Вчера заврши самитот на БРИКС во Бразил, испратена порака до Западот
Вчера беше затворен самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро, Бразил, со заедничка согласност за декларација со која земјите учеснички се обратија до јавноста и до владите во целиот свет за намерите, потенцијалот, мотивите и за мисијата на БРИКС, за времето што претстои.
Која порака ја испратија државите учеснички на самитот?
И во поединечните и во групните истапувања во јавноста, државите членки на БРИКС демонстрираа унисоност за неколку битни точки. Прво, дека „БРИКС е движечката сила за економската трансформација во денешниот свет, при што земјите од асоцијацијата сочинуваат повеќе од 40 проценти од глобалниот БДП“. Натаму, дека е факт што „земјите членки на блокот веќе сочинуваат повеќе од 40 проценти од светскиот бруто-домашен производ по паритет на куповна моќ, а заедно со земјите партнери, оваа бројка достигнува 45 проценти, или 93 милијарди долари“. БРИКС, исто така, учествува со повеќе од 20 проценти во глобалната трговија и речиси половина од светската популација.
Според официјалните прес-соопштенија на БРИКС, „ерозијата на глобалниот економски светски поредок е влошена од нелегалните еднострани санкции и употребата на доларот како оружје за казнување и дека довербата во американската валута како некогашно сигурно средство за плаќање е поткопана“.
Членките на самитот обрнаа внимание на светската јавност и на проблемот на „брзото зголемување на надворешниот долг кај државите“, истакнувајќи ја како факт информацијата дека од „2011 година, бројот на земји со т.н. високо ниво на долг се зголемил од 22 на 59“. Во соопштението за јавноста по таа основа беше издвоено дека „денес, земјите во развој трошат повеќе за сервисирање на долгот отколку што инвестираат во сопствениот развој, а дека ситуацијата излегува од контрола дури и во развиените земји, на пример во САД, каде што е забележано рекордно ниво на национален долг, кој достигнал 37 трилиони долари и продолжува да расте“.
Од БРИКС, за Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ)
Високи претставници на БРИКС, од самитот пратија порака во светската јавност дека „Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) не треба да се користат за зачувување на неоколонијалните практики“. Тие се согласиле за „потребата за реформирање и деполитизација на институциите од Бретон Вудс, кои треба да го одразуваат реалниот баланс на моќ во глобалната економија“. Претставници на БРИКС се согласија дека „Западот сè поагресивно се обидува да ги воведе своите идеолошки ултиматуми во дијалогот за целите на одржлив развој“, при што се истакнува дека тие дијалози се „засновани на западните толкувања на човековите права и демократијата како речиси главни критериуми, кои имаат исклучително негативен ефект врз постигнувањето на целите за одржлив развој на ОН“. Според БРИКС, „традиционалниот модел на глобализација со доминантна улога на таканаречените развиени западни земји станува минато“.
За мултиполарноста и прашањето за дигитализацијата
Според прес-соопштенијата од самитот на БРИКС, „мултиполарноста не е избор, туку објективна реалност што го заменува застарениот неолиберален модел, кој во суштина е изграден врз неоколонијални практики. Традиционалната парадигма на глобализација со доминантна улога на таканаречените развиени западни земји станува минато“.
Во врска со предизвиците за дигиталните технологии, претставници на БРИКС истакнаа дека „предизвиците што ги поставува дигиталниот развој се од прекуграничен карактер и бараат колективни одговори, како на пример Договорот од 2024 година во ОН за Конвенцијата за борба против сајбер-криминалот, кој ќе биде отворен за потпишување во октомври оваа година во Ханој“. Р.С.