извозни производи. Тоа најдобро се виде по неодамнешното воведување на американски тарифи од 25 проценти за европскиот челик и алуминиум, кога земјите големи извозници на алкохолни пијалаци (Франција, Италија, Португалија, Ирска) се спротивставија на предлозите на ЕК за одговор на САД што ќе ги вклучи нивните вина, коњак, виски… Така е и сега, по минатонеделните нови царини на САД против ЕУ. Имено, министрите за економија од Италија и од Шпанија ги повикуваат европските влади да избегнуваат конфликти со САД околу царините и покрај тоа што најголемите земји од ЕУ бараат поостар став.
– Ние сè уште бараме договорено решение – рече во саботата Карлос Куерпо, шпанскиот министер за економија, трговија и бизнис.
Џанкарло Џорџети, италијанскиот министер за економија и финансии, ги повика колегите да не го користат „копчето за паника“, објави „Блумберг“.
– Мора да се обидеме да останеме ладни, да го оцениме ефектот и да избегнеме политика на одмазднички тарифи што би биле штетни за сите, но особено за нас – рече Џорџети на конференцијата во Чернобио, во близината на езерото Комо. Претходно неделава италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека американските тарифи се „погрешни“, но дека Рим ќе стори сѐ што е можно за да работи на договор со Вашингтон за да се спречи трговска војна што ќе го ослаби Западот во корист на другите светски играчи. Франција и Германија, сепак, сакаат да видат построг одговор на царините на Трамп.
– Ние сме во силна позиција. Можеме да ги здружиме силите со многу земји, со многу региони во светот и соодветно да го зголемиме притисокот врз Американците – рече германскиот министер за економија Роберт Хабек пред неколку дена.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, сака компаниите од ЕУ да престанат да инвестираат во Америка како одговор на царините на Трамп.
– Важно е идните инвестиции, инвестициите најавени во последните неколку недели, да бидат ставени во мирување на некое време додека не ги расчистиме работите со Соединетите Американски Држави – изјави францускиот претседател Макрон. Р.С.