Фото: ЕПА

ПИФ го забави трошењето на глобалните инвестиции, велат банкарите

Пресвртница во финансиската политика на Саудиска Арабија

Во поголемиот дел од изминатата деценија Саудиска Арабија беше значително привлечна за креаторите на финансиски зделки, банкарите и за финансиските менаџери што бараат капитал, бидејќи нејзиниот амбициозен богат суверен фонд тргна во глобално трошење вредно повеќе милијарди долари. Но, додека кралството ги реевалуира своите приоритети и Фондот за јавни инвестиции (ПИФ) од 925 милијарди долари го префрла фокусот на огромните домашни обврски, ерата во која Саудиска Арабија се смета за извор на лесни пари се приближува кон крајот, пишува британски „Фајненшл тајмс“.
– Тоа завршува. Луѓето го сфаќаат тоа – рече висок инвестициски банкар од Дубаи.

Веќе се чувствуваат ефектите од промената

Менаџерите на фондовите, банкарите и компаниите што се обидоа да соберат капитал во кралството веќе ги чувствуваат ефектите од промената. Менаџерите велат дека саудиските власти поставиле многу повеќе услови, честопати барајќи ангажирање локални вработени и барем одредено користење на средствата за инвестиции во домашни компании и проекти. Се наведува дека, за Ријад да одвои нови средства, сака да види реинвестирање во кралството, според банкарите.
– Тоа сѐ повеќе станува практика – објасни извор упатен во работата на богатиот фонд.
Американската компанија за менаџирање средства „Блекрок“ обезбеди пет милијарди долари од ПИФ за да зацврсти нова инвестициска фирма во Ријад, која ја објави во април. Но нејзиниот мандат е фокусиран првенствено на развојот на пазарите на капитал во кралството.
ПИФ во изјава за „Фајненшл тајмс“ наведе дека има „силен инвестициски процес“, овозможувајќи му „да избира партнери и советници што се најпогодни за секој мандат што го следиме“.
– Инвестициите што ги прави ПИФ минуваат низ процес на повеќе комисии и се фокусирани на неговите клучни сектори, во согласност со мандатот и стратегијата на фондот – се наведува во соопштението.
Компаниите исто така веќе не го расчистуваат патот до вратата на Ријад со темпото како некогаш, во потрагата по готовина, велат банкарите.
– Интересот на клиентите е материјално намален, делумно поради тоа што повнимателно проверуваме, делумно затоа што немаше огромен успех од тие напори и турнеи. Луѓето сфаќаат дека не можат само да се појават и да очекуваат чек – истакна банкар од Дубаи во изјава за „Фајненшл тајмс“.

Трансформацијата почна со преземањето на фондот од страна на Мохамед
бин Салман

Тоа е изразен контраст во однос на раните години на значителната трансформација на ПИФ од заспана државна холдинг-компанија со околу 150 милијарди долари во средства под управување во 2015 година, во еден од најактивните и најамбициозните суверени фондови во светот. Промената беше поттикната од престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој ја презеде функцијата претседавач со фондот во 2015 година, давајќи му задача да управува со плановите на Ријад од трилиони долари за диверзификација на економијата и позиционирање на кралството на глобалната сцена.
Бидејќи се обидуваше брзо да ја зголеми својата странска изложеност од речиси нула до целта од 24 отсто од своето портфолио, тој ја разбранува сцената со низа високопрофилни договори, вклучувајќи и вложување на 45 милијарди долари во „Вижн фонд“ на Софтбанк во 2016 година и 20 милијарди долари во Фондот за инфраструктура на „Блекстоун“ следната година.
Во годините оттогаш, тој вложуваше пари во различни сектори, од производителот на електрични автомобили „Лусид“ до неговиот контроверзен потфат со „ЛИВ голф“, групација за крстосувања, рударство, спорт и гејминг-компании. Исто така, вложи десетици милијарди на американските и европските пазари на акции и инјектира две милијарди долари во фонд што инвестира приватен капитал основан од зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Засилувањето на активностите се совпадна со затегнувањето на ликвидноста во другите делови на светот, означувајќи ги Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив богати со нафта како извор за финансирање. Тоа чувство се засили откако војната во Украина ги доведе цените на енергентите до повеќегодишни највисоки нивоа, што ѝ помогна на Саудиска Арабија да оствари буџетски суфицит во 2022 година – првпат во речиси една деценија.

„Дланката со пари се стега“

Но, оттогаш, кралството го намали производството на нафта во обид да го стабилизира омекнувањето на цените на суровата нафта. Тоа ги погоди владините приходи и го врати буџетот во дефицит, при што Ријад се соочува со огромни финансиски обврски за финансирање на плановите за развој. Оттогаш пропаднаа и зделките, велат банкарите.
– Во последните осум години Саудиска Арабија излезе во светот со отворена рака со пари. Сега дланката се стега и се повлекува во државата. Тоа е дел од стратегијата за созревање. Тие не можеа да продолжат вака засекогаш – изјави инвестициски банкар од Лондон.
Според поднесоците во Комисијата за хартии од вредност на САД, тргуваните акции на ПИФ во САД забележаа пад од околу 35 милијарди долари на крајот на 2023 година на 20,5 милијарди долари на 31 март, пред да се стабилизираат во вториот квартал на 20,6 милијарди долари. ПИФ го продаде својот удел во „Блекрок“ и ги отфрли своите акции во компанијата за патнички бродови „Карнивал“ и во групацијата „Лајв нејшн“.
Саудиските власти велат дека амбициите на кралството не се променети и дека сѐ уште има значителна активност со продолжување на работата на низа мегапроекти. Но, министерот за финансии Мохамед ал-Џадан во април рече дека Ријад ќе се „приспособи“ како што е потребно.
– Ќе продолжиме некои од проектите, ќе намалиме и ќе забрзаме некои проекти – рече тој.
Извршен директор на компанија за менаџирање средства во САД додаде дека принцот Мохамед бин Салман е фокусиран на изградба на инфраструктура.
– Саудиска Арабија значајно се префрли на домашни проекти за раст. Тие имаат храбра амбиција за тоа што сакаат да станат – истакна директорот.
Друг банкар со седиште во Лондон посочи дека изгледите за финансирање „не се толку удобни како што тие сакаат да бидат, па мора да направат некои тешки избори“.
– Тоа е разумно и тие се малку позрели, не ризикуваат по секоја цена. Но тоа значи дека станува помалку профитабилно за банкарите. Другиот аспект е дека на Саудијците им е смачено затоа што ги третираат само како извор на пари и тие се крајно сомничави кон бркачите на хонорари. Тие сакаат луѓето да вложат – објаснува банкарот.
Тој додаде дека промената на темпото е „циклично прашање“, во согласност со падот на приходите од нафтата, велејќи дека долгорочната привлечност на Саудиска Арабија е „сè уште многу силна бидејќи тие имаат многу да направат од развојна перспектива“.

Фондот се фокусира на стратегиски инвестиции

Инсајдерот во ПИФ рече дека фондот повеќе се фокусира на стратегиски инвестиции за разлика од раните години на неговата трансформација, кога „се обидуваше брзо да распореди пари во одредени области“.
– Постои пауза во однос на трошењето. Дефинитивно глобалните инвестиции нема да бидат присутни во голема мера во следните две-три години – рече саудиски извршен директор.
Ќе има исклучоци, објасни тој, особено во областите за кои се смета дека му додаваат вредност на кралството, како што се производството, вештачката интелигенција и технологијата.
Трошењето продолжува дома, при што ПИФ има цел да инвестира најмалку 40 милијарди долари годишно во кралството бидејќи надгледува серија мегапроекти додека развива нови индустрии, вклучувајќи туризам, спорт, рударство и производство. Ријад исто така треба да се подготви како домаќин на низа меѓународни настани, вклучувајќи ги фудбалскиот Азиски куп во 2027 година, Азиските зимски игри во 2029 година и Експо во 2030 година. Покрај тоа, тој е единствениот што засега се нуди за организација на Светското првенство во фудбал во 2034 година.
Банкарите додадоа дека подружниците на ПИФ – вклучувајќи ги и новата авиокомпанија „Ријад ер“, ентитетот за игри „Сави“ и рударската компанија „Ма’аден“ – самите вложуваат голем дел од инвестициите додека се обидуваат да ги исполнат своите цели.
– Има многу активност во портфолио-компаниите на ПИФ, а не на ниво на ПИФ – рече банкарот од Дубаи.
Тој додаде дека „паричниците“ на банкарите ќе се префрлат повеќе од инвестициски договори кон финансирање.
– Тоа не е нужно промена на стратегијата, тоа е еволуција – заклучува банкарот. Р.С.