Урсула фон дер Лајен и Емануел Макрон во центарот на нов скандал
- Европскиот омбудсман започна истрага во врска со основано сомнение за тајна и недозволена комуникација на Фон дер Лајен со Макрон во врска со договорот на ЕУ со Меркосур. Макрон ѝ се обратил на Фон дер Лајен минатата година барајќи од неа да го блокира трговскиот договор ЕУ-Меркосур
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повторно се најде во центарот на вниманието поради нов скандал со СМС-преписка, овој пат со францускиот претседател Емануел Макрон. Унгарската европратеничка Кинга Гал, заменик-лидерка на Патриоти на Европа, објави дека европскиот омбудсман започнал истрага за комуникацијата на Фон дер Лајен со Макрон во врска со договорот на ЕУ со Меркосур. Макрон ѝ се обратил на Фон дер Лајен минатата година барајќи од неа да го блокира трговскиот договор ЕУ-Меркосур. Токму тоа во свое новинарско истражување го откри реномираниот медиум „Политико“.
Имено, за потсетување, во јануари 2024 година, угледниот европски медиум објави дека Макрон приватно ѝ испратил СМС на Фон дер Лајен во обид да го попречи трговскиот договор меѓу ЕУ и групата латиноамерикански земји Меркосур, на кој остро се спротивстави француската влада.
– Како и во случајот со скандалот со „Фајзер“, овие пораки исчезнаа – истакна Гал во објава на социјалната мрежа Икс, посочувајќи на недостигот од транспарентност во работата на Европската комисија и повикувајќи на поголема отвореност од институциите на ЕУ.
За издвојување е и дека претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, претходно беше критикувана за нејзиното справување со набавката на вакцини против ковид-19. На сесијата на Европскиот парламент во Стразбур на 10 јули, за првпат по 25 години се одржа гласање за недоверба на претседателот на Европската комисија. Иако иницијативата следуваше по обвинувањата за корупција во процесот на набавка на вакцини, гласањето не успеа. Од 553 европратеници што учествуваа, 360 гласаа против, 175 за, а 18 се воздржаа.
Овој случај повторно го отвори прашањето за транспарентност и отчетност во работата на највисоките институции на Европската Унија, додека критиките кон Урсула фон дер Лајен стануваат сè посилни во услови на нови европски предизвици. Р.С.