Американскиот магазин „Блумберг“ објави дека Северна Кореја претставила нови беспилотни летала за самоубиствени напади, повикувајќи на интеграција на вештачката интелигенција во нејзината програма за оружје, додека пак Јужна Кореја планира да користи ласери за соборување на дроновите.
Официјалната корејска централна новинска агенција објави дека Ким Џонг Ун повикал на зголемена употреба на технологијата за извршување на напади и рече дека е важно да се развијат и произведат повеќе самоубиствени беспилотни летала од различни типови за употреба од тактичките пешадиски единици и специјалните операции.
На снимките објавени од севернокорејските државни медиуми се гледа како беспилотните летала се лансираат и летаат над тенкот, кој што потоа, се гледа како гори.
Министерството за обединување на Јужна Кореја соопшти дека ова е првпат Северна Кореја да открие самоубиствени беспилотни летала.
Иако нивото на беспилотни летала што ги поседува Северна Кореја и нивната способност да распоредат вештачка интелигенција може да бидат сомнителни – според магазинот – Ким го направи приоритет развојот на дронови за употреба во воздух и море.
Јужна Кореја беше предупредена за заканата со беспилотни летала кога Пјонгјанг испрати пет беспилотни летала преку границата во 2022 година, од кои едно полета во близина на канцеларијата на претседателот Јун Сук Јеол во Сеул, а јужнокорејската војска во тоа време не беше во можност да го собори.
Набргу по откритието, Јужна Кореја објави план да потроши околу 560 милијарди вони (423 милиони долари) во следните пет години на беспилотни летала, вклучувајќи системи за соборување на непријателски беспилотни летала. Минатиот месец објави и дека планира да развие и распореди ласерско оружје за уништување на севернокорејските беспилотни летала.